Писмо петто: Младост и младина

Односно, веднаш за првото ќе кажеме – убаво, а за второто ќе кажеме – иднина. Значи, заклучок – убава иднина.

Е, сега има и една трета работа, која некогаш се гледа пред овие два збора и нивниот контекст, понекогаш се гледа после, а скоро секогаш се наоѓа помеѓу нив… а тоа е целосно и комплетно спротивен збор и спротивна идеја на овие претходно – искуство – односно, веднаш ќе кажеме – старост. Трите зборови се нераскинлива целина, барем во поголемиот дел на овоземниот живот на секоја единка…

Младоста се поистоветува со учење, со спознавање, со потрага, со предизвик, со искрена љубов, со сите убавини на овој свет, со радост, со копнеж, со прифаќање на добриот пат, со почеток, со ентузијазам, со созревање, како на физички, така и на духовен план; со влез на човекот некаде во иднината.

Така што, соодветно на тоа, младината е носител, младината е поттикнувач, младината е чакмакот, младината е основата, младината е иднината на секоја нит од општеството, цивилизацијата, културата…

Додека во целост, искуството и староста, се пред младоста и младината, како учители, покажувачи на правецот. Тие се насреде нив, како база која ги држи и чува еден одреден временски период. И на крајот се после нив, како производ на самиот процес – од младост и младина до искуство и старост.

Каде е сега убавата иднина?

Световно и физички – немам коментар… Само да се свртиме, само да излеземе еден чекор, само да вдишеме, само да погледнеме и да слушнеме, само да размислиме, сè ке видиме.

Духовно – убавата иднина е насекаде околу нас.

Во насмевката, во зборот, во мислите, во молитвата, во душата, во ракувањето, во движењето, во песната, во трудољубивоста, во верата, во почитувањето, во љубовта, во милоста, во размислувањето, во упорноста, во полнотата и добрината, во бесконечноста на сè она што е добро и што нè опкружува.

А нас нè опкружува сè што создал Бог, како единствен создател на сè што се движи и мирува… на сè што дише…

Но, Бог создал сè по љубовта Негова, по образот Негов кој е олицетворение само и единствено само на добрина и убавина. Од Создателот произлегло и ќе произлегува само добро, љубов, милост, убавина, кроткост, молитва, мир и спокој, смирение…

Е, тука е сега моментот и суштината… та да овде, во ова се спојат младината, младоста, убавината, иднината со искуството и староста …

Да можеме да речеме дека имавме минато, сегашност и иднина, еднаква на целото Божјо угодие во вселената… дека отсекогаш, сега и понатаму сме исти и рамни на заповедите, на доброто, на делата, на творењето и создавањето сè што значи љубов, добродетелство, труд и вера. Да речеме дека и тие што нè учеле и тие што ќе ги учиме, се и биле исти. Како и нас што денес постоиме. Дека нашата култура вековно била иста, е и ќе биде иста како култура на добрата страна, а не антикултура…

Не е добро и не е дозволиво ни најмалку да скршнуваме од патот Господов, патот на вистината, на љубовта: во било кој момент, ниту на која било генерација.

За да бидеме среќни, за да бидеме под Неговата милост.

Сè останува на младоста и на младината, но под будното око на староста и искуството. Но само, и единствено само во служба на Благоугодието и Богоугодието, проткаени во борбата за напредок во Божјата вистина и по Божјиот пат.

Во спротивно ке останеме само со искуството…

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz