Похвално слово за св. Јован Крстител, за денот по Богојавление

на свети Климент Охридски

Кога Јован Го виде (Исуса) како доаѓа при него како обичен човек во облик на слуга, се смути од ужас и обземен од страв повика, говорејќи: „Што правиш, Господи, па доаѓаш на водите (јордански) како обичен човек во облик на слуга? Каде Ти се бесплотните чинови кои секогаш врват пред Тебе и Ти ја пеат Трисветата песна, среде кои во она време му се јави на Твојот угодник Мојсеј? Каде Ти се шестокрилните (серафими) кои стојат околу Тебе, коишто во она време му ги покажа на Твојот пророк Исаија, кој Те виде како седиш на висок и издигнат престол? Каде Ти е безбројното мноштво бесплотни сили – десетици илјади по десетици илјади, коишто во древноста ги виде Даниил како стојат околу Твојот престол? Каде Ти се четиризрачните животни, врз кои Те виде Езекил како почиваш? Каде Ти се престолите, господствата, властите и силите, врз кои почиваш постојано, славен заедно со Отецот и со Духот? Каква потреба имаше, Владико, та слезе во овој беден облик, Ти, пред Кого трепери сè и сè исчезнува? Небесните и земните предели не можат да Те сместат, а како ќе може да Те смести Јордан? Морето Те виде и побегна; и Јордан, кога Те виде, исчезна и својот тек го врати назад. А јас, како ќе пристапам кон Непристапниот? Како ли ќе ја пружам распадливата десница кон предвечниот Живот? Нема ли да отпаднам од второто посинување, кога ќе ја пружам недостојната рака кон вечно Постоечкиот и кон бесмртниот Живот, како што Адам во она време ја пружи својата рака кон дрвото кое дава знаење? Кој видел некогаш да биде осветлен од сонцето Оној што со Својата светлина ја осветлува вселената? Еве, Ти си го дал крштението заради грешните, за да можат тие да си ги мијат сите прегрешенија! Но Ти, Владико, која нечистотија сакаш да си ја измиеш!? Затоа, јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш при мене грешниот, бидејќи од Тебе – Создателот се очистуваат сите! Од Тебе, Дарителот на светлина, се просветлува сè. Навистина, несфатлива е оваа Твоја тајна што ја извршуваш, правејќи го ова! Впрочем, кои гревови сакаш да ги измиеш, кога си неосквернет по природа? Но Самиот Ти, крсти ги дојдените луѓе и, пред сè, мене, бидејќи јас имам потреба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш при мене!“

+++

Ете, впрочем, и евангелистот (Јован), јасно говорејќи, рече: „А утредента Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и повика, говорејќи: ‘Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на целиот свет’. За Него ви сведочев јас кога реков дека по мене иде Маж, Кому не сум достоен, откако ќе се наведнам, да ги одврзам врвките од Неговите обувки. Него слушајте Го, за да примите од Него совршено крштение. Оти јас ве крштавам со вода за покајание, а Тој ќе ве крсти со вода и со Дух Свети. За Него рече пророк Исаија, велејќи: Гласот на оној што вика во пустината, вели: Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови“.

Св. Јован Крстител

Затоа, која ли уста може да го изрази твоето благовестие, кога твојот глас беше пострашен од гром? Кога народот се крштаваше, Јован им рече: „Јас не сум Христос, туку сум Неговиот претеча, кој ви вика: Покајте се, зашто при вас иде Оној Кој го подарува Царството, и Кој врз Себе ги зема гревовите на целиот свет. Тој е Оној што крштава со Дух Свети и со сила. Човечкиот ум не може да го изрази Неговото раѓање. Првото Негово раѓање е предвечно од Отецот на небесата, а второто раѓање на земјата го примил заради нас, без татко, од Пречистата Дева. Затоа Он треба да расте, а јас да се смалувам. Јас сум како зрак што осветлува мало место, а Тој ги озарува сите со божествена светлина. Он е Единородниот Син од Бога Отецот, Кој дошол да го обнови Своето создание, а јас сум роден од свештеник кој достигнал чесна старост, за да проповедам подготовка на Неговите патишта. Освен тоа, раѓањето на Оној е необично и чудесно од Пречистата Дева, без татко на земјата, заради нас, а моето – од изнемоштеното тело на Елисавета, која беше веќе во одминати години. Родениот од земното говори и проповеда земни работи, а Оној што е од небесата, проповеда и учи за небесни работи; зашто роденото од тело е тело, а роденото од Дух е дух. Ветерот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди“.

+++

Навистина, о Пророку и Претечо, ти стана сведок на сè ова, и на повеќе од тоа, на страшната промисла, зашто преку тебе се откри она што беше скриено од ангелите и од архангелите, од властите и престолите, од силите и господствата, и од сето небесно создание. Ти стана очевидец на неискажливата тајна и служител на таа страшна промисла, и благовесник на неискажливи чудеса кои се случија меѓу тебе и нашиот Господ Исус Христос. Ангелите и архангелите, слушајќи ги овие расправии, говори и дела, и гледајќи го нивното остварување, со трепет се чудеа и со крилјата ги покриваа своите лица.

Поради тоа, кој ќе ги искаже твоите величија?

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Оставете коментар

1 Comment on "Похвално слово за св. Јован Крстител, за денот по Богојавление"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
wpDiscuz