Отец Георгиј Калчу: За значењето на страдањето

Отец Георгиј Калчу (1925-2006) бил исповедник за верата. Романец по раѓање, православен христијанин по воспитување, и свештеник по вокација, Калчу поминал дваесет и една сурова година во затвор, бивајќи измачуван и подложен на перење на мозокот – поради неговото храбро проповедање на Евангелието и критикување на комунистичкиот материјализам.

Што да ти кажам? На раце ми умреа луѓе илјадапати подобри од мене. Во затвор умреа мнозина, луѓе што беа многупати повредни од нас, што преживеавме, па сепак, јас грешниот, стојам тука. А да зборам за мене – без разлика дали ќе зборам за тоа колку добро или колку лошо имам сторено – ќе биде како да се фалам. Затоа, тешко ми е да зборувам за овие работи.

Општо земено, многу хвалоспеви се кажуваат; сето ова е прав и пепел, сето ова е суета, но сепак, продолжуваме да се држиме за она што Бог ни го даде, и што некако успеавме да го одржиме преку страдањето, или преку успесите, славата или вината… И така остануваме верни на Црквата и нашиот род.

calciu

Мојот живот во Романија беше преполн со настани, дел добри, дел лоши. Не обвинувам, ниту кривам никого, сето тоа Бог ми го испрати за да ја испита мојата душа.

Еден човек ме праша дали страдањето во затворите ми помогнало некако. Му одговорив: „Не, не ми помогна, но јас сум резултат на тоа страдање. Ако било што правам, ако нешто сум, ако гледаш нешто во мене, знај дека сето тоа е поради страдањето. Без ваквото страдање, јас ништо немам!

Можеби, од сите тешки прашања на луѓето, тоа за страдањето е најнеобјасниво. Зошто е потребно страдањето? Јас имам опит на страдање што ја облагороди мојата душа, и верувам дека за мене, страдањето беше неопходно. Но, тешко е секој да го прифати ваквиот принцип.

Додека бевме во затвор, се прашувавме: „Зошто страдање? Зошто нам? Од толку милиони Романци, зошто токму нас Господ нè избра да страдаме? Која е смислата?“ И Бог ништо не ни откриваше. Секој ден повикувавме кон Бога да ни ја ублажи болката, а Тој, се чинеше, ни даваше уште поголеми страдања.

Дури и откако ме ослободија од затвор, во себе го носев печатот на оваа болка, која, се чинеше, го обележа целиот мој понатамошен живот. После второто затвореништво, пребегнав на Запад и ги посетив сите земји во Европа и Америка, говорејќи за последиците од комунизмот. Мојата цел беше јасна: не можев да молчам сè додека во мојата земја се случуваше страдање, неправда, комунизам, рушење на цркви и уништување на луѓе. И така талкајќи, дојдов во еден манастир и заспав во неговата библиотека. Беше тоа некој католички манастир. Во неговата библиотека, меѓу другите книги, открив едно мало книжуле со христијански изреки. Го отворив книжулето случајно, и наидов на една страна во која беше напишано созерцанието на фрацускиот писател Пол Клодел. Беше напишано:

Христос не дојде во светот за да го отстрани страдањето, ниту пак, дојде во светот за да го објасни страдањето. Попрво, Тој дојде за човечкото страдање да го исполни со Своето присуство.

Слушаш ли? Да го исполни човечкото страдање со Неговото присуство! Тогаш сфатив дека додека плачевме, ридавме и повикувавме „Боже, зошто ни го правиш ова?“, и покрај нашите гревови и падови, Тој е поприсутен во нас отколку во било кое друго време. Тој го исполни нашето страдање со Неговото присуство. И така, точно го сфатив длабокото значење на оваа болка: Бог е присутен во нас!

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz