Вистината е Личност, гледана и љубена од срцето

Едно писмо од свештеноинок1 Серафим Роус до еден духовен трагач2

Отец Серафим го напиша следново писмо при крајот на својот живот. Се обраќаше до еден млад човек кого што никогаш не го имаше сретнато, но за кого што имаше слушнато дека се занимавал со писанијата на францускиот метафисичар René Guénon3. Како што е поставено порано4, тоа беше Guénon кој прв го имаше научено отец Серафим за неопходноста од православие5 и од предание. Ова разбирање го имаше доведено [о. Серафим]6 да го вреднува кинеското предание со неговото силно чувство за православие, и Gi-mingShien7 како соодветен предавател на тоа предание; и конечно го имаше доведено да го прегрне преданскиот израз на Христовото откровение во Православието. Со невообичаен ред од идеи, о. Серафим покажува во ова писмо како неговата патека до предание и православие му овозможија да ја најде Вистината којашто на крајот [и] не е предание8 воопшто. Тој го признава своето наличие9 како Западњак и ги потврдува христијанските корени на Западот, потоа објаснува дека патот Христов не е посебно западен или културообврзан.

Свештеноинок Серафим Роус
Свештеноинок Серафим Роус

Во ова писмо ќе биде видено како о. Серафим [не] паѓа нити во „закоравеност“10, нити во смешение11. Верската закоравеност (верување дека преданијата надвор од сопствената [веросиповест] се сите погрешни) учено12 ги задоволува површните умови, додека пак верското смешение (верувањето дека сите преданија се еднакви) е задоволувачко за умовите [кои се] расплинети [нашироко]. Во избегнување на двете крајности, о. Серафим го следеше патот кој учено не задоволуваше воопшто, бидејќи ваков е патот на Вистината. Како што тој самиот напиша, „Кога станав Христијанин јас доброволно го распнав мојот ум, и сите крстови кои ги поднесувам имаат биднато за мене само извор на радост. [Не] сум изгубил ништо, а [сум] стекнал сѐ“.

Драг Кен,

Соломија (Ронда) го има споделено со мене твоето неодамнешно писмо до неа, и читајќи го, јас почувствував во тебе сроден дух, кому што некој збор од мене можеби нема да му биде напразен.

Така се случи, што René Guénon беше главното влијание во обликувањето на мојот сопствен учен светоглед (настрана од прашањето за Православното Христијанство). Ги читав и проучував со жар сите негови книги што можев да ги снабдам; по негово влијание јас изучував древен кинески јазик и решив да го правам за кинеското духовно предание она што тој го имаше направено за Хиндуто; бев дури во можност да се сретнам и да изучувам со изворен претставник на кинеското предание [Gi-mingShien]13 и да разберам потполно што тој [Guénon] разбира под разликата помеѓу вакви соодветни14 учители и [оние кои се] само „професори“ што предаваат на сеучилиштата15.

Тоа беше René Guénon кој ме научи да ја барам и љубам Вистината над сѐ останато, и да бидам незадоволен со било што друго; [а] ова е пак тоа што конечно ме доведе до Православната Црква. [Па] можеби ќе биде од помош за тебе да знаеш некој збор од моето искуство.

Со години во моите изучувања бев задоволен со бивањето „над сите преданија“ но некако верен на нив; јас одев подлабоко во кинеското предание само поради тоа што никој не го имаше претставено на Запад од потполна преданска точка на зрение. Кога посетував некоја Православна црква, тоа беше само во редот да видам друго „предание“ – знаејќи дека Guénon (или некој од неговите следбеници) го имаше опишано Православието како најверодостојно од [сите] христијански преданија.

Како и да е, кога влегов во Православна црква за првпат (руската црква во Сан Франциско), ми се случи нешто што го немав доживеано во било кој будистички или друг источен храм; нешто во моето срце рече дека ова е [мојот] „дом“, дека сета моја истрага беше завршена. Јас во стварност не знаев што ова значеше, бидејќи службата ми беше доста страна и на странски јазик. Почнав да посетувам Православни служби многу почесто, постепено учејќи го јазикот и обичаите, но сеуште чувајќи ги сите мои основни Guénon-ови образини16 за сите веродостојни духовни преданија.

Со мојата наклонетост кон Православието и Православните луѓе, како и да е, во мојата свест започна да влегува нова образина: дека вистината не е само [обопштено] извлечена образина17, гледана и познавана од умот, но [дека] е нешто лично – дури и Личност – гледана и љубена од срцето. И така јас Го сретнав Христа. Сега сум благодарен дека мојот пристап кон Православието фати неколку години и немаше ништо со [некаква] чувствена возбуда во врска со него – тоа беше повторно Guénon-ово влијание, и ми помогна да одам подлабоко во Православието без падни-станувања со кои се соочуваат некои преобратеници, кога не се доволно спремни за нешто толку длабоко како Православието. Моето влегување во Православната Црква се случи баш во времето кога јас го напуштив учениот18 свет и кога се откажав од обидот кинеското предание да му го оприсновам на Западниот свет. Мојот кинески учител – мојата единствена стварна врска со кинеското предание – исто така, кратко [време] пред ова, го напушти Сан Франциско, и на Guénon-ски начин целосно исчезна, не оставајќи адреса. Се сеќавам на него со задоволство, но откако станав Православен видов колку неговото учење беше ограничено: кинеското духовно учење, велеше тој, ќе исчезне, доколку во Кина преовлада комунизмот. Толку кршливо е ова предание – но Православното Христијанство, кое го најдов, ќе преживее сѐ и ќе опстои до крајот на светот – бидејќи не е просто предавано од род во род, како што се сите преданија, но [и] во исто време на човека му е дадено од Бога.

Сега на René Guénon гледам наназад со задоволство како на прв мој обучувач19 во Вистината, и се молам само дека ти ќе го земеш она што е добро од него и нема да дозволиш неговите ограниченија да те оковаат. Дури и душесловесно20, „Источната мудрост“ не е за нас кои сме плот и крв на Западот; јасно е дека Православното Христијанство е преданието што ни беше дадено нам – и тоа може јасно да се види во Западна Европа, во првите десет векови, пред застранувањето на Рим од Православието. Но исто така се случува Православието да не биде просто „предание“ како било кое друго, „предавање“ на духовна мудрост од минатото; тоа е Божја Вистина овде и сега – ни дава непосредна врска со Бога како што не може ниедно друго предание. Има многу вистини во другите преданија, и оние предадени од минатото кога луѓето биле поблиску до Бога, и оние откриени од надарени луѓе во достиженијата на умот; но потполната Вистина е само во Христијанството, Божјото откровение на Себеси пред човештвото. Ќе земам само еден пример: има учења за духовната прелест [и] во другите преданија, но ниедно [не е] толку коренито распределено како оние [што се] поучувани од [страна на] Православните Свети Отци; и уште поважно, овие прелести на злиот [дух] и на нашата падната природа се толку сеприсутни и толку коренити, што ниеден не би можел да ги избегне, без Бог Кој љуби, откриен од Христијанството, да беше блиску при рака да нѐ избави од нив. Слично: Хинду преданието учи многу вистински нешта за крајот на KaliYuga; но оној кој просто ги знае овие вистини во умот, ќе биде беспомошен да им одолее на искушенијата од тие времиња, и многумина кои ќе го препознаат Антихристот (Chakravarti) кога ќе дојде, без разлика на тоа, ќе го обожуваат – само силата Христова, дадена на срцето, ќе има крепост да му одолее.

Мојата молитва за тебе е Бог да ти го отвори срцето, и ти самиот да направиш тоа што можеш, за да Го сретнеш. Таму ќе најдеш радост за која претходно не си сонувал [дека е] возможна; твоето срце ќе се здружи со твојата глава во препознавањето на вистинскиот Бог, и ниедна стварна вистина којашто било кога си ја спознал не ќе биде изгубена. Нека Бог ти го подари тоа!

Чувствувај се слободен да [ми] напишеш што и да ти е на ум и на срце.

Со љубов, о. Серафим

1 На руски, под зборот инок се подразбира расофорен монах, но ние настојуваме зборот инок, во македонскиот книжевен јазик, да го има поширокото значење на монах воопшто, како словенски превод за грчкото μοναχός (монах).
2 Овој текст е извадок од книгата Hieromonk Damascene, Christ the Eternal Tao, Valaam Books, 1999.
3 René Guénon (1886- 1951) , во своите писанија, предлага или човек „непосредно да се изложи на некои видувања на Источните метафисички учења“, бивајќи овие учења определени од негова страна како некои „со свемирно значење (универсален карактер)“, или да ги прилагоди овие исти учења за Западните читатели, држејќи се притоа строго верен на нивниот дух. Притоа го потцртувал делото на нивното (на Источните учења) „предавање“ од род во род, т.е. од исконот, како признак за нивната вистинитост (заб. на прев.).
4 Се мисли на претходните поглавја од книгата Hieromonk Damascene, ChristtheEternalTao, Valaam Books, 1999., чијшто дел е приложениов текст.
5 Православие во најопшта смисла на своето значење, како правилно учење (правилно славење).
6 Во аглести загради се ставени зборовите кои не постојат во изворниот текст на англиски јазик.
7 Gi-mingShien беше професор по кинеско мудрољубие (философија) на „Академијата за азиски студии“ во Сан Франциско. Учител по древен кинески јазик и мудрољубие на о. Серафим (заб. на прев.).
8 Традиција.
9 Идентитет.
10 Фундаментализам.
11 Синкретизам.
12 Интелектуално.
13 Во затемнети аглести загради стојат деловите од текстот кои и во англискиот текст стојат во аглести загради.
14 Автентични.
15 Университетите.
16 Идеи.
17 Апстрактна идеја.
18 Академскиот.
19 Инструктор.
20 Психолошки.

Превод од англиски: о. Виктор

Оставете коментар

3 Comments on "Вистината е Личност, гледана и љубена од срцето"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Malku skromnost i sogleduvanje na sopstvenata nemok, mose da ni pomogne da bideme velikodusni i pogotveni da im gi prostime greskite na drugite.Nie sakame da gi osuduvame drugite sa nivnoto cudno odnesuvanje .No denes koj vistinski Pravoslaven Hristijanin ne e malku ”lud”.Golemio ote sv.Serafim Rous

Jeromonah Serafim Rous:Vo svetooteckite tekstovi ‘bolkata na srceto’ obicno se odnesuva na silno vnatresno stradanje,nosenje na vnatresen krst dodeka se sledi Isus Hristos,i duh skrusen vo umilenie.Otec Serafim, gi barame tvoite molitvi upateni kon Boga.

Prekrasen tekst…so zadovolstvo go citav…otkriva mnogu suptilni zabludi vo naseto spoznavanje na Pravoslavieto…ve molam ako moze da prodolzite so slicni tekstovi na ovaa tema

wpDiscuz