Писмо прво: Сраст или страст?

„Вечер ќе одиме на матура. Утре ќе правиме пикник. В понеделник заминуваме на одмор. За ручек имаме печење. Со ваква и ваква салата. Си купив нови чевли. Леле како се спремивме. Супер беше. Преубаво беше на концертот. Во колку ќе се чекаме? Го виде најновото …“

Познато ви е ова?

И уште многу, многу, многу слично и секојдневно …

А да не зборуваме за возниот парк, облеката, накитот, електронската опрема, местата за одмор, телефоните, хотелите, престижот …

Кој, кога, каде и колку зборува за Бога? Кој се загрижил за Него? Кој се сетил на Светиите? Кога последно сме помогнале на и во црквата, на и во храмот? Кога последно или претпоследно сме се помолиле? Макар потајно и скришно? Сме се сетиле на некој Старец? Сме виделе ли некој манастир? Ќе кинисаме ли на некое поклонение? Ќе тргнеме ли по патот на Богочовекот…?

Ќе страствуваме или ќе сраснеме?

Да тргнеме од почеток… да се запрашаме, да се погледнеме, да се замислиме, да се испитаме, да се провериме, да се смириме, да разбереме, да проникнеме во доброто, во позитивната мисла, да се собереме самите …

Колку сите и колку сè правиме со страст, со радост. Сè газиме пред себе за остварување на целта. За исполнување на желбите, похотите и страстите. За победа во лагата. Страствуваме со самите себе, со другите, со материјалното, со минливото и гнилото, со заборавното. Страствуваме со ‘рѓата, со бесот и заблудата. Страствуваме за комшиите и пријателите, за газдите и шефовите. Страствуваме со телевизијата, интернетот и мобилните. Страствуваме за кифлата, бурекот и мајонезот. Страствуваме за плажата, крпата и наочарите. Страствуваме за денес, утре, задутре. Страствуваме за името, позицијата, хирот и гордоста. Страствуваме за пет пари. Страствуваме за песот, мачката и кравата. Страствуваме за првиот ред, напред во колоната, први на автопатот, први во авионот. Првенци на генерацијата, најубави на матурата. Страствуваме за кафето, месото, сирењето. Страствуваме за гревовите …

Односно… страдаме…

И покрај тие некои, кои немаат за леб … ние сме тие. Најситните …

А малку треба да сраснеме …

Да се помолиме, да се молиме најтивко. Да помогнеме, најскромно, незнајно. Да ја чекаме Неделата. Празникот. Да ручаме сите заедно. Да покадиме со темјан, со смирна … Да запалиме свеќа, кандило, ламба. Да тргнеме на молитва, поклонение. Да се смириме, да простиме, да побараме прошка. Да прегрнеме, да помилуваме, да се насмееме. Да почитуваме и да сакаме, искрено …

Да живееме со сраст на душата кон небесата. Да сраснеме кон Него со сета помисла и битие. Да сраснеме во духот наш, како би сраснале со умот, срцето и телото. Да пораснеме со сите околу нас избирајки го Крстот, прво за нас, па за сите, како би сраснале прво другите, па ние последни. Да сраснеме со песни, добри зборови и продуховеност. Со добри мисли и добри дела. Да сраснеме во Бога, како што тој сраснува во нас, ни помага и не нè остава. Да сраснеме со Архангелите и Ангелите, како што тие сраснуваат со нас и за нас во заштитата наша и борбите против злото. Ние да сраснеме со победа на доброто. Да сраснеме во молитви кон Светиите. Да сраснеме со молитва кон Неа, Милостивата Мајка Исусова, како што таа е срасната во вселената. Да сраснуваме кон Него, затоа што нема друго срастување …

Да сраснеме преку страстите, та да се спасиме …

Да видиме, да слушнеме …

Ништо не бега од страста, како што може да побегне душата …

Но, не сраснува ништо повеќе од тоа што може да срасне и да се роди од Бог во нас, неговиот свет и милостив пат …

А, Бог е сè она што ние битуваме околу нас … само треба да погледнеме нагоре … и да речеме … Господи … па макар и најтивко …

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz