Пасхално слово на светиот отец наш Јован Златоуст, архиепископ Константинополски

Кој е побожен и богољубив, нека се насладува со оваа чудесна и светла слава. Кој е благоразумен слуга, радувајќи се, нека влезе во радоста на својот Господ. Кој се намачил постејќи, сега нека ја прими својата плата. Кој работел од првиот час, денес нека го прими праведниот долг. Кој дошол по третиот час, нека празнува со благодарност. Кој стигнал по шестиот час, ни најмалку нека не се сомнева, зашто со ништо нема да биде оштетен. Кој го пропуштил и деветиот час, нека пристапи не колебајќи се. Кој стигнал дури во единаесеттиот час, нека не се плаши поради доцнењето: зашто овој прекрасен Господар го прима последниот како и првиот, го одмара оној кој дошол во единаесеттиот час исто како и оној кој работел од првиот час. И последниот го милува и првиот го вселува; и на оној му дава и на овој му дарува; и делата ги прима и намерата ја целива; и трудот го цени и приносот го фали.

Затоа, влезете сите верни во радоста на својот Господ; и првите и другите плата примете; богати и сиромаси, еден со друг ликувајте; кои се воздржувавте, кои сте биле мрзливи, почитувајте го денот; вие кои постевте и кои не постевте, веселете се денес! Трпезата е преполна, сите насладувајте се богато! Телето е угоено, никој нека не излезе гладен, сите насладете се со гозбата на верата, уживајте во богатството на добрината! Никој нека не ја оплакува сиромаштијата, зашто се јави општо царство. Никој нека не тагува заради гревовите, зашто прошка заблеска од гробот. Никој нека не се бои од смртта, зашто смртта на Спасителот нè ослободи, ја изгасна Оној Кого таа Го држеше, го заплени адот Оној Кој слезе во него, се огорчи адот вкусувајќи го Телото Негово.

Воскресение

И, предвидувајќи го тоа, Исаија воскликна: адот се огорчи, кога долу Те сретна, адот се огорчи, зашто опустоши, адот се огорчи, зашто беше исмеан, адот се огорчи, зашто беше умртвен, адот се огорчи, зашто беше срушен, адот се огорчи, зашто беше окован; го прими телото Христово, а Го најде Бога, прими земја, а сретна небо, Го прими она што го гледаше, а падна во она што не го гледаше.

Каде ти е, смрт, бодилото? Каде ти е, аду, победата? Воскресна Христос и ти се струполи. Воскресна Христос и паднаа демоните. Воскресна Христос и се радуваат ангелите. Воскресна Христос и ниту еден мртов во гробот. Зашто, Христос, воскреснувајќи од мртвите, стана првина меѓу умрените. Нему слава и чест низ сите векови. Амин.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!

Оставете коментар

2 Comments on "Пасхално слово на светиот отец наш Јован Златоуст, архиепископ Константинополски"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Свети Јован Златоуст ќе рече дека Христос не го покажа целокупното Божество, туку едно мало негово дејство. А тоа го направи, од една страна за да извести за тоа која е Божествената слава на Царството, а од друга страна од човекољубие, за да не го изгубат и својот живот гледајќи ја сета слава на Божеството. Затоа тајната на Преображението е и откровение на Царството, но и израз на љубовта и на човекољубието Божјо. […]

wpDiscuz