Озаконето убиство или право на живот

Раѓањето деца станало најголемата утеха за луѓето тогаш кога станале смртни. Поради тоа, човекољубивиот Бог во истиот час, за да ја ублажи прародителската казна и да им го намали стравот од смртта, им го дарувал раѓањето деца, покажувајќи им го со тоа… праобразот на Воскресението. И кога целиот живот би го поминале во среќа, повторно ќе бидеме строго казнети ако не се погрижиме за спасението на децата. Децата не се случајна добивка и ние сме одговорни за нивното спасение. – Свети Јован Златоуст

Правото на живот и почитувањето на правото на живот денес е изразено во повеќе декларации и конвенции, меѓу кои, како најважни се издвојуваат Универзалната декларација за човековите права,1 Меѓународниот пакт за граѓански и политички права,2 Европската конвенција за човекови права,3 4 а овде секако мора да биде спомната и Конвенцијата за правата на детето,5 каде во член 6 конкретно е наведено дека секое дете има неотуѓиво право на живот. (Именуваните меѓународни акти се составен дел од правниот поредок на Р. Македонија.)

Правото на живот во Република Македонија, пак, е заштитено со највисокиот правен акт, со Уставот на Република Македонија, и тоа со член 10, во кој како став 2 стои дека смртна казна не може да се изрече по ниту еден основ.

Не така одамна во Коментарот на Кривичниот Законик на Федеративна Народна Република Југославија, кој стапил во сила на 1 јули 1951 година, во главата што ги обработува кривичните дела против животот и телото, наведено e дека животот на човекот е предмет на кривично правна заштита од самиот зачеток. Така, освен убиството, кое е кривично дело и може да се изврши после раѓањето на човечкото суштество, постои и кривично дело абортус, кое може да се изврши од зачетокот, па сѐ додека човечкиот живот се наоѓа во создавање, односно оспособување за вонматеричен живот.6

Во претходно наведениот Законик, во членот 140, предвидена e и заштита, односно казна за извршување на кривичното дело „Абортус“, за во новиот Кривичен законик, кој во моментов е во важност во Република Македонија, истото да биде заменето со кривично дело „Противправно прекинување на бременост“. Овде прекинувањето на бременоста, односно вршењето абортус, кое не е согласно Законот за прекинување на бременост, се смета за кривично дело, а доколку е во согласност со Законот, дозволено e дејство што го врши стручно медицинско лице со согласност на жената, односно во случај кога таа е малолетна, потребна е согласност од нејзините родители.7

Бебе во прегратка на татка си

Во Законот за прекинување на бременоста е наведено дека заради заштита на здравјето на бремената жена, прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на десет недели од денот на зачнувањето, односно по една година од претходното прекинување на бременост, со писмена согласност од бремената жена. Доколку е малолетна или лишена од деловна способност, потребна е писмена согласност од родителот, односно старателот. Понатаму, уште стои дека, како исклучок, прекинување може да се изврши и по истекот на десетата недела од денот на зачнувањето, односно пред истекот на една година од претходното прекинување на бременост, по барање и со писмена согласност на бремената жена во следниве пет случаи, кога:

– бременоста ќе предизвика опасност по животот на жената;
– врз основа на научни сознанија може да се очекува детето да се роди со тешки телесни или душевни недостатоци;
– до зачнување е дојдено преку извршување на кривичното дело силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење;
– во текот на бременоста се утврди дека жената се наоѓа во тешки, лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.8

Ако го земеме фактот дека денес е 2016 година, а Законикот во кој абортусот е наведен како кривично дело (дозволен само поради отстранување на опасноста за живот и здравје на бремената жена, кога има шанси детето да се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, кога до бременоста е дојдено како резултат на кривично дело и во случај кога раѓањето на детето може да доведе до нарушување на здравјето на бремената жена поради тешки материјални, лични и семејни причини9) важел до 1951 година, можеме да заклучиме дека само за половина век се изменил односот кон абортусот и денес на него се гледа само како на една обична медицинска интервенција.10

Интересен е фактот дека во Уставот на РМ, во член 41, на човекот му е дадено право слободно да одлучува за создавање деца, при што се покрива основата за дозволен абортус, а од друга страна, пак, се прекршува членот 2 од истиот Устав со кој се гарантира правото на живот, како и сите други меѓународни конвенции со кои се штити животот. Ако ова е некој вид компромис за кој се одлучила државата, тој сигурно не им оди во прилог на неродените деца.

Панче Ќосев, магистер на правни науки
докторант на Богословскиот факултет при универзитетот „Овидиус“ во Констанца, Романија

продолжува

Извор: списание „Премин“, двоброј 115/116

1 Член 3 од Универзалната декларација за човекови права, која е донесена и прокламирана од страна на Генералното собрание на ОН, со резолуција 217 А(III), на 10 декември 1948 г.
2 Член 6 од МПГПП, кој е усвоен и отворен за потпишување и ратификување, или пристапување со резолуција на Генералното собрание на ОН, 2200 А(XXI) од 16 декември 1966 г., а стапи во сила на 23 март 1976 г.
3 Член 2 од Европската конвенција за човекови права и фундаментални слободи, која е донесена на 4 ноември 1950 г., а стапи во сила на 3 септември 1953 г.
4 „Институциите во Стразбур немаат решено дали нероденото дете е заштитено со член 2 од Конвенцијата.“ Види: Поднесување предмет пред Европскиот суд за човекови права, Филип Лич (превод од англиски јазик Александар Ускоков, Фидан Даскалов; превод од француски јазик Даница Тортеска), Табернакул, Скопје, 2010, стр. 201.
5 Член 6 од Конвенцијата за правата на детето, усвоена од страна на Генералното собрание на ОН, со резолуција 44/25, од 20 ноември 1989 г. Стапила во сила на 2 септември 1990 г.
6 Dr. Janko Đ. Tahović, Komentar Krivičnog Zakonika, „Savremena Administracija“, Izdavačko-štamparsko preduzeće, Beograd, 1956, стр. 333.
7 Член 129 од Кривичниот Законик на РМ
8 Член 3 и член 4 од Законот за прекинување на бременоста.
9 Уредба за постапката за вршење на дозволен абортус од 16 јануари 1952 г. (Службен весник ФНРЈ бр.4/52).
10 Член 2 од Законот за прекинување на бременоста.

Оставете коментар

1 Comment on "Озаконето убиство или право на живот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] (продолжение на првиот дел) […]

wpDiscuz