Опиени од страсти

Добротољубието е прекрасна збирка на дела на светите отци за срдечната молитва. Зборот добротољубие значи „љубов кон убави (=добри) нешта“. Тука не станува збор за скапи, украсни предмети, туку на нештата кои станале убави поради нивната заедница со Бога. Сите нешта се убави онолку колку што се соединети со Бога, Кој Самиот е Убавина.

Во целосното име на Добротољубието стои зборот νηπτικός, што значи трезвен, трезвеноумен, внимателен, буден и се однесува на оние кои ги очистиле земните чувства, станале потполно свесни за Бога и пребиваат во Него. Ваквото име најчесто служи за да се опишат отците на исихастичкото предание на Православието, односно преданието на непрекинатата молитва и внатрешното тихување во монашкиот живот.

Мошне проникливо е тоа што овие отци се опишани како „трезвеноумни“, затоа што искуството во страстите, нескротените желби на душата и телото, најчесто е искуство на опиеност.

Зашто оние, што спијат, ноќе спијат, и кои што се опиваат, ноќе се опиваат. Ние пак, бидејќи синови на денот, да бидеме трезвени и „облечени во оклоп“ на верата и љубовта и „шлем“ на надежта за спасение, зашто Бог нè определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас, та ние, будни ли сме, или спиеме, да живееме заедно со Него (1 Сол. 5,7–10).

Оној кој е опиен не е свесен за работите што го окружуваат. Тој физички, ментално и духовно се сопнува, без да е свесен за сопствената неврамнотеженост. Страстите можат на истиот начин да нè заслепат. Кога сме гневни, ние првично сме свесни за нашиот гнев и она што го гледаме го гледаме низ маглата на енергијата која пулсира низ нашиот ум и тело.

Сите страсти ја имаат оваа особина. Тие нè голтаат и стануваат леќи низ кои ние го гледаме светот и според кои делуваме. Затоа тогаш за човекот се вели дека е „во прелест“. Оние кои го гледаат светот преку нивните страсти, не ја гледаат вистината на нештата. Тие ги гледаат нивните страсти.

Страстите имаат и социјален аспект. Тие не се ограничени на опитот на поединецот. Цели општества, или значителни сегменти во едно општество можат да бидат опиени од иста страст. На пример, едно цело општество може да биде опиено од страста на расизмот (мешавина од незнаење, суеверие, страв, гнев итн.). Таквата страст се засилува кога оние околу нас постојано ја потврдуваат. Многу аспекти на културата се едноставно заедница од страсти.

Живееме во време во коешто страстите внимателно се проучуваат и се користат во маркетиншки цели. Работите кои ни ги продаваат (дури и оние кои наводно се привлечни за нашиот интелект) ги продаваат на нашите страсти. Apple направиле истражување за тоа какво е „чувството“ при користење на нивните пакувања, презентирајќи чувствено искуство кое е поврзано со квалитет, прецизност и вредност. Ова е успешна стратегија низ целата наша култура.

Оние кои се „опиени“ од страстите се препуштаат самите себе како жртви на нивната опиеност. Политичките партии фрлаат огромни суми на пари за нивните кампањи само за да ги создадат и да ги потхранат страстите според кои се водат луѓето што гласаат. Тие не се водат од причини или од одлуки за кои се претходно информирани. Многу од она што јас и ти го мислиме за политичарите е опис на страстите на кои ние им робуваме. Политичкиот цинизам на многумина, до одредена мера, е признавање на нивното гадење од политиката на страстите.

На истиот начин, повеќето од ставовите кои ги потхрануваме се подеднакво производ на нашите страсти. Ние размислуваме, веруваме, одлучуваме, постапуваме, во голема мера во согласност со страстите кои нè поробиле. Богословските дебати генерално се аргументи помеѓу страста на една личност и страста на друга личност. Тоа е разговор помеѓу пијаници.

Токму поради ова, Црквата ги вреднува светите, трезвени отци. Тоа се мажите и жените кои чекореле по тесниот пат на спасението, „умртвувајќи ги потребите на телото“. Внатрешниот мир е состојба на ослободеност од нескротените страсти. И овие отци имаат желби, но нивните желби се очистени и исцелени – вратени во правилен редослед. Трезвеноста значи посакување на правилни нешта, на правилен начин, во правилно време. Предански гледано, ова очистување и исцеление е резултат на покајнички живот, пост и молитва. Ова очистување ги убива демоните и ги исцелува раните на душата. Сите нешта се послушни на Христа.

Тоа е животот за кој зборува Писмото:

Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот (1Пт. 5,8-9).

Во делата на светите отци има еден расказ во којшто е опишана ваквата трезвеност. Монасите од некое братство слушнале гласини дека еден од монасите засолнува жена во својата ќелија. Сите заедно отишле кај игуменот и му се пожалиле. Како што монасите станувале сè поразјарени, старецот се искрал до ќелијата на блудниот монах. Наоѓајќи ја жената таму, ја сокрил во голем земјен сад, го ставил капакот на садот и седнал на него. Наскоро гневните монаси дошле во ќелијата и почнале да ја бараат жената. Поради почит кон игуменот, не го провериле садот на којшто тој седел. Кога не нашле ништо, побарале прошка од грешниот монах и си заминале. Старецот станувајќи му се обратил на монахот: „Внимавај на себеси“.

Ова е повик на трезвеност. Гневните монаси биле опиени од нивната праведност. Нивниот грев е исто толку голем како оној на блудниот монах. Само игуменот бил трезвен. Неговата трезвеност го сокрила гревот од оние кои би го повредиле монахот, а го открила гревот на оној којшто требало да биде исцелен. Зборовите на старецот се љубезни и неосудувачки. „Внимавај на себеси!“ Ова се истите зборови на св. Петар „Бидете трезвени“.

За сите нас е добро, во кое било време од денот и во однос на сите работи и сите луѓе, да внимаваме на себеси.

Оваа молитва на Св. Исак Сириски е една од моите најомилени:

На дверите од Твојата милост тропам, Господи: испрати помош за моите расеани пориви опиени од мноштвото страсти и силата на темнината. Ти можеш да ги видиш гнојните рани во мене: подај ми покајание, но не според тежината на моите гревови, оти ако ми ги откриеш длабочините на гревовите мои, Господи, душата ќе ми ја проголта горчлива болка поради нив. Изнемоштените чекори мои упати ги по патот на вистинско покајание, за мир да најдам од лутината на гревови преку умилението кое како дар од Тебе доаѓа, оти без силата на Твојата благодат јас, бедниот, во себе не можам да влезам, да ја разберам нечистотијата во која се наоѓам, и погледнувајќи на неа, да можам мирно и непречено да стојам.

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz