Паримии на славата на Вознесението Господово

Вознесение - Спасовден

Ис. 2,2-3

И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нè научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.”

Ис. 62,10-12; 63, 1-3, 7-9

Минувајте, минувајте низ портите, приготвувајте пат за народот! Рамнете, рамнете го патот, собирајте ги камењата, кренете знаме за народите! Ете, Господ објавува до крајот на земјата: кажете ѝ на ќерката Сионова: твојот Спасител иде; наградата Негова е со Него, а отплатата Негова – пред Него. И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господа, а тебе ќе те наречат „баран”, град неизоставен. Кој е Оној, Кој иде од Едом, во црвена одежда од Восор, Кој е толку величествен во облеката Своја, Кој пристапува во полната сила Своја? – „Јас сум, Кој изрекувам правда и сум силен да спасувам.” Зошто Твојата облека е црвена, и твоите одежди – како на оној, што газел во каца? „Јас газев во каца сам, и никој од народите не беше со Мене; Јас ги газев во гневот Свој и ги газев во јароста Своја; крвта нивна ми ја прскаше облеката Моја; ја извалкав целата облека Моја; Ќе се сеќавам на милоста и славата Господова, за сè што Господ ни дарува, за големата Негова благост кон домот Израилев што Он ја укажа по милосрдноста Своја и по многуте добрини Свои. Он рече: „Навистина, тие се Мој народ, деца што нема да излажат,” – и Он ќе биде нивни Спасител. Во секоја нивна жалост Он не ги оставаше и Ангелот на Неговото лице ги спасуваше; со Својата љубов и добросрдечност Он ги искупи, ги зеде и ги носеше преку сите древни дни.

Зах. 14,4, 8-11

И ќе застанат нозете Негови на Елеонската Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Елеонската Гора од исток кон запад со многу голема долина и половината ќе појде кон север, а втората половина кон југ. Во тој ден ќе потечат живи води од Ерусалим, половина кон источното море, а половина кон западното море; така ќе биде и лете и зиме. И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и името Негово – едно единствено. Целата таа земја ќе биде како рамнината од Гаваон до Ремон, јужно од Ерусалим, кој се извисил на местото свое и кој ќе се насели од портите Венијаминови до местото на првите порти, до Агловите порти, и од кулата на Ананеила до царските визби. И ќе се населат во него, и проклетство нема да има повеќе, а Ерусалим ќе се наоѓа во безопасност.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz