Писмо седмо: Гостилница „Хороскоп“

heruvim

За оваа гостилница не е потребен хасап стандард. Треба само да влезете и добро да се нагостите, најадете и напиете. Впрочем како што и правиме секојдневно, од утро до мрак, од понеделник до недела, од први до триесет и први, од јануари до декември… Во пости, во мрсни, во вторник, во петок, за 1 Мај или за Крстовден…

Битно е претходно да го проверите дневниот, неделниот, месечниот, годишниот, тригодишниот или вечниот хороскоп или календар, да не случајно ја погрешите гостилницата и да не влезете во некоја обична кафеана, кафе бар, хотел, ресторан, лоби бар, снек бар, бистро…

Ни под разно, да не погрешите па да влезете во црквата.

Уште поголема грешка е ако останете до крај на Литургијата, до отпустот, да не закасните за греаната ракија и за туршијата. Немојте, та и Јуда самиот излезе порано… Го предаде и Го остави Него…

Не можeме да издржиме, нити да се воздржиме, а да не ја прелистаме последната страна – хороскопот. На сите ни е преодредено да бидеме книговодители, посебно на рибите… Сите ќе се сакаме оваа недела, посебно близнаците. Кај лавот ќе фрчат пари, пари; харингата и ежот ќе пукнат од здравје. Или немаше харинга и еж.

Тешко нас и тешко нам.

Едвај чекаме да се натапаниме со гуски и пајки, со пивтии и пачи, скопски симит буреци, ќебапи и виршли, чорби и џигери, кокошки, колбаси… пиво и вино, ракии и вотки… сирења и урди, јогурти и таратури… пици, сендвичи со „сè“, односно кечап. Крофни и торти, еклери и баклави…

Откако ќе ја разлистаме моменталната прогноза дека ќе бидеме среќни денес, пиејќи го макијатото со ладно млеко во прав, можеби пак ќе скокнеме до храмот, ако ни текне и ако го видиме попатно, па ако имаме време ќе пратиме по еден смс или маил до Бога, такаречи по една свеќа, или евентуално едно препорачано писмо со повратница, такаречи ке оставиме едно масло или еден пар чорапи.
Немојте, немојте ни под разно да згрешите овој петок да поминете со чај.

И Јуда ќе почне да поцрвенува од срам ко ќе не види.

Туку…

Да се прибереме. Да си ги собереме парталите. Да се покаеме, да се покориме, да се помолиме, да Благодариме, да запееме, да се насмееме…

Да се сетиме на Него, да влеземе во храмот, да останеме во храмот, да се молиме до крај, дури Тој не нè отпушти. Да разговараме со Него, да измолиме од Него милост, мир, здравје и напредок …
Со пост, труд, молитва, смирение. Да ги заборавиме сите лаги овоземни, сите чревоугодија, да ги отфрлиме сите змии и скорпии, сите крави и телиња, како што Мојсеј ги отфрли. Да вкусиме нафора, да го примиме Неговото тело и крв, та да живееме со Него, како една Вселена, како вистински живи, а не подждригнати од газираното.

Да ја воспеваме Богомајката насекаде, Светиите, Архангелите, а не миносаните по масите, воспалените по столовите, прекршените по подиумите, напафканите по ходниците. Да запостиме и да се подготвиме, да се смириме и развеселиме во душите и срцата. Да не ожалостиме, да не навредиме, да не расплачиме, да не повредиме некого, никого, та ни мравките по земјата.

Да не се возгордеваме со мобилните по масите, со евтиното виски од домашно производство. Впрочем, и оригиналното не знаеме од каде доаѓа.

Да се пречекираме каде сме, кои сме, колку сме, зошто сме. Тука сме да се испоганиме по цели вечери и денови, па после да лелекаме и плачеме, па да офкаме. Или тука сме да се воздржиме, скромно, молитвено, па Свето и Православно да се радуваме во деновите кои само Ангелите можат да ги објават со радости.

Впрочем, другиот, или следниот ден, водолиите или фонтаните, девиците и раковите, ќе прочитаат дека се за на доктор.

А и да згрешиме, имаме време да се вратиме и да се покаеме. Макар и на судниот ден. Тој е милостив. Та и на св. Павле гонителот и на св. Петар кој се одрече од него им прости и ги постави до Него. Но, ќе биде по делата наши. А, не вреди да се изгубиме за една тулумба…

Koчовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz