Паримии на славата на Успението Богородично

1Мојс. 28, 10-17

Јаков, пак, ја напушти Вирсавија и отиде во Харан, па најде едно место, и таму преноќева, бидејќи сонцето беше зашло. И зеде еден камен од тоа место, и си го кладе под главата, па заспа на тоа место. И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа. А ете, Господ стоеше на неа, Кој му рече: „Јас сум Господ Бог на таткото твој Авраама и Бог Исаков, не плаши се. Оваа земја, на која спиеш, тебе ќе ти ја дадам и на потомството твое; а потомството твое ќе биде колку песокта на земјата; ти ќе се рашириш на запад и на исток, и на север и на југ, и сите племиња на земјата ќе се благословуваат со тебе и во потомството твое. И еве, Јас сум со тебе, и ќе те пазам секогаш каде и да појдеш, и ќе те вратам во оваа земја, и нема да те оставам сè додека не го извршам она што сум ти рекол.” А кога се разбуди Јаков од сонот, си рече: „Сигурно е Господ на ова место; а јас не знаев!” Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Не е друго, а е дом Божји, ова е вратата небеска!”

Језек. 43, 27; 44, 1-4

Откако ќе се свршат тие дни, во осмиот ден, а и понатаму свешнитениците ќе ги принесуваат врз жртвеникот вашите сепаленици и благодарствени жртви; и Јас ќе бидам милостив кон вас, вели Господ Бог.” Потоа ме поведе назад, кај надворешната врата на светилиштето, свртена кон исток, а таа беше затворена. И ми рече Господ: оваа врата ќе биде затворена, не смее да се отвора и ниеден човек нема да влезе низ неа, оти Господ Бог Израилев влегува низ неа и таа ќе биде затворена. Таа е за кнезот, само кнезот, затоа што е кнез ќе седне до неа за да јаде леб пред Господа: ќе влезе преку тремот на таа врата и преку неа ќе излезе. Потоа ме одведе низ северната врата пред лицето на храмот и видов, а тоа славата Господова го исполнуваше домот Господов, и паднав ничкум.

Изреки 9, 1-11

Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови, ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја; ги испрати слугите свои да огласат од градските височини: „Кој е неразумен, да наврати тука!” И на малоумните таа им рече: „Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила; оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.” Кој поучува бесрамник, ќе си спечали неславност, и кој го разобличува нечестивецот – дамка. Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака. Дај му совет на мудриот, и тој ќе биде уште помудар; научи го праведниот, и тој повеќе ќе напредне во знаењето. Почеток на мудроста е стравот Господов, и познавањето на светиот е разум; зашто преку мене ќе ти се умножат дните, и ќе ти се додадат години на животот.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz