Патот на еден растафаријанец кон Православие

Растафаријанец - ѓакон

Го нарекуваат муслиман, евреин, зен мајстор, дури и Осама бин Ладен. Честопати луѓето се збунети: кој е овој човек?

Мајкл (Михаил) Вилсон, кој повеќе од две децении работел во канзашката Liberty Hall, има долга брада, која како што расте и се одделува од неговото лице, така и обелува, и испрашени суканици останати од деновите кога бил растафаријанец. Брадата и косата сега му служат за уподобување на Христа. Носи и црна мантија и скуфија, облека која го символизира неговото ракополагање за ѓакон.

Кога им кажува на луѓето дека е православен, тие го прашуваат – зошто токму православен? Зар не би било полесно кога би пошол во Лутеранската црква преку патот?

„Христос ги повикува луѓето на различни начини“, вели 55-годишниот Мајк. „Секој еден од нас има свој пат. Сечиј пат е единствен пат кон Христа“.

Преодот од растафаријанство во православно Христијанство и не е толку апсурден, како што мислиме. Голем дел од растафаријанската заедница е длабоко спиритуална. Нејзиниот предводник, поранешниот етиописки владетел Хаил Селасиј, за многумина е потомок на светиот цар Соломон.

Дури и кога бил познат како „Рас Мајк“, отец Михаил ја ширел пораката на љубовта, на единството, на Бога.

„Мајк се откажа од две работи: од тревата и верувањата за Селасиј. Сè друго во него е исто“, вели Лин Андресон, пријателка што го познава повеќе од триесет годни.

Отец Мајкл е човек кој има огромна страст да дознае сè за она што ќе го привлече неговото внимание. Во времето кога бил растафаријанец, ги посетувал раста-фестивалите, водел реге радио емисија во Канзас, и повеќе пати ја посетувал Јамајка. Всушност, човекот којшто го вовел во православието, отец Пајсиј, го запознал на еден реге фестивал во Канзас, пред повеќе од 10 години.

„Постојат многу сличности меѓу раста движењето и православното Предание“, му објаснил отец Пајсиј. „Почитта кон Земјата, почитувањето и љубовта кон ближниот, гледањето на себеси како дел од заедницата, надминувањето на расната нетрпеливост, идејата за единство на човештвото…“. Новите познаници набрзо откриле дека имаат заеднички интерест – Етиопија: имено, и двајцата имале четворотомно издание на книги посветени на етиопските светители. Отец Пајсиј го поканил Вилсон во неговата парохија, во црквата посветена на св. Марија Египетска во Канзас Сити, Мисури. Вилсон се согласил, и започнал редовно да го посетува; набрзо потоа ја увидел лажноста на културата на која ѝ посветил повеќе од десет години од својот живот. На крај, поверувал дека Исус Христос, а не Селасиј, е воплотениот Бог.

Мирољубив уште од детството

Израснат во Менхетен, Канзас, отец Михаил бил мирно дете кое никогаш не се препирало со своите врсници, ниту пак се пречкал за своите играчки. Како што кажува, мајка му му велела дека отсекогаш знаела дека е близок до Бога; некои пак, велеле, дека се дружи со ангели.

И навистина, штом ќе го сретнете, ви станува јасно што мислеле. Отец Мајк е нежен човек чија појава ве разоружува, и чија што личност ве смирува. За себе вели дека не знае дали некогаш се разгневил за нешто. Вели дека како тинејџер поминал во вообичаената „бунтовничка“ фаза. Тогаш ја запознал и својата сопруга, за која вели дека оттогаш станала негова карпа. Тереса Вилсон, или ѓаконица Џозефина (името кое го добила на светото Крштение), потполно го следела својот сопруг во неговите интереси. „Секогаш си мислев: ‘Штом го љубам, да го сторам и ова за него’“, вели ѓаконицата, која денес готви во еден дом за стари лица.

И двајцата живеат во една малечка фарма во Канзас. Поголемиот дел од нивната храна ѓаконицата го одгледува во педантно уредената градина на фармата. Околината им е раззеленета, и многу мирна; повремено се слушаат звуците од природата како единствен прекин во благата тишина.

„Ме привлекува молчеливоста на овој свет“, вели отец Михаил. „Како христијани, велиме дека јазикот на векот што доаѓа е молкот. Колку сме потивки, толку повеќе можеме да Го чуеме Бога“. Продолжува, велејќи дека повеќе сака да созерцува, отколку да гледа телевизија; повеќе сака да ја врти бројаницата, отколку да типка по телефонот. Во својот дом има и параклис, во кој ги извршуваат службите од целодневното богослужбено правило тогаш кога не се во можност да одат во Канзас Сити. Поголемиот дел од времето отец Михаил го поминува во неговата „келија“, импровизирана барака полна со книги, свеќи и икони.

„Секој од нас има свој пат“, го привршува разговорот ѓаконот. „Дури и во моите бунтовнички денови, како тинејџер, вистински Го барав Бога. Трагав по молитвениот живот, едноставното живеење во мир и тишина. А Христос токму тоа и ни го дава: внатрешниот мир. Полека го наоѓам тоа. Го вкусувам.“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz