Отецот на бедните од њујоршките улици

Њујорк! Голем град. Чиниш мравјалник од луѓе. Ги анализирам, ги гледам луѓето кои чекорат угоре – удолу по улиците брзајќи. Кој по бизнис, кој на работа, кој само шета, а многумина со торби на грбот чепкаат од канта во канта за да најдат некое парче леб. Или, некој друг остаток од храна кој некој „среќен“ го фрлил. Има и такви кои напишале на хамер дека немаат дом и просат милост од луѓето. Но, луѓето богато облечени и најадени, катадневно поминуваат покрај бедните без да ги забележат.

Вакво е секојдневието по њујоршките улици. Оние кои не биле да го видат овој град, заради некоја си причина, копнеат да го видат. Меѓу нив и јас така го перцепирав.

Многумина, стапнувајќи во „големото јаболко“ некако се разочаруваат од неговиот трулеж, зашто очекувале да го видат во поинаква, благодатна светлина. Реалноста е сурова.

За среќа има добри луѓе кои ќе фрлат по некоја „ситна железна паричка“ за тие души, а некој и со оброк ги нагостува. За бедните тоа е празник. А пак, Бог, Тој не ги остава.

Отец Мартин Краус. Овој отец е свештеник под Американската православна црква и служи во Њујорк. Секој четврток, отец Мартин оди на посебна локација и им дели супа и сендвич на бедните.

Неодамна тој одржа предавање во Теолошката академија „Свети Владимир” во Њујорк на тема „Храната како средство на благодатта” каде што го сподели своето мисионерско искуство со студентите.

Отец Мартин израснал во неправославно семејство. Тој ни раскажа дека кога со своите другари бил излезен често „налетувал” на некој сиромав, но не можел да разбере зошто има бедни луѓе. Кога се запишал на колеџ се запознал со својата идна матушка (попадија) која била православен верник. Во една прилика тој отишол со неа на Божствена литургија во Руската црква каде што таа одела. Ја почувствувал благодатта и желба да стане дел од православата Црква. Се покрстил, а потоа и се запишал на Теолошки факлутет, кој што одлично го завршил.

Потоа, отец Мартин бил ракоположен за свештеник, а и денес е парохиски свештеник во храмот „Света Троица“ во Long Island, една од населбите во Њујорк. Претходниот свештеник во тој храм, отец Давид Кирк имал основано организација за храна на бедните која се викала Emmaus House. Откако тој починал, отец Мартин го следел примерот на овој ревносен свештеник.

Отец Мартин Краус
Животот како литургиски принос: Отец Мартин Краус

Прво, отец Мартин инсистирал да направи мала кујна во црквата каде што ќе може да се готви. Разбирање нашол помеѓу своите парохјани кои го поддржуваат финансиски за ова богоугодно дело. Така, овој отец со неколку волонтери готват супа и прават сендвичи, а секој четврток со мини комбе одат на Менхетен и делат супа и сендвичи на бездомните луѓе кои живеат на улица.

Голем и благословен е овој подвиг! Овој којшто нахранува сиромав, Христа Го нахранува.

Отец Мартин во своето предавање објасни подробно што значи да помагаш на сиромаси. Тој ни рече дека треба да се молиме за сиромасите, но ако само се молиме, а не им помагаме – не правиме ништо. Храна на сите ни треба, особено на оние кои живеат на улица. Всушност тоа е она што најмногу им треба. Не можеме на таквите да им го проповедаме Евангелието на збор, туку само на дело а тоа е преку храната зашто храната во овој случај е средство на благодатта со која ќе им се приближиме и помогнеме на овие луѓе. За сиромасите, храната е вратата преку која оној кој помага може да влезе во нивниот живот.

Отец Мартин, од свое искуство, ни рече дека таквите луѓе се чувствуваат како невидливи за општеството, а ние сме тие кои треба од „невидливи” да ги направиме „видливи”. Неговите зборови одекнуваа: „Кога ним им даваш храна, потруди се да бидеш како еден од нив, па доколку треба и јади со нив”. Потоа ни раскажа еден настан што го доживеал со една жена која живеела на улица. Кога тој ѝ пристапил, таа ладно му одговарала, но по некое време таа го прашала дали ќе се моли за неа. Отец Мартин ѝ одговорил: „Секако дека ќе се молам за вака убаво човечко создание Божјо”. Таа го прашала: „Навистина сум убава?” – на што тој ѝ потврдил дека е убава.

Потоа, таа му раскажала како била силувана од својот татко како мала и не можејќи да го издржи сиот притисок дома, избегала и веќе неколку година улиците се нејзин дом. На крајот таа му рекла: “Кога ќе отидеш дома, кажи им на твоите деца колку ги сакаш и кажи им дека вечерва запозна жена која не ѝ беше дадена вистинска љубов од своите родители”. Ова се само неколку настани кои отец Мартин ги сподели. Уверен сум дека во неговото искуство ваквите средби се бројни.

Голем и благословен е овој подвиг! Овој којшто нахранува сиромав, Христа Го нахранува.

Денес ретки се таквите кои го прават овој подвиг. Но, слава на Бога што сè уште ги има. Ние од страна ги гледаме бедните, но кога ќе почнеме да разговараме со нив, заклучуваме дека многумина од нив имаат чисти срца, но животните врвици ги оставиле на улица.

Она кое јас го видов во очите на отец Мартин е големата љубов со која зборуваше за бедните луѓе, а очите на неколку пати му се полнеа со солзи.

Вака jас го доживеав отец Мартин Краус, свештеникот кој секој четврток оди на Менхетен и им дели супа и сендvичи на луѓето кои живеат на улица.

Приредил: Ипоѓакон Стојанче Андов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz