Паримии на славата на Преображението Господово

Исх. 24, 12-18

И му рече Господ на Мојсеја: „Качи се при Мене на гората и остани тука; ќе ти дадам камени плочи со закон и заповеди, што ги напишав за да им бидат закон.” Тогаш стана Мојсеј со Исуса, неговиот помошник, и се искачија на гората Божја, а на старешините им рекоа: „Почекајте тука во молчење додека се вратиме при вас; а, ете, Арон и Ор се со нас, па, ако има некој нешто за судење, нека оди при нив.” И се искачи Мојсеј на гората, а облак ја покри планината, и беше слава Господова на гората Синајска; и облак ја покриваше шест дена; а во седмиот ден го повика Мојсеја пред облакот. А славата Господова се гледаше како оган што гори на врвот од гората пред синовите Израилеви. И Мојсеј влезе среде облакот и се качи на гората; и остана таму Мојсеј четириесет дена и четириесет ноќи.

Исх. 33,11-23; 34, 4-6, 8

И тогаш, Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој. Потоа Мојсеј се враќаше во таборот, а помошникот негов Исус, синот Навинов, младич, не излегуваше од скинијата. И му рече Мојсеј на Господа: „Ете, Ти ми велиш: ‘изведи го тој народ, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‘Јас те знам по името и ти најде милост пред Мене.’ Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откри ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да узнаам дека овие луѓе се Твој голем народ.” И му рече Господ: „Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.” А Мојсеј му рече: „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај ни одовде, оти, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И ќе се прославам јас и народот Твој повеќе од сите народи што се на земјата.” И Господ му рече на Мојсеја: „Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам повеќе од сите.” Пак рече Мојсеј: „Покажи ми ја славата Своја.” Му одговори: „Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: Господ е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение – ќе го утешам.” И потоа рече: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.” И пак рече Господ: „Ене место при Мене, застани на онаа карпа! А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе.” И изделка две плочи од камен, како што беа првите, и стана порано Мојсеј утредента рано, па се искачи на планината Синај, како што му заповеда Господ: и ги зеде со себе двете камени плочи. А Господ слезе во облак, и застана пред Него, и го возгласи името Господово. Потоа помина Господ покрај лицето негово и извика: „Господ, Господ, Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! А Мојсеј побрза, падна наземи и се поклони на Бога.

3Цар. 3-9, 11-13, 15-16

Кога го виде тоа, Илија стана и замина, за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустињата на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и сакаше да умре, велејќи: „Доста веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од татковците свои.” И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади и пиј.” Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат.” Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив. И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?” Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господа; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.” Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се чу глас, кој му рече: „Зошто си тука, Илија?” А Господ му рече: „Врати се по патот свој преку пустињата во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помажи го Азаила за цар на Сирија, а Јуја, Намесиевиот син, помажи го за цар над Израилот; Јелисеја, пак, Сафатовиот син, од Авел-Маул, помажи го за пророк место себеси.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz