Паримии на Педесетницата

Педесетница во Троице-сергиева лавра

И му рече Господ на Мојсеја: „Собери ми седумдесет мажи од старците меѓу старешините Израилеви, за кои знаеш дека се негови старешини и надзиратели, па доведи ги кај скинијата на сведоштовото, за да застанат таму заедно со тебе. Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е во тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе товарот на народот, а не ти сам да го носиш.“ Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старешините народни и ги постави околу скинијата. И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа. Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот – Модад; но и над нив беше слегол Духот, тие беа меѓу запишаните, само што не излегоа при скинијата, но и тие пророкуваа во логорот. Дотрча едно момче и му јави на Мојсеја, и рече: „Елдад и Модад пророкуваат во логорот“. Во одговор на тоа Исус син Навинов, служител на Мојсеја, еден од избраниците негови, рече: „Господаре мој, Мојсеј, забрани им!” Но Мојсеј му рече: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!”

4Мојс. 11,16–17, 24–29

Вака вели Господ: „А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Он ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – дожд ран и дожд доцен, како и порано. И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со елеј. И ќе ви надоместат за оние години, кога испојадоа сè скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас. И до наситка ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој пред вас изврши големи чудеса, така што Мојот народ нема да се посрами довека. И ќе познаете дека Јас сум меѓу Израилот и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека. И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух. И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господен, великиот и страшниот. Тогаш секој, што ќе го призовува името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а и по другите места, што ќе ги повика Господ.“

Јоил 2,23-32

Вака вели Господ: „Ќе ве земам од кај народите, ќе ве соберам од сите страни и ќе ве доведам во вашата земја. Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сета ваша скверност, и од сите ваши идоли ќе ве очистам. Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои. И ќе живеете во земјата, која им ја дадов на татковците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог.

Језекиил 36,24–28

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz