Похвално слово за свети пророк Илија

Свети пророк Илија

на свети Климент Охридски

Сега светлозарното сонце го озарува со светлина небесниот свод при искачувањето на огнените коњи. Сега целата вселена, озарена со светлозарни зраци, радосно торжествува, празнувајќи го пресветлиот спомен на огненосниот пророк Илија, зашто овој чудесен Илија ја просветли целата вселена како сонце со извонредни чудеса и знаци, и ревносно ги изгоре противниците и непокорните на Вистината.

+++

Пишано е дека Илија пак ќе дојде во последните дни, и ќе проповеда меѓу јазичниците (незнабошците) и среде поколенијата на синовите Израилеви, викајќи кон луѓето и говорејќи: „Никој од вас, браќа, да не му верува на противникот Божји – антихрист, зашто наскоро ќе биде уништена неговата измама. Ете, Господ доаѓа од небото во славата на Своето Божество, за да им суди на живите и мртвите, и да даде секому според неговите дела“. Бесрамната змија, ѓаволот, не ќе може да ги поднесе изобличувањата на пророкот и ќе го убие, и нема да дозволи да го погребаат неговото тело. И откако неговото тело ќе остане три и пол дена, како што сведочи за него евангелистот Јован во своето видение, духот од Бога пак ќе влезе во Илија и тој ќе се исправи пред сите луѓе. Голем страв ќе ги обземе сите оние што стојат пред него и го гледаат неговото чудно воскресение.

Со таква благодат Христос го прослaви него над секоја човечка сила. Со такви чудеса го вооружи Христос – Севишната Премудрост. Со такви похвали го украси десницата на Седржителот, бидејќи тој уште од младоста беше чудесен со дела, и со страшни претскажувања, со неискажлива сила и со голема власт. Тој стана сличен на серафим и херувим; со чудесата сјае како сонце, и со похвали ги овенчува благочестивите луѓе, носејќи го на себе венецот на славата Господова, и со божествен оган ги гори противниците. Илија засветли меѓу пророците како сонцето меѓу ѕвездите и со светлозарните зраци ја озари целата вселена. Со благодатта тој помазуваше прорoци и цареви, и прогонуваше бесови, ги искорна и ги уништи сите идолски жртвеници, заедно со нивните служители. Навистина, тој беше доброплодна маслина која разлева духовна сладост. Со својот збор тој ги затвораше небесата и со духовна молитва пак пушташе дожд и ја напојуваше земјата. Луѓето ги заштитуваше од гневот Божји со чиста молитва.

Илија, огненосен и втор претеча на Христовото пришествие!
Илија, светлозарна Деница!
Илија, пречист сад во кој Бог живее!
Илија, од Бога засадена лоза, која со благ мирис ја напојува целата вселена!
Илија, светлозарно сонце!
Илија, дождоносен облак!
Илија, високолетечки орел!
Илија, златозарен зрак!
Илија, проповедник на вистината за Христовото пришествие!
Илија, голем разрушител на сатанската измама!
Илија, огновдахновен јазик што пламти од јарост против непријателите на вистината!
Илија, топол застапник за ожалостените!
Илија, тврд камен на верата!
Илија, добар водач на сите кон вечниот живот!

Ние те молиме, воведи нè во вечниот живот и нас, кои го почитуваме твојот пресвет празник, за слава и чест на Пресветата и Пребожествена Троица – Отецот и Синот и Сетиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz