Погледни

Петминутна лекција од онлајн генерацијата за она што значи (значеше) да се биде човек.

Јас имам 422 пријатели, но сепак сум осамен. Зборувам со нив секојдневно, но ниту еден од нив не ме познава. Проблемот е во тоа што не ги гледам во очи, туку гледам во нивното име на екранот.

Се навраќам наназад и размислувам. Гледам околу мене и разбирам, дека овој медиум, којшто го нарекуваме „друштвен“ (социјален), воопшто не е таков кога ги отвораме компјутерите, а ги затвораме вратите.

Сета технологија што ја имаме е само илузија на заедница, на дружба, на некое чувство на припадност, а кога ќе се оттргнеме од уредот на заблуда, се будиме и гледаме еден свет на конфузија.

Свет, во којшто ние сме робови на технологијата која самите ја усовршивме, свет во којшто нашите информации ги продава некоe богатo и алчно копиле. Свет во којшто добивката, претставата и промоцијата е само за самите нас, кадешто ги споделуваме најситните детали, а ги изоставаме емоциите.

Најсреќни сме кога ќе споделиме некое искуство, а тоа е исто како и да не сме го споделиле со никого. Ако си тука за твоите пријатели, тогаш и тие ќе бидат за тебе. Сепак никој нема да дојде, ако може да направите заеднички чет.

Ние постираме и преувеличуваме, жедни сме за ласкање. Се преправаме дека не ја забележуваме социјалната изолираност. Ги редиме зборовите со ред, се додека нашите животи не заблескаат, а не ни знаеме дали некој нè слуша.

Морам да нагласам, дека проблемот не е во тоа да се биде сам. Да се прочита книга, да се наслика слика или да се спортува значи да се биде продуктивен и присутен, а не резервиран и осамен. Тогаш си буден и внимателен, и полезно го користиш твоето време.

Затоа, кога си во јавност, и кога ќе започнеш да се чувствуваш осамено, остави го телефонот и стави си ги рацете зад глава. Не мора да зјапаш во менито, или во именикот, само обиди се да зборуваш со другиот и да научиш да сопостоиш.

Не можам да ја поднесам тишината која владее во преполниот патнички воз, кадешто никој не сака да комуницира од страв да не изгледа лудо. Стануваме недруштвени. Повеќе не ни е доволно да зборуваме со другиот и да му гледаме во очи.

Опкружени сме со деца, кои откако се родени, гледаат како живееме како роботи, и сметаат дека тоа е правило. Најверојатно ти и не си најдобриот татко, ако не можеш да го забавуваш твоето дете без да користиш iPod. Кога јас бев дете, никогаш не бев дома. Најчесто бев надвор со другарчињата. Возевме велосипеди, со искинати патики и издраскани колена и правевме куќички високо на дрвјата.

Сега, парковите се толку тивки. Морници ме лазат кога гледам дека нема деца и дека нишалките висат мирни и празни. Нема скокање на јаже, нема играње дама, нема трчање, нема џагор. Ние сме генерација на идиоти; паметни телефони – глупави луѓе.

Затоа крени го погледот од твојот телефон, исклучи го екранот, погледни го тоа што е околу тебе и најдобро искористи го овој ден. Сè што ти треба, е само еден вистински разговор за да ја почувствуваш разликата од тоа што значи да се биде присутен во моментот.

Биди таму, кога таа ќе те погледне, за да го паметиш погледот засекогаш, како кога за прв пат се вљубивте. Тогаш кога првпат ѝ ја држеше раката, или кога првпат ѝ ги допре усните, или оној пат кога прв пат се скаравте, а сепак лудо ја љубеше.

Оној момент, за којшто немаш потреба да раскажеш на сите, туку сакаш да го споделиш само со неа. Моментот кога го продаде компјутерот, за да ѝ купиш прстен на девојката од твоите соништа, која е сега покрај тебе.

Оној момент кога сакаш да основаш семејството, и моментот кога за првпат ја држиш твојата ќерка и се вљубуваш одново. Тогаш кога остануваш буден цела ноќ заради неа, а сè што сакаш е да се одмориш, и оној момент кога си ги бришеш солзите, кога твојата малечка одлетува од твоето гнездо.

Моментот кога твојата малечка се враќа дома, со малечкото бебенце кое ти го држиш, и денот кога тоа малечко те нарекува дедо, и моментот кога те прави да се чувствуваш старо. Моментот кога согледуваш што сè си постигнал, само со тоа што му обрнуваш внимание на животот, и чувството кога ти е толку мило што знаеш дека не си го потрошил животот гледајќи удолу во некоја измислица/пронајдок.

Затоа, крени го погледот, исклучи го екранот, нашето постоење е ограничено, деновите ни се изброени. Зошто да го губиме времето фаќајќи се во мрежата, а кога ќе ни се наближи крајот, да не ни остане ништо друго освен да се каеме. И јас сум виновен што сум дел од оваа машина, од овој дигитален свет, во којшто нè слушаат, но не нè гледаат. Свет во којшто пишуваме, но не зборуваме, во којшто читаме кога четуваме, кадешто поминуваме часови заедно без да се погледнеме очи во очи.

Не се препуштај на животот којшто ја следи возбудата. Дај им ја на луѓето твојата љубов, а не твојот лајк. Исклучи се од потребата да бидеш чуен и дефиниран. Излези надвор во вистинскиот свет, не дозволувај да ти го одвлечат вниманието.

Крени го погледот од твојот телефон, исклучи го екранот, престани да го гледаш видеово и живеј го животот во реалниот свет.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz