Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе

Ловци на луѓе

И одејќи покрај Галилејското море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, и им рече: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.” И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Потоа, одејќи, понатаму виде други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во Кораб со Заведеја, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест.

Мт. 4,18-23

Господ ги повикал Петар и Андреј, и тие, оставајќи сѐ, веднаш пошле по Него. Ги повикал и Јаков и Јован. и тие, исто така, оставиле сѐ и пошле по Него. Но, зошто така брзо и радосно пошле по Него? Затоа што виделе што е подобро. Таков е законот во нашата душа: кога таа ќе спознае и вкуси нешто подобро, се одвраќа од полошото и го напушта. Се случува она што подоцна Господ го кажува преку приказните за скриеното богатство во нивата, и онаа за скапоцениот бисер. Богатството и бисерот се верата во Господа и заедницата со Него според силата на верата.

Ова богатство ние го стекнуваме уште со самото Крштение. Меѓутоа, зошто толку малку го цениме ова богатство, и зошто го менуваме за ништавило? Затоа што за време на нашето воспитување, во нас не го внесуваат вкусот на тоа богатство, и тоа му е туѓо на нашето срце. Нашето срце не го познава она „подоброто“. Нашето срце знае само за она што е помалку или повеќе зло, и на тоа го темели својот поглед. Поради ова, некои одговараат и тргнуваат по Господа кога Тој ги повикува, додека ние, иако повикани, бегаме од Него.

Св. Теофан Затворник
„Мисли за секој ден во годината“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz