Второ похвално слово за раѓањето на св. Јован Крстител

Иванден

на свети Климент Охридски

Вечниот извор на Божеството, кој тече непрестајно и ги напојува нашите души исушени од неверие, денес ни се јави како ѕвездата Деница, која му претходи на пресветлото Сонце и со светлина ја озарува целата вселена, и со возвишена проповед го собира целиот свет за прекрасното чудо. Тој радосно ги весели неплодните утроби и подготвува ликување за престарената природа, и со снопови ја исполнува неплодната земја и ја овенчува со благомирисни цветови, и со ангелски глас ги исполнува запустените гори и пештери, и за храна на верните подготвува срдечни капки, и земните ги тера да пеат со ангелите, и со радост ги возведува на небото. Поради тоа, секој што ќе пие од тој Извор со вера, вечно ќе биде жив.

Еве како нè учи за ова блажениот евангелист Лука:

„Во деновите на царот Ирод имаше еден свештеник по име Захариј, а неговата жена се именуваше Елисавета. Тие беа веќе во напредната возраст, но беа праведни и ги исполнуваа сите Божји заповеди, очекувајќи да изникне од Бога насадената фиданка“. Затоа требаше на ваков чудесен начин да се роди овој Претеча и Крстител Христов, та и по тоа да познае каменосрдечниот род еврејски на кој Цар Му е проповедник и претеча, бидејќи порано за него возвишено предвести и пророк Исаија, од името на Господа, велејќи: „Ете, Јас ќе го испратам Мојот ангел пред Моето лице, и тој ќе го приготви Мојот пат пред Мене“, односно дека ќе Ме проповеда Мене, Кој сум дошол на земјата во тело, за да ја побарам и да ја спасам Адамовата природа, во распадливост падната.

Бог не можеше да го гледа човечкиот род држан од ѓаволската измама, затоа го испрати својот архангел Гавриил, велејќи му: „Отиди при свештеникот Захариј и јави му за раѓањето на пресветлиот Мој Претеча, и тагата негова во радост претвори ја, утеши ги неговите многунажалени солзи, одврзи ги неплодните врски од неговото тело, развесели ја неплодната утроба со заповедта на твојот свет глас, протерај ја мрзливоста од остареното тело“.

Еден ден, кога Захариј служеше според својот обичај, се случи да влезе во храмот Божји да послужи и да покади во Светињата над светињите и да Му се помоли на Бога за себе и за луѓето. Зашто не секогаш влегуваа свештениците во Светињата, туку само еднаш годишно и само свештеникот, а сиот народ стоеше надвор и се молеше. Нему му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник. Кога Захариј го виде (ангелот), се збуни и го обзеде страв. Тој размислуваше во себе и си велеше: „Какво ли е ова ужасно видение? Гледам дека неговиот изглед е страшен, неговиот облик е сличен на човек, а неговата пресветла облека го заслепува мојот поглед. Да не е ова заради некаква казна од Господа Бога за мене и за луѓето?“ Додека тој размислуваше вака, ангелот му рече: „Не бој се, Захариј, не ужасувај се, и не влегувај во такви помисли! Зашто, ете, Елисавета, твојата жена, ќе зачне во својата утроба и ќе роди син, и ќе му дадеш име Јован; и тој ќе ти биде радост и веселие, и мнозина ќе се зарадуват поради неговото раѓање“.

А тој, исплашен уште повеќе, размислуваше во себе, говорејќи: „Двоен страв и трепет ме обзеде. Кој ли видел некогаш или слушнал да се роди дете на ваква старост?“ Тој си размислуваше и говореше според човечката природа, а не според Божјата заповед, зашто од Бога сè е можно за оној што верува.

И му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа кога јас сум веќе стар, а жена ми е во поодминати години?“ Нејзиното време за раѓање веќе поминало, телото ѝ е ослабено, а и силата ја напуштила; денот се приклонил кон запад, ноќниот покој се наближил, и не можам да сфатам како ќе се случи реченото од тебе. Оти „секое нешто е добро во свое време“. Тој беше заборавил за староста Авраамова и за неплодноста на Сара, па затоа му доаѓаа такви мисли во умот.

Но ангелот одговри и му рече: „Захариј, зошто падна во такво неверие? Зар Сара не го зачна својот син Исаак во староста своја? Или зар не е можно да се исполни твојата желба по Божја волја? Зар Он не ја потврди мојата вест кон тебе со збор? Јас сум Гавриил, архистратигот на Божјите сили, кој стојам пред Бога, и сега сум испратен да зборувам со тебе и да ти ги навестам овие работи. Но бидејќи не им поверува на моите зборови, ќе молчиш (ќе бидеш нем) до исполнувањето на моите зборови“. И ангелот исчезна од пред него. А кога Захариј излезе надвор, не можеше да им одговори на луѓето ништо. И сите разбраа дека имал видение во храмот.

А по тие дни зачна Елисавета, жената на Захариј, и таеше пет месеци, велејќи: „Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледна, за да го отстрани од мене укорот меѓу луѓето“.

