Политиката како метафизика

Во поново време политиката кај нас стана еден вид на метафизика и нова религија, егзотичен опиум за широките народни маси. Таа е Молох (божество од еврејската митологија, во чија чест биле жртвувани и палени деца, заб. на прев.) што сѐ проголтува. Политиката продира во сите пори, присутна е во сѐ и сешто. Сѐ ѝ е подредено и е кон неа насочено. Од неа сѐ црпи власт и моќ.

Во таа религија на денешницата, врховно божество е партискиот лидер. Избран народ и највисока вредност е партијата; врховно добро е цврстата и ефикасна организација; највозвишен морал е обожувањето на лидерот и статус кво-то; најголема слобода е претопеноста во партијата и целосната обезличеност. Портпаролите се „апостоли на новата религија“. Највносна работа е да се биде член на партијата, највозвишена убавина е величањето на партискиот лидер, главниот и извршен одбор (партиските светители) и бизнисмените; најважна должност е немањето на свое ЈАС (свој став, суд), туку партиско ЈАС и зборувањето на она што лидерот го мисли и сака; најблескави интелектуални достигнувања се успешните апологии на сезнаењето на партиските лидери и сите негови постапки.

Политиката како метафизика
Со политиката како религија и метафизика (а и со религијата како политика), како што вели еден сатиричар, „не мора да се грижиме за иднината, оти ја немаме“.

Партиите имаат свои „свети книги“ (програма, статут), „икони“ (постери од лидерите), „свети предмети“ (значки, сувенири), „храмови“ (комитети и седишта), „празници“, „ритуали и слави“. Најценети интелектуалци и научници се оние, „услужните“, кои ја пропагираат „мислата на власта“. Тука се и светите зборови – мантри: „волјата на народот“, „човекови права“, „демократија“, „пазар“, „Европа“, „името“1, „државен интерес“. Неистомислениците се непријатели. Оној кој ја напуштил партијата е еретик и е поопасен од неистомислениците. „Спасението“ на народот настапува кога „ние“ ќе дојдеме на власт, а „рајот“ кога ќе се влезе во Европа и кога „оние“ ќе паднат од власт. Изборите се претворени во апокалиптично време. Тоа се „денови на судот“, „денови на живот или смрт“. За да се освои власта, или да се задржи, сѐ е дозволено: сите методи на перење на мозоци, кривотворење, лицемерие, алчност, додворување, навредување, клеветење. Обврзувачки е: јавно да се залагаш за општи нешта, за доброто на народот и државата, а практично треба сѐ да се подреди на личниот интерес и интересот на „својата“ партија.

Новата религија насекаде и на секое место ја оприсутнуваат медиумите. Тие нејзе ѝ посветуваат повеќе време и простор одошто на било што друго (а и она што останува, помалку или повеќе, е зачинето со политика). Медиумите во наголема мера се „сервис“ на апостолите и проповедниците на празни зборови и пароли, слободи на нечестието, навреди и клевети. Во наголема мера тие се во служба на луѓето – саморекламери, кои себеси се претвориле во религија, кои за другите немаат добар, а за себе лош збор.

Таа нова религија е религија на раздорување, раскрчмување, дезинтеграција, способна само за произведување на промашени и недовршени луѓе. Тоа е нов тоталитаризам и идолопоклонство кои успешно нѐ враќаат во далечната праисторија. Ако судиме по „агитирањето“ и делувањето на нашите партии во изминатите денови, можат да им позавидат и најтоталитарните секти. За да врбуваат и придобијат некого, сѐ им е дозволено: мито, уцени, лажни ветувања, страв, демонизирање на неистомислениците, создавање паника и безнадежност. Сето тоа се право во име на „светите идеали“: „името“, „Европа“, „посветла иднина“, „благосостојба на народот“. И така, со неверојатна брзина, успешно и ефикасно, се укинуваат границите меѓу вистината и лагата, доброто и злото.

Со политиката како религија и метафизика (а и со религијата како политика), како што вели еден сатиричар, „не мора да се грижиме за иднината, оти ја немаме“.

проф. д-р отец Радован Биговиќ
авторот е поранешен декан на Православниот Богословски Факултет во Белград

1 Во изворниот текст стои „Косово“. Преведувачот се реши за замена на оваа мантра која се користи во Србија со соодветната мантра која се користи во „ритуалите“ на политичката сцена во Македонија, имено, „името“.

Оставете коментар

1 Comment on "Политиката како метафизика"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Партиската поделеност во САД се прошири во широк и горк расцеп околу прашањата за истополови бракови, емиграција или вооружување, сите поттикнати од сè поголемата финансиска нееднаквост. […]

wpDiscuz