Силата на благословот

Пет леба

Човештвото е заедница на личности и етноси. Тие се повикани да станат еден, голем и свет народ на живиот Бог. Народот Божји ги фокусира: секоја личност посебно, секое семејство посебно и секој етнос посебно. Чувајќи им го идентитетот, соборно ги воипостасува (оличноснува).

Во историскиот ôд на старозаветниот и новозаветниот избран народ Божји, честопати се случувале големи и трагични отуѓувања од источникот на вистината и животот, оттуѓувања од причинителот на нашиот живот, од дарителот на нашиот живот, од триипостасниот Бог. Тие отуѓувања на човекот од Бога и на човештвото од Бога сме ги доживувале и ги доживуваме како катаклизми, трајно меморирани во умот на Црквата. Тие се предизвикани од тектонските поместувања на внатрешните, духовни простори на хипостазираните природи на човекот и човештвото. А потем, како рефлексија и како последица на она што се случило внатре во човекот, во светот се случуваат војни, земјотреси, поплави, пожари, револуции, проследени со болести, глад, помор и еколошки катастрофи. И сето тоа поради одбивањето на човекот да се соочи со вистинската причина што ги предизвикува големите несреќи во историјата на човештвото.

Но, еве, денешново Свето Евангелие нè соочи со суштиот одговор на егзистенцијалните прашања и предизвици, својствени за модерниот човек, но и за сите човечки генерации од сите времиња и епохи. Пред да ја разгледаме содржината на Светото Евангелие, сакаме да укажеме на уште една голема катастрофа. Човекот на рационалната, схоластичка култура неа ја произведе во лабораторијата на интелектот. Во мугрите на нововековието беше произведена схизмата меѓу религијата и природата, но не без помош на философијата и науката. Како последица на тоа, во нашиов век философијата и науката доживеаја радикален раскол. Нивното учество во првата схизма им се врати како бумеранг. Ја доживеаја судбината на својата жртва. Жртвата ја принесуваат жреците на новиот паганизам. Паганите опогануваат сè што е свето. Откако Бога го прогласија за мртов, сè им е дозволено. Подигнати се многу жртвеници и се принесуваат многу крвни жртви. Од култ кон Бога, културата ја ничкосаа во култ на сатаната. Светот – ѓубриште е веќе претесен за да ги собере златните телиња ракотворени од човекобоговите. Quo vadis homo!?

Но, зошто сето тоа го кажавме? Модерниот човек продолжува да се потпира на силите од својата природа. Нејзините енергиски, благодатни капацитети не се непотрошливи. Технократската цивилизација навлекува маска. Трошејќи се неповратно, без возобнова и уможување на силите, се истрошува. Зад маската на невидениот прогрес на машинската технологија, на експанзијата на големите економски и банкарски системи и на сега веќе исклучиво од нив условените политички, идеолошки и философски системи, се крие анемичниот и немоќен човекобог, со атомска бомба во рацете. Сè што прави за да си го олесни животот и со леснотијата на животот да го усреќи човекот, му стана неподнослив товар. Негова хипотека станаа никогаш нереализираните ветувања да нема војни, да нема гладни, да нема боси, да нема болни, да нема смрт и сите да бидат среќни.

Се случува спротивното. На прагот на XXI век, војните, гладта, болестите, смртта и несреќите се умножиле повеќе од кога и да е. Чувствуваат ли срам богатите, ткн. развиени земји, поради милионите луѓе што умираат од глад? О безумство! Цената на производите им е поважна од животите на луѓето. За таа цел се истураат тони храна во амбисните утроби на океаните. Поради „мртвиот Бог“ и безблагодатноста, некогашниот економски моќен Советски Сојуз, и покрај тоа што беше најголема светска житница, беше и остана најгладната земја на светот. Зошто е така? Од каде овој парадокс? Што му се случило на човекот? При една моја посета на Војводина, еден умен, стар и искусен земјоделец ми го кажа следново: „Оче Стефан, тогаш кога ги оравме нивите со коњи, успевавме сета земја да ја изораме и богатиот род да го ожнееме, а сега, пак, кога имаме трактори и најмодерна механизација за обработување на земјата, не стигнуваме да ја изораме целата земја и да го собереме родот што Бог ни го дава“. Но, зошто? Одговорот ми го даде самиот селанец: „Тогаш кога оравме со коњи, нашиот свештеник ја благословуваше земјата и молитвено испросуваше благослов од живиот наш Бог за изобилие на плодовите земни. И Господ ни даваше сили и мудрост да го собереме богатиот род и да го прибереме во амбари негнилежни за да ги насити нашите тела и души“. Токму поентата на нашиот чудесен селанец од Војводина е поентата на денешното Евангелие. Го заборавивме Бога, браќа мои, и се прогласивме за богови. Градиме идолопоклонички однос кон себеси и кон сè што е дело на рацете наши. „Горд човеку, смири се!“ Ќе можеме ли без Бога да го продолжиме нашиот историски ôд до есхатонот? Со силата на мускулите и без да се искршат коските на умот, сигурно е дека не ќе можеме!

А денес, возљубени христијани, видовме како добриот и човекољубив Бог ги нахрани петте илјади мажи, не броејќи ги жените и децата. Се сноќи и останаа гладни. Зборовите и близината на спасителот им беа послатки од мед. Апостолите се загрижија за собраниот народ. Ги наваса дилемата: дали да ги отпуштат да си отидат во градот и таму да се нахранат? Телата им беа гладни, исцрпени, цел ден го следеа Христос и духовно се хранеа од устата негова божествена, со спасителните, оживотворувачки зборови. А Христос ги праша учениците дали имаат нешто за јадење. Само две риби и пет леба. Им заповеда да ги донесат. Христос го зеде лебот, го благослови и го прекрши, потем и рибите, па и им заповеда на апостолите да им ги разделат на народот. И народот јадеше, се вели во Светото Евангелие, и се насити, и потем дванаесет кошеви со остатоци од храната беа собрани. Ете, тоа значи благословот Божји. Та нашите стари не беа безумни што не легнуваа без благослов, крст и молитва, ниту стануваа од кревет без благослов, молитва и крст, ниту почнуваа работа без благослов Божји, без молитва и крст. Елате и вие, возљубени мои, вратете му се на Бога, на живиот дијалог и комуникација со Бога. Да испросиме богат и изобилен благослов за почеток и исполнување на секое добро дело во животот наш.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz