Подготовка за Великиот пост (1)

mitarot

На Великиот пост му претходат неколку подготвителни недели и седмици. Поредокот на службите во подготвителните недели и самиот Велики Пост е изложен во Посниот Триод. Тој започнува со неделата за митарот и фарисејот, и завршува на Велика Сабота, вклучувајќи во себе 70-дневен период.

На Светата Четириесетница ѝ преходат Неделата на митарот и фарисејот, Неделата на блудниот син, Неделата и седмица месопусна (на страшниот Суд) и Неделата и седмица сиропусна.

Во подготвителните седмици Црквата ги подготвува верните за постот со постепено воведување на воздржанија: по редовната седмица (кога се блажи цела недела, и во среда и петок) се воведува пост во среда и петок; потоа следува повисок степен на подготвително воздржување – не се вкусува месо. Во подготвителните Црковни служби си споменуваме за првите денови на светот и човекот, за блажената состојба на прародителите и нивниот пад, за пришествието (доаѓањето) на Синот Божји на земјата за спасение на човекот, водејќи ги верните кон пост, покајание и духовен подвиг.

Ова подготвување на постот во Четириесетницата е востановено уште во Раната Црква. Така, знаменитите проповедници од четвртиот век, св. Василиј Велики, Јован Златоуст и Кирил Александриски во своите беседи и слова говореле за воздржанието во неделата која му претходи на Великиот Пост. Во седмиот век, преподобните Теодор и Јосиф Студит ја составиле службата за Неделата на блудниот син, месопустна и сиропустна; во деветтиот век митрополитот Никомидиски, Георгиј, го составил и канонот на Неделата на митарот и фарисејот.

За да ги пробуди покајните чувства и сокрушеноста поради гревовите, Црквата во подготвителните недели на воскресните Утрени, од Неделата на митарот и фарисејот до петтата недела на постот, после Евангелието ги пее „Откако го видовме Воскресението Христово“ и 50-от псалм, пред умилителните стихири: „Дверите на покајанието отвори ми ги, Животодавче“. И уште: „На патот на спасението постави ме, Богородице“, како и „Помислив на мноштвото мои лути помисли, јас покајаниот, и треперам“. Доближувајќи го 70-дневниот триоден период со седумдесетгодишното вавилонско ропство на Израилот, во подготвителните недели Црквата го оплакува духовното ропство на Новиот Израил со пеењето на 136-от псалм: „На реките Вавилонски“.

Во основата на првата стихира – „Дверите на покајанието отвори ми ги“ – сместена е приказната за митарот; во неа се гледа покајното чувство. Во основата на втората песна – „На патот на спасението“ – лежи приказната за блудниот син. Во основата на третата – „На мноштвото мои лути помисли“ – пророштвото за Страшниот суд.

Подготвувајќи се за постот и покајанието, Црквата во првата недела преку примерот на митарот и фарисејот си спомнува за смирението, како вистински почеток и основа на покајанието и секоја добродетел, и за гордоста, како главен извор на гревовите кои го осквернуваат човекот, го одделуваат од ближните, го прават богоотстапник, заробувајќи го во гревовна осаменост.

Смирението, како пат кон духовните висови, ни го покажа Самиот Бог Слово, Кој Се смири до немоќната човечка природа – „до обличје на слуга“ (Филипјаните 2,7).

Посочувајќи ја основата на вистинското покајание во Неделата на митарот и фарисејот, Црквата ја открива сета сила на покајанието: само преку вистинско смирение и покајание, возможно е проштевање на гревовите. После него, ниту еден грешник не треба да очајува за благодатната помош на нашиот Отец Небесен.

Неделата на блудниот син своето име го добила од евангелската приказна која се чита на тој ден (Лука 15,11-32). Црквата ни го покажува примерот на неисцрпната милост Божја кон секој грешник, кој со искрено покајание се обраќа кон Бога. Ниту еден грев не може да го поколеба човекољубието Божјо. Душата, раскајана и одвратена од гревот, бива проникната од надежта на Бога, та Божјата благодат ја пресретнува, ја љуби, ја украсува и се радува на помирувањето со неа. Црквата продолжува и учи дека полнотата и радоста на животот се состои во благодатниот сојуз со Бога и постојаното заедничарење со Него, а оддалечувањето од тоа заедничаење служи како извор на духовни беди.

Оставете коментар

1 Comment on "Подготовка за Великиот пост (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Подготовка за Великиот пост (1) […]

wpDiscuz