Писмо шесто: Мариово

Мариово, фреска

Словачка… За Словачка можеме да зборуваме многу, или доволно. Исто така и за Мариово. Можеби уште повеќе отколку за Словачка. Но, што е многу значајно? Што е сличноста и она што ги поврзува Словачка и Мариово?

Ништо.

Можеби нешто, некаде, некој ќе пронајде нишка на поврзување, но сепак јас мислам – ништо.

Тогаш, во што е поентата?

Во, корените.

Денес во Словачка има одреден број на православен свет, православни луѓе, православни верници. Ни одблиску, колку што има (нема) во Мариово. Можеби и сите тие не се од Словачка, можеби придошле од соседните земји, од трети православни земји и слично.

Колку има православен свет, православни луѓе, православни верници во Мариово?

Повторно да видиме, во што е поентата?

Во корените.

Како ние денес го практикуваме православието наше?

Ние, кои потекнуваме од Св. Павле, од Св. Лидија, од Св. Димитрија, од Св. Ахил Лариски, од Св. Јаков Костурски… ние, кои нè учеле Св. Кирил и Св. Методиј, Св. Климент и Св. Наум… нам, кои нè закрепиле Св. Гаврил Лесновски, Св. Прохор Пчински, Св. Јоаким Осоговски, Св. Јован Рилски … нас, за кои ги мачеле Св. Георгиј Кратовски, Св. Злата Мегленска, Св. Пречистански, Св. 40 Битолски … Ние кои сме ги виделе Св. Јован Шангајски, Св. Гаврил Светогорец Македонски…

Како? Како се молиме, како се однесуваме, како и колку одиме во црква, како и дали се плашиме од Бога, дали и колку почитуваме, што практикуваме, како воопшто живееме …?

Дали ги почитуваме родителите, соседите, братот и сестрата своја, колегите на работа, луѓето во неволја и луѓето со мака, колку се возгордуваме, колку сме ненаситни, дали го почитуваме свештеникот наш, митрополитот наш, дали сме го посетиле кумот?

Да не прашам… дали постиме или диета држиме…

Православието не е само одење во црква за Велигден и Божик… или кога ќе удри тапанот на селската слава и кој колку крпи ќе купи со наддавање…

Православието е молитва, православието е почит, православието е најмалата свеќа запалена со најдлабока верба, од срцето и душата, православието е страв од Бога Севишниот Создател на сè во вселената, православието е солза за ближниот, православието е сесрдечен позив на Пресвета Троица во добро и во мака, позив на Милостивата Мајка Исусова да нè има на десницата, православието е живеење… живеење за доброто, милоста и мирот…

Православието е во искажаното Добро утро на соседот… тоа не е искажано кон соседот, тоа е искажано кон Бога.

Почитта кон мајката е почит према Бога …

Не смееме да ги заборавиме корените, не смееме да ги откорниме …

Не смееме да дозволиме некои на кои сме им ги дале Светиите, да ги спознаат повеќе од нас самите. Да, треба да се молиме за нив и тие да бидат поголеми верници и подобри од нас грешните, но ние не смееме да заборавиме на нас самите…

Тоа е сличноста помеѓу Словачка и Мариово.

Мариово е многу убаво, во Мариово исто така владее Бог.

Но, за жал е празно и пусто…

Не смееме да се испразниме и запустиме; физички, душевно и што е најважно православно…

Да љубиме, да сакаме, да веруваме, да почитуваме, да вреднуваме, да помагаме, да учиме и работиме, да се молиме.

Православниот пат е единствениот пат. Патот на вистинскиот Бог, патот кој не секогаш е рамен, но е прав и единствен и кој достигнува до целта …

А, целта е мирот на душата, мирот на срцето, мирот на умот и мислите. Мирот преточен во животот по Бога.

Во спротивно, прикаските за Халоуин и бетер од него, ќе дојдат насекаде.

Господ со сите, со нас последни.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

1 Comment on "Писмо шесто: Мариово"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] 7. Шест кратки поуки од старец Паисиј […]

wpDiscuz