Во шестиот, пак, месец беше испратен од Бога архангелот Гавриил при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, а името на девојката ѝ беше Марија. И кога влезе ангелот при неа, ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба. Зашто, ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус, оти Он ќе ги спаси луѓето од нивните гревови“.

А таа, кога го слушна поздравот, се збуни и му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа со мене, кога јас не знам за маж?“ Но ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени, затоа и Роденото од тебе е свето и ќе се нарече Син Божји. Ете, и Елисавета, твојата роднина, нарекувана неплодна, и таа зачна син во староста своја, и веќе е во шестиот месец; зашто во Бога нема да остане бессилен ниту еден збор“. Шести месец е, вели ангелот, откако Захариј ја прими добрата вест, откако Елисавета го зачна Господовиот Претеча, откако се разврза пречистата утроба и го прими богозарниот зрак, кој Му претходи и Го проповеда духовното Сонце – Христос, Кој доаѓа во тело.

Во тие денови стана Марија и отиде во горниот крај во домот Захариин и ја поздрави Елисавета. Штом го слушна Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина, и со мајчинската уста извика гласно, велејќи: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?“

О, богозрачни очи и светлозарен јазику! Откако Го позна Зракот на Отецот, носен во утробата (на Марија), Елисавета не се посомнева, туку со мајчинската уста извика, говорејќи: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ!“ Ти – рече таа, Го носиш Царот, а јас – војникот; ти ја носиш Светлината, а јас – светилникот; ти Го носиш Сонцето, а јас – месечината; ти Го носиш Творецот и Господар на сè!

Кога на Елисавета ѝ дојде времето, таа роди син. И сите оние што живееја околу неа, и нејзините роднини, слушнаа дека таа родила син, дека Господ ја возвеличил Својата милост над неа, и се собраа како да се случило големо чудо, и сакаа да му го дадат името на неговиот татко Захариј. Бидејќи Захариј беше нем и не можеше да проговори, мајката на детето, кога слушна, рече: „Не, туку да се нарече Јован!“ И таа, движена од Светиот Дух, го проѕираше претскажаното на Захариј од ангелот, за неговата согласност во врска со името на детето. Тогаш Захариј побара штичка и ги напиша зборовите: „Јован му е името“. И веднаш по овие зборови се отвори неговата уста и јазикот негов се одврза и говореше, благословувајќи Го Бога, и рече: „Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави Својот народ“. Пророкувајќи за детето, рече: „А ти, младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа, за да го подготвиш патот Негов, и да му дадеш на Неговиот народ да го познае спасението преку прошка на гревовите наши, поради големото милосрдие на нашиот Бог, со кое нè посети Исток од висините, за да ги просветли оние што седат во темнина и во смртна сенка“.

Ете, денес од самиот Исток над истоците ни изгреа пресветлата Деница, која врви напред и нашите нозе, заблудени од ѓаволската измама, ги насочува по патот на мирот. Затоа и ние денес велегласно да извикаме со похвала, едногласно велејќи му:

„Радувај се, Пророку сечесен и двоен Претечо, кој стоиш повисоко од сите небесни и земни чинови, и кој како гром загрме!“

И кога еврејскиот народ се собираше отсекаде, тој викаше, говорејќи: „Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него“, за да ги приготвам Неговите патишта, како што рече пророк Исаија, говорејќи: „Гласот на оној што вика во пустината: ’Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови’. Он треба да расте, а јас да се смалувам! Јас ве крштавам со вода, измивајќи ве од гревовите како нечисти садови, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и и со сила“.

Радувај се, светилнику на Трисветлото Божество, кој светиш со зракот и целиот свет го просветлуваш со богозарни зборови!
Радувај се, Јоване, кој имаш ист престол со шестокрилните (серафими) и стоиш во хорот на четиризрачните (херувми), сожителу на бесплотните (сили)!
Радувај се, Пророку и Претечо, кој си повисоко од земната природа, како што Самата Вистина сведочеше за тебе, велејќи: „Никој меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“, бидејќи тој е наречен благодат Господова.
Радувај се, Јоване, кој си крај и печат на секое пророштво!
Радувај се, пресветол Претечо, началнику на апостолите и неискажлива радост на мачениците!
Радувај се, пресветол венецу на архијереите, и добар исповеднику на правоверието!
Радувај се, Јоване, началнику на пустиниците, и тврда и неразрушлива крепост на испосниците! Зашто преку тебе Христос даде образец за пустинскиот живот, и како риби ги привлече сите кон Себе со твојот извонреден живот.

Поради тоа, што да речам или што да кажам? Се восхитувам на твојата неискажлива премудрост и смирение, со коишто ги исполни пустините и горите, пештерите и земните бездни! Самиот ти врвеше по тесниот и скрбен пат, говорејќи им на сите: „Покајте се, зашто се приближи царството Божјо!“ Бог да нè удостои и ние да бидеме учесници во тоа Царство, со благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому нека е слава, чест и сила, со беспочетниот Отец и со Пресветиот, Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков, амин.

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz