Отец Всеволод Чаплин со поддршка за четиридневната работна седмица

Во октомври минатата година, протојереј Всеволод Чаплин, Претседател на Синодалниот Оддел за односи меѓу Црквата и државата на Руската Црква, за Интерфакс изјави дека Русите треба сериозно да ја разгледаат идејата на Меѓународната организација на трудот за работна седмица која би траела четири, наместо пет дена.

– Мислам дека нема да изгубиме ништо ако се одлучиме за четиридневна работна седмица, па дури и без зголемување на бројот на дневни работни часови. Секако, овие измени не би се примениле во услужните дејности и секторите каде што постојано треба да има присутен работник.

Тој исто така посочил дека работниците кои би работеле повеќе денови од предвидените четири би заслужиле и поголеми дневници. Сепак, според неговото видување, оние работни профили од кои се бара постојано и подолго присуство на работното место сè повеќе ги снемува од пазарот на трудот.

Отец Всеволод предложил исцрпна и повеќестрана сериозна анализа од страна на засегнатите страни, општеството и државата. „Видете, секако дека многумина ќе се обидат ваквиот предлог да го претворат во шега… дека Русите не работаат додека се на работа. Некои ќе речат дека во летата во Русија има само еден работен ден – среда… Дека од половината на четвртокот до првата половина од вторникот руското работоспособно население е надвор од Москва. Добро, има луѓе кои можат да ја запазат оваа рутина, дури и зиме [саркастична забелешка, м.з.]. Како и да е, шегата на страна, оваа тема е многу важна.“ Тој забележал дека за многу луѓе, самата природа на работата е изменета. Некои работаат од дома. „Подобро е да се работи од дома, отколку секој ден да се минуваат три до четири часа на патување до и од работа. Во овој случај, приоритет се плодовите од сработеното, а не каде е истото сработено. Не смееме да дозволиме работодавците да ги оковаат луѓето и да ги третираат како робови. Работата од дома им оди во прилог и на работодавачите: комуникацијата со подредените е многу побрза и поефикасна, доколку е заснована на модерните средства на комуникација, наспроти [долгите] разговори во канцелариите.“

Според свештеникот, корисно е да се остваруваат и средби во живо, луѓето „да си погледнат едни на други во очи“, но истовремено, „електронската пошта и видео конференциите се ефективни средства за водење на деловни дискусии“.

– Бројот на состаноци, па дури и формални состаноци, се зголемува, особено во Москва. Има денови кога треба да присуствувам на пет состаноци во различни делови од Москва… Работата што би ја направил на тие состаноци би ја завршил со две-три електронски пораки. Оттука, односот меѓу сработеното и работните часови денес е фундаментално поинаков од тоа што беше пред триесет, дваесет, па и дури и пред десет години. Како и да е, денес треба да ѝ пристапиме на продуктивноста поинаку: прво, треба да се оцени кој вложил труд и со што резултирал неговиот труд. Во иднина, не ни требаат луѓе кои играат Солитер [компјутерска игра, м.з.] на нивните компјутери цели осум часа, туку треба да ги бараме луѓето кои можат да постигнат големи резултати за кратко време. И при тоа не мислам на резултати кои се мерат [единствено] во рубљи или долари.

Претходно, Меѓународната организација на трудот предложи кратење на работната седмица на четири дена, затоа што, според нејзините претставници, тоа е подобро решение: би се создале повеќе работни места, би се подобрило здравјето на вработените, но и самиот квалитет на работа и производство.

Извор: Интерфакс

* * *

Веста ја објавуваме по повод Меѓународниот ден на трудот.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz