Под крстот свој

И кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.

Матеј 10, 38

И го зедов крстот свој како што верував дека треба да биде и тргнав некаде каде што верував дека треба да биде. Неговата тежина повеќе зачудуваше со сопствената променливост отколку со проценката за тешко или лесно. Во моменти беше скоро неподносливо тежок, со тенденција да ме свитка до земјата, до висина во која само би можел да лазам, а тоа да се нарекува носење. Во моменти пак сомнително лесен, соодветен за држење само со една рака. Неговите варијабилни особености произлегуваа веројатно и од она што душата го сторила или подзаборавила да го стори на вистинскиот начин. Во секој случај тоа не беше само обична дрвена конструкција зацврстена со клинци!

Го зедов крстот свој и тргнав каде што верував дека треба да биде. Го потпрев недалеку од мене за да се дружам со своите ближни. Прво, со него на грбот ќе бев впечатливо чуден, а подоцна смешен, и второ неговата тежина ќе ми ги забавуваше помислите. Дружината беше необично расположена, па имаше за размена големи количества на разуздани разговори, тенденции за флерт и допири, празни теми со промашени поенти, гозби со неограничена лакомост, алкохолизирана радост со камелеонски преод во гнев, пцости и удирање по образите, нерешени имотни односи и греда во очите по споредбата со туѓата половина, пресни договори кај тур-оператори за излежување на монденски снегови и сонца како контраст на оние чии аранжмани се истрага по храна во контејнерите, гордост висока како топола и смирение мало како клетка од амеба. Искушувачки нетрезвено, нивното однесување го прифатив како свое и дури после третото ѕвонење на алармот на совеста сфатив каде сум го положил крстот. Си го зедов, не многу зачуден од неговата многукратно зголемена тежина. Велам не многу зачуден, свесен како вниманието кон светското ми го повторило отпадот во сеуште непокаената опустеност, раните прокрвариле како водопади и јаремот отежнал.

Со крстот свој тргнав каде што верував дека треба да биде. Искуството од претходните случувања ми говореше дека треба да се оддалечам од светот. На врвот од непроодна планина пронајдов колиба без знаци на живот, идеално место за одмор на крстот. Идила која постои ненарушена ниту од звукот на птиците заскитани во оваа зона, ниту од ветерот и сонцето, благонаклони кон ова место да затоплуваат и разладуваат. Плодови и извор вода ако Божјиот збор оставил нешто незаситено, мирис во воздухот доволен за освежување на секоје алвеола. И што би било сето тоа ако не рајот на земјата. Секој чекор во прошетките го користев да им признаам на дивите ѕверови дека нивниот инстикт е помирен од похотта кај луѓето и нивната глад се задоволува со малку зеленило и жртва неопходна колку да се одржува животот. Се воодушевував на немоста на растенијата и нивниот говор изразен преку поддавање на цветот кон испружената рака и срце кое сака да подарува. Немав исклучиво големи знаења за вистината, но се обидував да ги поучувам и едните и другите за патот до Небото. И мислев дека е тоа успешно бидејќи не добивав никаков отпор. Ме освести тежината на крстот која беше повторно обемна, малку неочекувано поради илузијата дека таму немаше кого да повредам, а и гревот немаше потреба да ме вознемирува, скриен долу во дамарите.

И си го зедов крстот свој и тргнав каде што верував дека треба да биде. Се вратив во светот и на патот по кој Јагнето одеше. Беше тесен и полн со трња, но нудеше невообичаена радост дека таму на крајот е она што око досега не видело и уво досега не слушнало. Одев по точно назначените траги со претпазливи чекори и многу надеж дека ќе бидам достоен за Него.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz