Отец, благослови

десетто послание до нас, самите

„Ако не го пронајдеш Христос пред вратата кај просјакот, нема да го пронајдеш ни во путирот“.
Св. Јован Златоуст

Одамна имаме заборавено на благословите. Да побараме благослов, да дадеме благослов, да започнеме нешто со благослов, да измолиме благослов… од Црквата (свештеникот, епископот), од домот, од фамилијата (таткото, дедото, мајката, бабата), од роднините и пријателите (кумот, деверот, старосватот). Благослов во работата, благослов со соработниците, благослов за плодна и бериќетна година, благослов за посевите, благослов за стоката, благослов за патување.

Благословот се бара пред сѐ за послушание. Но, ние одамна имаме заборавено и на послушанието. Насекаде само самоволие, инает, негрижа, некултура, бахатост… го нема она право послушание во мир, со смиреност, со покорност, без гнев и инает, без нервоза, со тивко, со полека, православно, вдуховено, радосно, трпеливо, мудро, еснафски.

БлагословНаместо благослов и послушание, нѐ обзеле пцовки, гнев, немир, инает, самоволие, самознание и сезнание, чревоугодие, сеир, гордост, бахатост, мрза, ненаситност, немилосрдие, безрезервност, бес. Брат со брат се раскарани, татко со син се раскарани, роднини не сакаат да се видат, пријатели разделени, колеги кои не се трпат меѓусебно, другари раскарани, комшии со тепачки, забави и игранки со тепачки, на пазар тепачки.

Замислете порано (а тоа не беше баш многу порано, сите се сеќаваат), се бараше благослов за сѐ, за сешто и од секого. Со добра волја, со добра мисла, со позитивна енергија, за аирлија, за добар почеток, за да киниса работата, за вечно благословено. Па дури и за делби, поделби, преселби, промени, за сѐ… Но, со благословот одеше и послушанието, еснафот, почитувањето, држењето на зборот, држењето до ракувањето.

Денес сите сакаме да избегаме, да се оттргнеме, да се разделиме, што поскоро да се поделиме. Пцовки на сите страни, и тоа само пцовки. Се пцуе мајката, се пцуе народот (племето), се пцуе братот, се пцуе крвта. Замислете се пцуе и Господ…

Оној кој пцуе мајка, пред сѐ си ја пцуе сопствената мајка, сопствената сопруга, сопствената сестра, сопствената ќерка и сите оние кои се мајки и кои копнеат и тежнеат да бидат мајки. Оној кој пцуе народ или племе, си го пцуе пред сѐ своето племе и својот народ, како и сите припадници на тоа племе и на тој народ. А да не заборавиме кои и колку Светители дале племињата и народите, а ги пцуеме и нив со тоа. Оној кој пцуе крв или брат, ги пцуе сите, целото човештво. А, за оној кој се осмелил да пцуе на Господа, не сакам ни да говорам, ни да помислам. Нека му ја мисли дури може, да не му е доцна понатаму.

Целосно сме го замениле благословот и послушанието со најниските и најдолните можни погрдности, недостојни дури на за човечкото битие.

Без разлика дали сме богати или сиромашни, имателни или оскудни, видни, невидни, на фунција или работници, црни или бели, наши или ваши, мои или твои, од ваму или од таму, идиме или одиме. Забораваме на православието, не го пратиме, не го почитуваме, забораваме на основата, забораваме на правдата, на вистината, на она кое нѐ створило и кое не држи такви какви што сме. Секојдневно гледаме, односно не гледаме, на луѓето пред портите, на луѓето по контејнерите, на луѓето од улицата, на дечињата кои немаат нови алишта, на дечињата кои немаат кров над главата, огрев за зимата, топол оброк и топла прегратка.

Зркнати сме на нас самите, зркнати на белосветските бескрајности, зркнати кон бескрајноста на пропаста. Зошто? Само поради нас самите: тонеме, нуркаме, се лизгаме…

Без благослов, без послушание.

Тој нѐ одржал, Тој нѐ држи живи, Тој нѐ води.. Ние треба да се огледаме и да живееме според Него, според Неговата милостива Мајка, по животот на оние кои се осветиле према Него. А сите знаеме што Тој измолил за нас, та ние да живееме и твориме за нас само и само по Неговата света волја.

А Тој благословил да биде благословено и послушно.

Патер, Благослови.
Прости и спомнувај.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz