Паримии за Сретение Господово

Вечерна на Сретение

И во тој ден ги изведе Господ синовите Израилеви од земјата Египетска со нивната војска. Му рече Господ на Мојсеја, велејќи: „Посвети ми го секое првородено, кое ја отвара секоја утроба меѓу синовите Израилеви: и од луѓето, и од добитокот. Тие Мене ми припаѓаат!” И Мојсеј му рече на народот: „Помнете го овој ден, во кој излеговте од земјата Египетска, од домот на ропството, зашто со рака силна ве изведе Господ оттаму; и не јадете ништо со квас. Затоа оној закон запазувај го секоја година во определено време! А кога ќе те воведе Господ, твојот Бог, во земјата Хананска, како што ти се заколна тебе и на твоите татковци, и ќе ти ја предаде – на Господа ќе Му го одделуваш секое првородено од машки пол, што отвора утроба и секое провородено од стадата или добитокот, што го имаш, а е од машки род, посвети го на Господа! А кога ќе те запраша синот твој тогаш и ти рече: ‘Што е тоа?’ Кажи му: ‘Зашто со рака силна нѐ изведе Господ од Египет, од домот на ропството.’ Оти, кога се ожесточи Фараонот да не нѐ пушти, го уби Господ секој првороден во земјата Египеска, од првенец човечки до првородено во добитокот – затоа Му го принесувам на Господа како жртва секое машко, кое отвора утроба, а секој првороден меѓу синовите мои го откупувам. И тоа нека ти биде знак на раката твоја и постојано пред очите твои, бидејќи со рака силна те изведе Господ од Египет.” Не воздржувај се да ги принесеш првите плодови од жетвата и лозјето; дај Ми ги првородените од синовите твои. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: „Кажи им на синовите Изрилеви и речи им – кога жената ќе забремени и роди машко дете, нечиста ќе биде седум дена, како во деновите на природното очистување свое, така ќе биде нечиста. А во осмиот ден нека му се обреже на детето крајниот дел. А таа нека остане уште триесет и три дена чистејќи се од крвта; до ништо свето да не се допира и да не влегува во светилиштето си додека не изминат деновите не нејзиното чистење. И кога ќе се навршат деновите на чистењето нејзино, тогаш заради синот или заради ќерката нека донесе при свештеникот пред скинијата на сведоштвото јагне без недостаток, едногодишно – жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев. Потоа левитите, откако ќе ги очистиш и ќе го извршиш над нив посветувањето нивно, да влезат да служат во скинијата на сведоштвото; зашто тие Ми се дадени меѓу синовите Израилвеи; бидејќи место сите првородени од синовите Израилеви, кои отвораат секоја утроба, Јас ги зедов за Себе. Зашто Мои се сите првородени меѓу синовите Израилеви, од човек до добиток: во оној ден, кога Јас ги поразив сите првородени во Египетската земја, Јас ги осветив за Себе,

2Мојс. 12,51; 13,1–3, 10–12, 14–16; 22,29; 3Мојс. 12,1–4, 6, 8; 4Мојс. 8,15–17

Во годината кога умре цар Озија, јас го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на одеждата Негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе. И викаа еден кон друг и велеа: „Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!” И се разниша, горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим. И реков: „Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот Господа Саваот!” Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот, се допре до устата моја и ми рече: „Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти.” И го чув гласот на Господа, Кој рече: „Кого да испратам и кој ќе отиде заради нас?” А јас реков: „Еве ме мене, испрати ме мене!” Тогаш Он рече: „Оди и кажи му на тој народ: »со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите.« Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам.” И реков: „До кога, Господи?” Он рече: „Додека запустат градовите и останат без жители, и куќите без луѓе, земјата сосема не се запусти, додека Господ не ги оддалечи луѓето и голема пустош во таа земја да има.

Ис. 6,1-12

Ете, Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски, а срцето на Египет ќе се стопи во него. Духот на Египет ќе изнемошти во него, ќе ги разруши намерите негови, – и ќе прибегнат тие кон идоли и маѓесници, кон оние што повикуваат мртовци и кон бајачи. Ќе ги предадам Египтјаните во рацете на жесток владетел, свиреп цар ќе владее над нив, – вели Господ, Господ Саваот. И водите во морето ќе исчезнат, реката ќе секне и ќе пресуши; Каде се тие? Каде се твоите мудреци? Нека ти кажат тие сега; нека дознаат што определил Господ Саваот за Египет? Во овој ден Египтјаните ќе бидат како жени; ќе затреперат и ќе се уплашат од движење на раката на Господа Саваот, што Он ќе ја крене против нив. Во оној ден ќе има жртвеник на Господа среде Египетската земја и споменик на Господа – во нејзините предели. Тој ќе биде знак и сведоштво за Господа Саваот во Египетската земја, зашто тие ќе викаат кон Господа од потисниците, и Он ќе им донесе спасител и застапник, и ќе ги спаси. И Господ сам ќе се јави во Египет; во тој ден Египтјаните ќе Го познаат Господа и ќе принесат жртви и дарови, ќе Му дадат ветувања на Господа и ќе ги исполнат.

Ис. 19,1, 3–5, 12, 16, 19–21

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz