Планирање семејство или избирање живот (1)

Знаеш ли, дете мое, зошто нивите донесуваат тежок плод напролет,
а во лето даваат јалова жетва? Затоа што и ќерките човечки го замразија
плодот во утробата своја и го убиваат во цутот.
Не плачи, дете мое, наскоро Господ ќе дојде и сѐ ќе уреди.
– Владика Николај (Жички)

Во последно време често размислувам за нас, човештвото, и сѐ почесто се прашувам: зарем Бог не нѐ создаде според образот Негов и зарем не ни беше целта да се вподобуваме на Него? Да се потсетиме, уште во првиот стих од Светото Писмо се вели дека Бог ги создаде небото и земјата (Бит. 1, 1), и ако продолжиме со читање, ќе заклучиме дека Бог создавал. Создал сѐ и на крајот рекол:

Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар на рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите – над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата! И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог и им рече: плодете се и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата (Бит. 1, 26–28).

Каква полнота! Какво љубовно едногласие и недвоумење во Предвечниот Совет на Светата Едносушна и Неразделна Троица. И видете каков дар ни се дава: иако создадени – да можеме да продолжиме со создавањето. Љубовта е причина за создавањето на човекот, и истата таа љубов помеѓу мажот и жената е причина за постоењето на човештвото. Заради љубовта се исполнува заповедта Божја: плодете се и множете се.

Значи, на човекот му се дава можност да господари над целата земја и над сѐ што е на неа, но никаде не се вели дека човек треба да господари над друг човек. Но, Каин го убива Авел. Колкумина ли само покрила оваа земја како овие браќа, и уште колкумина ќе се родат такви како Каин, само Господ знае. Која лудост во човештвото!? Каква гордост!? Какво себељубие!? На големината на гревот му нема крај, но и од братоубиството имало поголемо зло. Чедоубиството или чедоморството, или абортусот, зло кое не стишува како обична епидемија, болест за која постои само еден лек кој превентивно треба да се зема, т.е. применува – воздржувањето. На темава веќе имаме нешто пишувано, каде претежно стануваше збор за развитокот на плодот од зачнувањето до раѓањето и малку за абортусот. А, сега, повторно ме поттикна еден застрашувачки податок, кој го слушнав на едно предавање за многудетни семејства. И, еве, повторно би ја отвориле оваа навистина многу дискутабилна тема на денешницата.

Дете гледа во икона од Христос

Од педесетите години на минатиот век до денес, во нашава мала Македонија се направени над 1.270.000 абортуси. Тоа е некаде половина од бројот на жители што живеат во Р. Македонија. Ќе спомнам само некои податоци на годишно ниво: во 2008 година 2 деца загинале од давење (поплава), 4 деца во сообраќајни незгоди, 8 во несреќни случаи, 9 деца загинале од насилна смрт, а на 30.000 им бил прекинат штотуку започнатиот живот. Триесет илјади абортуси во Р. Македонија во 2008 година, а родени – 22.945 дечиња. Ние, всушност, сме се самоубиле.

Причини за абортус (неоправдани) има многу, а науката, како во секоја гранка така и овде, постојано изнаоѓа најразлични средства за контрацепција и разни медикаменти со исто дејство, со цел да се намали бројот на абортуси, но како да не успева во тоа. Последните децении, пак, се појави една новотарија или мода за планирање на семејството, во којашто, всушност, гледам една од причините за зголемување на бројот на абортуси и зголемената употреба на контрацептивни средства. Порано нашите баби и дедовци Му оставале на Господ да планира сѐ.

Еве, за ова имам личен пример за кој едноставно сум благодарен. Мојот прадедо имал четири ќерки, но во една од повеќето војни, како војник бил заробен од австроунгарската војска и бил однесен во денешна Австрија, каде работел на нивите на некој земјопоседник. Работата му била тешка, но имал облека, јадење и имал среќа да не биде тепан и понижуван. По десет години ропство се вратил. Голема била радоста, нему му се родил син – мојот дедо (веќе го имам спомнувано, кому сум му благодарен), а по една година ја омажил најстарата ќерка и добил домазет. Видете, очигледно е дека прадедо ми Ефтим не се занимавал со планирање на семејството, тој не ни планирал и дека ќе остане жив, а камоли, пак, дека ќе има син по толку ќерки; и тој сигурно не планирал дека правнукот ќе му биде свештеник и дека ќе го спомнува на Литургија. Во овој мој пример воочлив е само планот Божји, кој е потврда, односно „Амин“ за љубовта на двајцата, „Амин“ за правилниот избор за живот и „Амин“ за плодот на таа љубов. Каква синергичност, каква восогласеност!?

A, денес, ние планираме, и добро би било само доколку нашиот план би бил восогласен со Божјиот. Но, што е суштината на оваа новотарија? Станува збор за внатрешно семејно регулирање на раѓањето во поглед на бројот на децата и времето на нивното раѓање. Начините за таквото „планирање“, како што е општо познато, се абортусот и контрацепцијата. Науката веќе знае дека човековиот живот започнува од моментот на зачнувањето. Детето уште во утробата на својата мајка чувствува болка и радост, слуша звуци, расте – со еден збор, се подготвува за излегување на свет. И детето, уште неродено, веќе е законски претендент на животниот простор, храната, облеката и слободното време на своите родители. Тоа може и тоа како да ги наруши плановите на своите идни родители, иако сѐ уште неродено. Така, идните родители решаваат да го „испланираат“ своето чедо. Мајката, по донесената одлука во советувалиште, добива упатство за прекин на бременоста, така што живото детенце едноставно се убива. Видете, уште еден „прекрасен“ термин – прекинување на бременоста, наместо – убиство.

Другиот начин на „планирање“ е контрацепцијата и користењето средства против зачнување. Но, повеќето од нив претставуваат вистински абортивни средства, а при нивната употреба во 10% од случаите доаѓа до убиство на веќе зачнатото дете. Значи, повторно лага! А кога еден човек ја прифаќа лагата наместо вистината, тој го прифаќа почетокот на својата смрт – и духовна и физичка. Значи, за ваквите контрацептивни средства не можеме да кажеме дека се средства против зачнување штом постои зачнување кај макар и само 1% од случаите, а камоли кај 10%. „И поради една ситна лага која се прифаќа како вистина, често гледаме како луѓето го губат своето семејство, својот пород, ја губат својата земја и своите територии, и на крајот ја губат и својата татковина“1.

продолжува

о. Григориј Јакимов
презвитера д-р Александра Јакимова

Извор: списание „Премин“, двоброј 115/116

——
1 Митрополит Струмички Наум, „Надминување на дуализмот“, Библиотека Воведение, Велјуса, 2014, стр. 106–107.

Оставете коментар

3 Comments on "Планирање семејство или избирање живот (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Втор дел од „Планирање семејство или избирање живот“ […]

[…] „Планирање семејство или избирање живот“ Претходно: прв дел | втор […]

[…] прв дел | втор дел | трет […]

wpDiscuz