По причестувањето

Има многу книги и упатства посветени на подготовката за Света Причест. Целта на овие книги е на луѓето да им го понудат она што треба да го знаат за свесно, со свештен страв и непосрамено да пристапуваат кон Путирот со Храна за бесмртност. Овие книги се разликуваат. Во нив има разногласие, воглавно поврзано со различниот степен на строгост на подготовката и различните приоди кон прашањето колку често човек треба да се причестува. Сепак, таква литература постои и е многубројна. Но, еве што немаме – немаме книги кои со читателот би разговарале за тоа како треба да се однесува по причестувањето, како да го чува добиениот дар, како на добро да ја користи стварноста на заедничарењето со Бога! Пропустот е очигледен. И нема ништо дрско во тоа ваквиот пропуст набрзо да се надомести. Сериозноста на оваа задача побарува, како прво, формулирање на прашање, а како второ, соборен напор за изнаоѓање на првиот одговор.

Искуството, и духовно и секојдневно, ни говори за тоа дека полесно е да се добие нешто, отколку тоа нешто да се сочува. Кога станува збор за голем дар, тогаш најтешко нешто што го очекува оној кој го добил ваквиот дар е стекнувањето на умешност за користење на дарот.

Благословот може да се претвори во проклетство соодветно на неукото користење или занемарување на дарот. Историјата на Израилот е пример за ова. Мноштво чуда, Божјо водство, однос меѓу народот и Бога налик на сопружници! Што повеќе би можело да се очекува од ова? А сепак, на опачината на овие односи неумоливо се појавуваат погубувања и тешки удари кои се струпуваат врз главите на луѓето кои се однесуваат недостојно на нивната избраност. Што се однесува до причестувањето, реалноста на Христовото присуство во Евхаристијата уште од апостолски времиња доведувала до тоа да се говори за болест и смрт на недостојните причесници. Значи, одамна дошло времето да се говори не само за подготовката за причест, туку и за правилниот живот по примената Причест.

Еве ја првата мисла која почива на површина: зарем не е умесно на денот кога сме се причестиле наместо вечерните молитви, покајнички и скрушени, пред спиење уште еднаш да се прочитаат благодарствените молитви по причестување? Во нив има молби не само за проштевање и помилување, туку и „продри во мојата утроба, зацврсти го мојот состав и секој еден зглоб, спали го трњето на беззаконијата мои“ и др. Овие кратки молитви се многу силни, исполнети со смисла, радосни и динамични. Нивното повеќеструко или макар повторно читање на денот на причестувањето во христијанската душа го засилува чувството на благодарност кон Бога, раѓа трезвеност (сеќавање на Господа), ја распламтува желбата за често причестување кај човекот.

Свети Јован Шангајски по служењето Литургија честопати знаел долго да остане во олтарот. Го читал Евангелието, ја вртел бројаницата, кажувал други молитви и потоа со напор, затоа што не сакал да го напушти олтарот, се враќал на секојдневната работа. И тоа е една поука. Очигледно е дека човекот во светот е оптоварен од грижи, дека забрзаното темпо на живеење е непријател на восредоточеноста. Но, по причестувањето човек треба да се труди да не потоне веднаш во работата, треба да се потруди да побара макар капка тишина која ќе ја посвети на читање и размислување.

Не знам точно кој од оптинските старци (мислам дека беше св. Варсонуфиј) советувал на денот на причестување да се чита Откровението на св. Јован Богослов. Очигледно, при давањето на овој совет се имало предвид тоа дека облагодатениот ум на христијанинот во тоа време е поспособен да примање на Божјите тајни, повеќе отколку во обичните денови. И не станува толку збор за конкретен совет, колку што се работи за насока на едно општо правило: на денот на причестување сето можно време и сила треба да се посветат на проучување на словото Божјо и другите духовни дела.

Станувајќи дом Божји преку Причеста, христијанинот станува страшен за невидливите непријатели на доброто. Од него, како од оган, „бега секој злотвор и секоја страст“. Оттука, за непријателот е многу важно да се потруди да го разоноди христијанинот, да го вовлече во вртлогот на секојдневните грижи, да го опкружи со „незнаење, заборав, малодушност и бесчувственост“. А тоа нему му поаѓа од рака онолку колку што ние сме невнимателни. Треба ли да се чудиме на раширеноста на гревот и хаосот што владее во нашите глави доколку не се учиме како треба да го користиме нашето најпобедоносно оружје – соединувањето со Богочовекот и Спасителот?

* * *

Несомнено, прашањето не е потполно одговорено, туку само го допревме. Тоа го побарува црквоното внимание и на самото изговарање на прашањата може да му претходи повикот: „Да внимаваме!“ И простувањето на гревови, и способноста за спротивставување на делувањето на страстите, и храброста во незгодите, и предвкусот на вечните добра, и уште многу други нешта им се даруваат во изобилство на причесниците. Еве што велел св. Јован Кронштатски по причестувањето: „Господ е во мене лично, Бог и човек, испостасно, суштествено, вистински, очистува, осветува, победоносно обновува, обожува, чудотвори, и тоа го чувствувам во себе.

Богатството на дарови кое го чувствувал кронштатскиот пастир е истото богатство на дарови кое на сите им се дава, но за жал, не сите го поимаат толку длабоко.

Токму во овој смисол светиите ќе му судат на светот. Имајќи точно исто онолку колку што имаме и ние, тие умееле нивниот живот да го претворат во кандило кое силно гори, додека ние само согоруваме и ризикуваме во страшниот час на судот да останеме без елеј.

Освен она што веќе го имаме можеби ништо повеќе не ни е потребно за чудотворна полнота и секојдневно христијанско сведоштво. Нам не ни е потребно ништо повеќе, туку треба да научиме да го користиме она што го имаме. И пред сè треба да научиме правилно да се однесуваме кон пречистите Таинства на Христовото Тело и Крв: со свештен страв да ги примаме и достојно да ги чуваме во себе.

Протојереј Андреј Ткачјов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz