Писмо четврто: Беспаќе

bespakje

Ако го согледаме зборот беспаќе лингвистички и толковно, тој означува поим за безизлезна ситуација, дезориентација или место или предел без пат. Ова го има насекаде во светот, во секое време од историјата, кај секој човек, кај секоја група, во секој општествен систем, поединечно, заедничко, сега, денес, утре, повеќе, помалку и слично…

Но, гледајќи социолошки, финансиски, материјално, гледајќи за кариерата, однесувањето, нормалниот живот со секојдневните проблеми, државните предизвици и слично, скоро за секое беспаќе има решение и одговор, односно се може да се реши, затвори, отвори, да се најде одговор, да се врати во нормала и во мир, да се регулира и разреши по очекуваниот тек. Само потребно е повеќе или помалку време, повеќе или помалку сила, пари, помош, воља, услови и слично.

Што се случува со беспаќето на душата? Со беспаќето на срцето? Со беспаќето на умот и разумот? Со беспаќето на верата или неверието? Со беспаќето на мислите и помислите? Со беспаќето на трудот, работата и делата?

Ние не сакаме да чуеме за веронаука. Тоа за нас е нешто опасно и новоизмислено, тоа е страв и трепет, тоа е непотребно, тоа е брука и срам, зошто сега некој сака да ја воведе, па да ги малтретира децата… Додека со беспаќето на концертите, забавите, журките, ескурзиите, мобилните, лаптопите, сајтовите, филмовите, модата и развратот ни нема повраток на правиот пат. Нема решение за беспаќето на душите, срцата, мислите на оние најмалите, на дечињата, на младината …

Зошто да ставаат жените марами и шамии во црква, зошто да носат здолништа и фустани, зошто да немаат кармин, зошто да стојат лево, срамота, па во кој век сме денес, кај се правата на жените, како да не сега… Па, правете обратно… беспаќето на молитвата, почитта кон Светињата, почитта кон другите околу вас… нема решение. Нема решение за беспаќето на душите, срцата, мислите кон сопругот, храмот, фамилијата – домашната и црковната…

Зошто да постиме во постот, или петок, или среда, или на Коледе, ќе правиме Бели Ноќи за Успение, пиво фестивали за Петрови пости, журки и забави, пијанки, како да не, скари за Велики пости, плескавици, јагниња и бравој пред манастирите… Нема решение за беспаќето на чревоугодието, на лакомоста, на невоздражението. Нема решение на беспаќето на умот, душата и срцето, затруени од кечапот и мајонезот… а тие секако одат со пицата…

Зошто да ги сакаме ближните? Братот, сестрата, комшијата, колегата… Зошто да ги почитуваме мајката и таткото? Зошто да ги сакаме старите? Зошто да се молиме за затворените, болните, напатените? Само сееме гнев, инает, омраза, разврат, горделивост, завист и завидливост. Тамаќарство и презир… и гориме од тоа… Нема крај за беспаќето на душата, срцето… без добри мисли, добри дела, добри намери…

И друго, и следно, и друго, и повторно и пак…

Почнавме сè обратно, сè спротивно, сè однаопаку, сè контра, сè како што не треба… и за тоа воопшто мува не нè лази, не ни е грижа и воопшто не му ја мислиме…

Беспаќето кое се ствара со омраза, гнев, уговарање, горделивост, неверие, без почит, со инает, зло, разврат, презир, без морал и вредност човечка, завист и завидливост… не може да се реши, санира, не може да се исправи само од себе… и последиците се крајно енормно големи…

Долг и трнелив е патот за да се дојде до исправање на беспаќето предизвикано од рушењето на душите, срцата, умот и разумот, од рушењето на Христос во нас самите.

Самата помисла на злото и лошото, самата помисла на неверие и богохулење, самата помисла на грев и омраза, ги руши Христос, Мајката Божја, Светињите во нас. Нè оддалечува и нè отстранува од патот…

Само најмалата мисла, секвенца од секундата која поминува низ нас, а која е исполнета со желба за добрина, добро дело, прав пат и љубов, е поголема од најголемата молитва …

Да правиме, мислиме и создаваме добрини, љубов и милост. Да веруваме во Бога и сè што од Него создадено. Да го чуваме православието со дела, мисли и труд, достојни за Името Божјо. Да живееме по Писмото и Евангелието на правдата …

Да не создаваме беспаќа заради нас самите… да не изгориме.

Световните беспаќа ќе ги пребродиме. Да си ги спасиме душите и срцата со љубов, благодарност, молитва…

Да мислиме за Христос во нас, без Него ни едно ливче на дрвјата не се помрднува, а камо ли ние да живееме…

Да го замениме беспаќето со правиот пат. Патот на животот.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz