Павел Флоренски – Завештание

florenski

На денешен ден (8 декември 2012) се навршуваат 75 години од маченичката смрт на отец Павел Флоренски – еминентен богослов, философ, историчар на уметноста и математичар. Пренесуваме дел од неговото завештание, преписки со најблиските луѓе.

11.04.1917 г. Сергиев Посад

Мили мои, ве молам, во денот во кој ќе ме погребувате да се причестите со Светите Тајни, а доколку немате можност да се причестите токму во денот на моето погребение, тогаш тоа сторете го во најблискиот ден во кој ќе можете. И воопшто, ве молам, набрзо по мојата смрт да се причестувате често.

Немојте да сте тажни заради мене, и колку што е можно, немојте да жалите. Доколку бидете радосни и бодри ќе ми донесете спокој. Јас секогаш ќе бидам со вас во својата душа, и, доколку ми дозволи Господ, често ќе доаѓам при вас и ќе внимавам на вас. Но, вие, надевајте се на Господ и на Неговата Пречиста Мајка, надевајте се и не живејте во тага.

Најглавното за што ве молам е да спомнувате за Господ и постојано да одите пред Него. Со тоа го кажувам сето она што го сметам за неопходно и што е најважно од она што сакам да го кажам. Сето, пак, останато се или подробности, или второстепени работи. Но она што ви го кажав не го заборавајте никогаш.

Не заборавајте го својот род, своето минато, изучувајте ги своите дедовци и прадедовци, работете на закрепнување на нивниот спомен .

02.06.1919г. Сергиев Посад

Мои мили деца. Ова време на револуцијата беше толку тешко, колку што само можеме да си претставиме; беше и е, и Бог знае уште колку ќе продолжи. Епидемски болести, глад, неверојатно високи цени, бесправие, опасност од секакво насилие; секаква тешкотија којашто можеме да си ја претставиме, не отсуствуваше околу нас. Но, Божјото милосрдие, Покровот на Пречистата Дева и помошта на преподобниот Сергеј, а исто така, и молитвите на јеромонахот Исидор и Епископот Антониј, а можеби и на архимандритот Пимен – никогаш не нѐ оставија, и по големо чудо ние не претрпевме голем недостаток, иако според човечкото разбирање досега илјадапати требаше да умреме од глад, студ и болести, а воедно да ги претрпиме и сите тие насилија. Мои мили деца, Господ нѐ чуваше, ние не останавме без Неговиот покров. Ве молам никогаш не заборавајте го тоа време на вашето детство и секогаш свртувајте се за помош кон Господ, кон Божјата Мајка, Божјиот угодник Сергеј, како и светиот Николај Чудотворец, преподобниот Серафим и кон своите ангели чувари. Со страсна прозба и молба за помош кон пријателите и покровителите на нашиот дом, јеромонахот Исидор и Епископот Антониј и архимандритот Пимен. Не заборавајте го тоа, помнете го, од опитите на мнозина јас се убедив – ние се убедивме – во дејствителноста на молитвите и
молбите кон нив. И затоа уште еднаш велам: мили мои, не заборавајте ги, обраќајте се кон нив за секаква потреба, помнете дека во нивното лице имате домашни покровители, кои ве знаат, љубат, и се грижат за нас во време на нашиот живот.

14.08.1922

Одамна сакам да запишам: почесто гледајте кон ѕвездите. Кога на душата ќе ѝ биде лошо, гледајте кон ѕвездите. Кога ќе ви биде лошо на душата, гледајте кон ѕвездите или во текот на денот гледајте во небесното синило. Кога ќе ви е тажно, кога ќе ве навредуваат, кога нешто не ќе ви оди од рака, кога ќе ве нападне душевна бура – излезете на воздух и останете насамо со небото. Тогаш вашата душа ќе се успокои.

Извор: „Православен пат“ бр. 31

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz