Петнаесетта недела по Педесетница

И еден од нив, законик, искушувајќи Го, праша и рече: “Учителе која заповед е најголема во Законот?” А Исус му одговори: “Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците.” И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: “Што мислите за Христа? Чиј е син'” Му одговорија: “Давидов.” Им рече: “Како тогаш Давид, вдахнат од Духот, Го нарече Господ, велејќи: ‘Му рече Господ на Мојот Господ: ‘Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.’ И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш да Му е Син?” И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој не се осмели да Го праша.

Предавајќи ја заповедта за љубовта кон Бога и ближните, Господ веднаш го додал учењето за Своето Божјо Синовство, и за Своето Божество (Мт. 22,35-46). Но, зошто? Затоа што вистинската љубов кон Бога и луѓето е невозможна, освен преку дејството на вера во Божеството на Христа Спасителот, т.е. [верата] дека Тој е воплотен Син Божји. Таквата вера ја раѓа љубовта кон Бога. Оти, како да не Го љубиме Бога, Кој нас толку нè возљуби, та и Синот Свој единороден не Го поштеди, туку за нас Го даде? Оваа вера ја доведува љубовта до полнота на совршеноста, или до Оној Кој [таа љубов] Го бара. За да се достигне тој сојуз, потребно е да се надмине чувството на правдата Божја, кое нè прекорува поради гревот. Инаку, би било страшно да пристапиме кон Бога. Тоа чувство се победува со убедувањето дека правдата Божја е исполнета преку крстната смрт на Синот Божји. Тоа убедување пак, доаѓа од верата.

Христос

Оттука следи дека верата го открива патот на љубовта кон Бога. Тоа е прво. А второ: верата во Божеството на Синот Божји, Кој заради нас се воплоти, пострада и беше погребен, ни дава образец за љубовта кон ближните. Оти, оној кој љуби, својата љубов ја покажува тогаш, кога и душата своја ја полага за љубените. Токму верата дава сила за пројавување на таквата љубов.

За да имаме таква љубов, треба да станеме нов човек, односно преку самоодрекување да го напуштиме сè она што е егоистично. Само во Христа човекот станува нова твар. Во Христа, пак, е оној кој преку верата и преку благодатниот препород во Светите тајни, се приближил кон соединувањето со Христа. Затоа, оние кои очекуваат без вера да го сочуваат макар природниот поредок – залудно се надеваат. Зашто, сè е поврзано: човекот не може да се подвои. Тој мора сиот да се исполни.

Свети Теофан Затворник
„Мисли за секој ден во годината“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz