Обраќање на патријархот Кирил до Барак Обама

Ваша Екселенцијо, Почитуван Г. Претседателе,

Руската Православна Црква со болка и вознемиреност ги доживува трагичните случувања во Сирија. Информациите за тамошната ситуација ги добиваме не од новинските извештаи, туку преку живите сведоштва кои доаѓаат до нас од религиските лица, верниот народ и нашите сонародници коишто живеат во таа земја.

Денес Сирија стана арена на вооружениот конфликт. Во него се вовлечени странски наемници и милитанти поврзани со меѓународни терористички центри. Војната се претвори во секојдневна голгота за милиони цивили.

Со длабоко неспокојство ја примивме веста за планот на американската армија да изврши напад на сириска територија. Несомнено, тоа ќе придонесе за уште поголемо страдање на сирискиот народ, и тоа пред сè, на цивилното население. Таквата надворешна интервенција би можела да резултира со доаѓање на власт на радикалните сили, кои нема да бидат во можност и нема да сакаат да го поддржат мултиконфесионалниот карактер на сириското општество.

Особено нè загрижува судбината на христијанското население во Сирија, кое во тој случај ќе се најде пред заканата да биде целосно уништено или прогонето. Истото веќе се случи во областите од земјата населени со милитанти. Нашите стравувања се потврдија со обидот на вооружените опозициски групи да го освојат селото Малула, кое е населено претежно со Христијани. Милитантите продолжуваат со бомбардирање на градот во кој се лоцирани ранохристијански манастири – свети места во коишто на поклонение притекнуваат верни од сите краишта на светот.

Малула
Селото Малула, лоцирано северно од Дамаск е символ на христијанското минато на Сирија, и едно од ретките места кадешто се говори загрозениот арамејски јазик

Христијанските ерарси од Алепо, митрополитите Павле и Јован Ибрахим се држат во заложништво од страна на милитантите уште од 22 април. И покрај фактот што бројни религиски водачи упатија апел до нивните шефови на држави да го помогнат нивното ослободување, за судбината на овие двајца ерарси не се знае ништо.

Длабоко сум убеден дека земјите што припаѓаат на христијанската цивилизација се свесни за одговорноста што ја имаат за судбината на христијаните на Средниот Исток.

Несомнено, моменталната криза во Сирија треба да се реши со учество на меѓународната заедница. Во тој поглед, сметам дека е важно да се искористат можностите за дипломатско разрешување на конфликтот. Овие можности ја подразбираат меѓународната контрола на сириското хемиско оружје.

Руската Православна Црква ја знае цената на човечките страдања и жртви, особено што во 20-иот век нашиот народ преживеа две деструктивни светски војни кои одзедоа милиони животи, уништувајќи мноштво други. Исто така, на болката и загубата на американскиот народ поради терористичките напади од 11 септември 2001, гледаме како на свои.

Во вечерта на годишницата од овој трагичен ден, се обраќам кон Вас со апел да ги чуете гласовите на религиските водачи кои заеднички се спротивставуваат на било каква воена интервенција во сирискиот конфликт, и во најскоро време да го помогнете започнувањето на мировни преговори.

Со почит,
+Кирил, патријарх Московски и Руски

Оставете коментар

1 Comment on "Обраќање на патријархот Кирил до Барак Обама"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Агапи Rate this:Сподели:FacebookTwitterEmailPrintLike this:Like Loading… This entry was posted […]

wpDiscuz