Похвала на св. Климент, папа Римски, напишана од св. Климент Охридски

Небото радосно се весели, украсено со светлообразни ѕвезди, и на својот Создател Му принесува неискажливи пофалби. А Црквата Христова светло ликува, имајќи ги како благомирисни цветови пророците и апостолите, и мачениците со архиереите и преподобните, и се украсува со нивните прекрасни слова. Со тие благомирисни цветови – светителите, се украсува со радост целата вселена како со венец, и од нивните мошти прима исцеленија како од река, зашто силата на Севишниот ги осени со благодат и со восхитувачки чуда, како што е речено преку пророкот: „Господ ги чува коските на праведните, и ниту една од нив нема да се скрши“.

Така (Господ) чудесно го прослави и овој светлозарен архиереј, откако неговите мошти ги покри со пурпурни бранови и ги запази. Него Премудроста го роди и добро го надои, а Светиот Дух го израсна, и го постави за венец и светилник на целата вселена, како што рече Господ во светото Евангелие: „Не може да се скрие град што стои на врв планина. Ниту, пак, се пали светилник и се става под поклоп, туку на свешник, за да им свети на оние што се во куќи“.

+++

Навистина, не само една црква, ниту две, туку целиот свет собран денес во негов спомен Го прославува Бога, како што рекол Светиот Дух преку пророкот, говорејќи: „Бог се прославува во соборот на светите. Силен си Ти, Господи, и вистината Твоја е околу Тебе, зашто Ти владееш со морската сила, и ги скротуваш неговите силни бранови“; за Израилците ја раздели непроодната бездна на морето, и покажа неискажлива сила против нивните непријатели.

Почитувајќи ги сите негови добродетели, и неговиот живот кој стои повисоко од луѓето, нема со кого да го споредиме и подобни пофалби да изречеме, зашто него Самиот Господ го прослави, кога ја раздели морската бездна, како некогаш пред Мојсеј, и непроодното море го направи проодно за своите нови луѓе.

Затоа и ние, приоѓајќи при него жедни, со желба да ја изразиме нашата непосрамена радост поради него, да речеме:

Радувај се, радосна похвало и возљубен наследнику во службата на врховниот апостол Петар!
Радувај се, богогласен органу, кој со чудеса ја исполни сета вселена!
Радувај се, многусладосна лозо, која го исполни целиот свет со благочестиво учење!
Радувај се, непорочен орелу, кој ја прелета сета вселена!

+++

Затоа, браќа, да побрзаме да отфрлиме секаква злоба. Од нас зависи дали со злоба, со мрзливост и сластољубие ќе заслужиме мака, или со чистота, воздржување и милостина ќе примиме Царство небесно и вечен живот, по благодатта и човекољубието на Единородниот Син Божји, Господ наш Исус Христос, Кому прилега секаква слава, чест и поклонение со беспочетниот Отец, со Пресветиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш (и во веки веков. Амин).

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ СОБРАНИ ДЕЛА: СЛОВА, ПОУКИ, ЖИТИЈА
во редакција на протопрезвитер Јован Таковски
во издание на САС на МПЦ-ОА, 2012

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz