Подготовка за Великиот пост (2)

Во месопусната сабота, која се нарекува и Сабота на вселенските родители, Црквата си спомнува за сите упокоени од Адама до денес, кои на Бога Му служеле верно, отци и браќа наши, и за сите наши ближни и роднини, за секој човек. И соодветно, Црквата проси за сите нив добар одговор на Страшниот Суд, и радосно добивање на десната страна од Него, за оние кои се покажале достојни за Царството Негово.

По своето човекољубие, во месопусната сабота Црквата особено се моли за оние кои што се упокоиле и биле погребени без соодветна црковна молитва: кои не ги добиле „востановените псалми и песни за спомен“, оние кои „вода ги покри, бранови ги однесоа, земјотрес ги покри, и убијци ги убија, и оган ги изгори“. Се моли и за оние кои надвор од својот разум ги завршиле своите животи, оние кои ненадејно се упокоиле „од мака и радост ненадејни“, и оние на кои не им се знае крајот.

Мислите за крајот на нашиот живот, при споменувањето на упокоените ги отрезнуваат нашите души, душите на нас кои забораваме на вечноста, а душата ја прилепуваме кон телесните и минливи нешта.

Неделата месопусна се нарекува и Недела на Страшниот суд, според литургиското Евангелие кое се чита тој ден (Матеј 25,31-46).

Месопусната недела е посветена на сеќавањето на сеопштиот последен и Страшен суд на живите и мртвите (Матеј 25,31-46). Ова сеќавање е неопходно, за луѓето кои грешат да не се предадат на безгрижност и мрзеливост за своето спасение во надежта на неизреченото милосрдие Божјо. Во стихирите и тропарите на службата за оваа Недела, Црквата ги изобразува последиците од беззакониот живот, кога грешникот ќе застане пред [за него] непријатниот Суд Божји.

Спомнувајќи си за последниот Суд Христов, Црквата истовремено го покажува и вистинскиот смисол на самата надеж на милосрдноста Божја. Бог е милосрден, но Тој е и праведен Судија. Во богослужбените песнопеења Господ Исус Христос се нарекува правосудлив, а Неговиот Суд – праведен и непоткуплив. И закоравените грешници, и оние кои својата надеж ја полагаат на милосрдието Божјо, треба да бидат свесни за духовната одговорност за својата морална состојба, додека Црквата со сета своја служба тој ден се стреми да ги насочи кон осознавање на нивната огревовеност.

На какви дела на покајание и исправување на животот се обрнува особено внимание? Пред сè и воглавно, на делата на љубовта и милосрдието, затоа што Господ ќе го произнесе Својот Суд воглавно по делата на милосрдието, кои притоа биле возможни за секого; секако, неспомнувајќи ги другите добродетели, кои не биле исто достапни за секого подеднакво. Никој од нас не може со право да рече дека не може да му помогне на гладниот, да го напои жедниот, да го посети болниот. Овие дела на милоста својата вредност ја имаат тогаш, кога тие се пројавувања на љубовта која владее во срцето, и е соединета со духовните дела на милоста, преку кои им помагаме на ближните.

Оставете коментар

1 Comment on "Подготовка за Великиот пост (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Подготовка за Великиот пост (2) […]

wpDiscuz