Писмо осмо: Нов рок

Црвен плоштад

„Работете, учете и чувајте ги своите деца затоа што тие ви се едно најголемо богатство… парите во староста ништо не значат.“
Славко Петровиќ – Џондиро

Овие навидум едноставни зборови се искажани од еден човек, кој навидум беше едноставен. Потоа се испостави дека тој бил уште поедноставен: подобар, подобродушен, подарежлив, поскромен, погрижлив, скромен и голем помагател, добар сопруг, татко, дедо, пријател, комшија, другар, стопанственик, колега, граѓанин…

Овие навидум едноставни зборови се искажани пред почетокот на некоја Нова Година. И за овој едноставен човек новата година беше нов почеток и тој започна вечен живот… Нека му се миросаат коските и Господ да му подари вечен мир. Доволен е неговиот жив спомен, иако тој можеше да ги купи сите мермерни споменици на овоземниот свет.

Но, во што е поентата?

Каде се насочуваме ние? Што посакуваме? За што мечтаеме? Кон што се стремиме? За што се бориме? По што лакомиме? За што го губиме времето? Зошто ги губиме пријателите? Поради што си го валкаме името, позицијата, кариерата? Зошто си предизвикуваме проблеми и неволји? Што бараме? Што си замислуваме? Што сакаме?

Дали ние ги користиме овие искажани зборови, дали ги применуваме? За што го молиме Севишниот? Што бараме од нашиот Господ Исус Христос? Поради што ја повикуваме Пресветата Троица? За што ја молиме Пресветата Владичица? Светиот Крст? Светиите… Што е нашиот живот и кое е нашето најголемо богатство?

И дали е наш… та дали е наше.

Прво, работата. Колку ние работиме? По цел ден гледаме како да избегниме работа, да одложиме нешто, друг да ни направи нешто. Не оваа работа, не онаа работа… за другиот потешкото, за мене полесното. Јас сакам, јас не можам… Тој вака работи, тој она работи, види го… се срамиме од некои професии, а не пак да ги работиме, иако нема работа која не е срамна и бесполезна, која не е дадена да се работи, ние не сакаме ни да помислиме да ја работиме. Не сакаме ни да твориме нешто, да помагаме, да сме полезни… нема работа, нема работа…

Второ, учењето. Ништо не знаеме, ништо не умееме; не сакаме да научиме, бегаме од знаењето, од основните школи, средните школи, факултетите… Сè по една линија, надолна. Домашното школо ни е на нула, дедовото школо не постои веќе. Уличното школо, еснафското школо, културното школо – за никаде – сè се прави без знаење, без ука и наука. Само напред! Немој ни да сте помислиле на веронаука – тоа е нешто нeзамисливо, недостижно.

Третo – децата. No comment: фејсбук, твитер, вибер, мобилни, лаптопи, интернет, таблети, халоуин, валентин, кабловски, порнографија, голотија, шминки, луксузарии, пари, кафиќи, штикли, скапи веспи, кабриолети… Мислам дека пред околу 20-25 години се сошија последните престилки. Како ги чуваме? Со мастики, кечап и бомбони…

Четврто, пари. Пари не ни требаат, но оџакот треба да чади; значи, сепак ни требаат. Но, колку? Да ги земеме сите за нас? Да им скратиме на другите? Да украдеме? Нечесно да заработиме? Лесно да заработиме? Многу да имаме? Само ние да имаме? Сè да си купиме? Нон стоп да имаме? Да врнат? Да течат? Да гргнат? Личен банкар? Злато? Тон, два?

Петто… значење: Нова година доаѓа … нов рок …

Да се радуваме на сè што нè опкружува, на семејството, на децата, на здравјето, на животот, да се радуваме и да се насмееме. Да се молиме на Бога што живееме и што дишеме, да започнеме нови работи, со нови моменти и нови радости, да твориме добри дела…

Вселената ликува и сè радува под Божјите раце, светот и природата пеат под покровот на Дева, воздухот и водите се под Крстот, сè се движи со Светиите. Архангели и Ангели нè чуваат… та кои сме ние да не се радуваме, да не воспеваме, да не се смееме, да не твориме? Нов рок следи… стариот помина.

Да го направиме новиот рок потраен, подолговечен, да го направиме ова време, сегашноста, достојна за староста, та и тогаш да се радуваме. Да не лакомиме, да не мразиме, да не негодуваме, да не злобиме, да не плачеме, да не тамаќариме, да не сме љубоморни, да не се гневиме, да не се инаетиме, да не завистуваме, да не чревоугодуваме, да не грешиме.

Православно да славиме, славно да православуваме.

Да го сакаме животот, и сè околу него… сè и секого околу нас: да даваме, да помагаме, да подучуваме, да љубиме… Само Тој знае како ке ја почнеме другата година… кој ќе патува и каде кќ патува. Само Тој знае за нашите нови почетоци.

Среќна Нова година.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz