Зошто би сакал да му простам на непријателот?

Речиси секој знае дека Христос им заповедал на христијаните да ги љубат своите непријатели. Често откриваме дека оваа номинална вредност е многу тешто достижна (ако не и недостижна) и заклучуваме дека се работи за еден недостижен идеал. За нехристијаните, простувањето на непријателите, во некои случаи, е заеднички идеал (повеќето луѓе веруваат во „мир“), но повеќето, ако не и сите нехристијани, неизбежно ги препознаваат опасностите вклучени во простувањето на непријателите – после сè, тие се сепак непријатели. Зошто Христос ни предал една таква заповед?

Има неколку нешта кои веднаш треба да бидат нагласени, поради тоа што тие не се причини за оваа заповед.

  1. Христовата заповед да им простуваме на непријателите не е дел од некаква глобалната стратегија за владеење на мирот во светот. На ниту едно место Христос не ни сугерира дека почитувањето на Неговите заповеди ќе го направи светот подобро место за живеење – напротив, Тој ги предупредува Неговите ученици дека поаѓањето по патот по кој Тој самиот тргнал, би значело многу веројатна смрт за нив.
  2. Христовата заповед да им простуваме на непријателие не ни е дадена како идеал за нашето морално подобрување. Невозможните нешта со кои се соочуваме во оваа заповед сами по себе се показател дека таквото однесување е еден дар од Бога. За луѓето, таквите нешта се невозможни.
  3. Христовата заповед да им простуваме на непријателите не ни е дадена со цел да ни помогне „меѓусебно да се согласуваме“. Навистина, Тој исто така вели дека Неговото пришествие ќе донесе раздори, дури и семејни разделби. Во пракса, простувањето на непријателите е многу понепопуларно одошто ние мислиме.

Тогаш, чуму оваа заповед?

Одговорот на ова прашање е дадено на неколку места во евангелијата – [можеби] најјасно во Евангелијата според Матеј 5,43-45 и според Лука 6:35-36.

Сте слушале дека е кажано – ‘Љуби го својот ближен и мрази го непријателот’. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните.“ (Св. Евангелие според Матеј)

Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец. (Св. Евангелие според Лука)

Извадоците, секако дека се паралели и се појавуваат во сличен контекст. И во двата случаи, една слична причина е дадена за заповедта: треба да им простиме на нашите непријатели „за да бидеме синови на вашиот Отец небесен“ и за да бидеме „синови на Севишниот“. Простувањето на непријателите и делата поврзани со него ни се особено дадени за да бидеме сообразни со ликот Божји. Навистина, таквото простување е олицетворение на таа сообразност.

Св. Силуан Атонски еднаш рекол: „Бога Го познаваш онолку, колку што ги љубиш своите непријатели“.

Оваа сообразност не е морална сообразност – ние не се бориме да бидеме како синови на Севишниот – не се бориме да бидеме тукуречи синови на нашиот Отец небесен. Преку оваа заповед Христос ни нуди вистинска заедница со Бога – удел во Неговиот живот. Тој исто така ни нуди и јасен знак за оваа заедница, како што забележал св. Силуан. Има многумина [меѓу нас] кои можат да ни посочат некакви нивни искуства, и религиски избори кои ги направиле. Но, доколку не ги љубат своите непријатели, имаат уште многу да изодат по патот кон спасението.

Има и такви кои прават разлика меѓу простувањето на своите непријатели и реалното љубење на непријателите. Се работи за јуридичка [правна] разлика со која луѓето си замислуваат дека ја исполнуваат заповедта, кога всушност, не ја исполнуваат. Ова е духовна заблуда. Заповедта [за простување] не само што од нас бара да им простиме на нашите непријатели, туку и да ги љубиме и да твориме добри дела за нив. Тоа што ова е тешко (често и невозможно), уште повеќе нè доведува до фактот дека ние се спасуваме по благодат – и повторно, ова не треба да се сфати јуридички. Бог не се преправа дека [гледа како] ние ги љубиме нашите непријатели, нарекувајќи го тоа „благодат“.

На тој начин, Оној Кој ни ги дава заповедите е истиот Оној Кој ни дава благодат за да ја исполниме заповедта. А самите ние сме тие кои одбиваме оваа благодат да делува во нас. Се противиме на Бога. Се противиме на Неговиот добар двиг да љубиме и простуваме. Секако, ова е само еден опис на делувањето гревот во нас.

Во однос на гревот, ние се каеме (се предаваме себеси на Божјата благодат), ги исповедаме нашите гревови, се причестуваме, делиме милостина, и се трудиме да правиме добро на нашите непријатели. Понекогаш дејството на благодатта во својата брзина е слично на движењето на леден брег. Ледениот брег се движи само неколку метри годишно, но со неговото движење се менува сиот земјопис. Затоа и апостолот ни укажува: „од истрајноста произлегува совршено дело“ (Јаков 1,4).

Има една приказна на о. Томас Хопко, која ми е многу драга, а во која тој опиша еден човек кој не сакал да прости. Отец Томас го прашал: „Добро тогаш, дали сакаш да сакаш да простиш?“ Човекот се замислил и рекол: „Не, мислам дека не сакам“. Отец Том му рекол: „Тогаш, дали сакаш да сакаш да сакаш да простиш?“ Човекот му одговорил: „Тоа можам да го направам“. И тоа е почеток.

Отец Тед Бобош

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz