Ексклузивно: Човек од Назарет оди по вода?

po-more

Витсаида, 10 август (Галилеја Тајмс за Пара вести). Доцна синоќа, на четвртата стража, од водите на Галилејското Езеро бил извлечен давеник кој се обидувал да оди по вода, известуваат жители на Витсаида Галилејска. Спасител во случајов бил извесниот Исус од Назарет, кој на нашите читатели им е познат по чудата кои изминатиов период не престанува да ги врши низ целата Света Земја, а за што неретко пренесува и нашата редакција.

Според сведоците, од кои повеќето сакаа да останат анонимни со исклучок тројца – Матеј, Марко и Јован, давеникот бил Симон Петар, синот Јонин. Имено, откако претходниот ден Симон Петар, заедно со неговиот брат Андреј и неколку другари се јавија во нашата редакција и тврдеа дека со само пет леба и две риби нахраниле повеќе од 5.000 луѓе, тврдење кое нашиот уредник сметаше дека е бесмислено (и покрај неколкуте изјави што ги зедовме од луѓето што беа нахранети) и поради тоа не ни дозволи да го објавиме, се искачиле во кораб и тргнале на другата страна од езерото, кон Капернаум.

Меѓутоа, тука започнала драмата. Поради синоќешните временски прилики, езерото било разбранувано и постоело реална можност коработ да биде превртен. Во тие моменти, патниците во коработ го виделе нивниот учител, Исус, како оди по морето, и ги фатило голема паника. Откако, според изјавите кои ги дале во Вишиот инспекторат за транспорт и врски во Ерусалим, се увериле дека не станува збор за привидение, Исус го охрабрил Петар да појде по него за да се увери дека навистина е возможно да се оди по вода. Симон Петар, искусен риболовец и добар пливач, ставил нога во разбрануваните води, успеал да направи неколку чекори, за веднаш потоа да почне да тоне. Исус, синот Мариин, веднаш го спасил Симона и го довел коработ на безбедно.

Јавноста во Ерусалим е поделена околу оваа нова епизода поврзана со личноста на господин Исус. Некои велат дека зад неговата загадочна личност се крие Јован Крстител, други пак, Илија, а некои сметаат дека се работи за Јеремија или за еден од пророците. Симон Петар, пак, е дециден: „Тој е Христос, Син на Живиот Бог“.

Извори од Синедрионот, кои сакаа да останат анонимни, ни одговорија со следното прашање: „Што добро би можело да излезе од Назарет?“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz