Оние кои внимаваат на себе…

Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро. Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плетеа мрежите. Кога влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ. А штом престана да говори, му рече на Симона: “Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!” Но Симон Му одговори и рече: “Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата. И штом го направија тоа, тие уловија големо мноштво риби, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и ги исполнија и двата така, што за малку ќе потонеа. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: “Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!” Зашто беше влегол страв во него, и сите што беа во него, од тој лов на риби, што го уловија; а исто така и во Јакова и во Јована, синовите Завеедеви, кои му без другари на Симона. И му рече Исус на Симона: “Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!” Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сè и тргнаа по Него.
17 зачало Лк 5, 1-11

Цела ноќ рибарите се труделе и ништо не уловиле. Меѓутоа, кога Господ, по проповедта, влегол во нивниот кораб и им рекол да ја фрлат мрежата, тие уловиле толку многу, што не можеле да ги извлечат мрежите, кои започнале да се кинат од тежината на рибите (Лк. 5,5-6). Ете ја сликата на секој труд без Божја помош, и секој труд со Божја помош. Додека човекот се труди, надевајќи се единствено на своите сили, ништо не му оди од рака, а кога Господ му се приближува – веднаш следи добро за добро. Во духовно – природните односи неможноста за постигнување на успех без Бога е видлива и очигледна. „Без Мене не можете да направите ништо“, рекол Господ. Тој закон делува во сè. Гранката која не се накалемила на дрвото не само што не носи плодови, туку и се суши. Така, ниту луѓето кои не заедничарат со Господа, не можат да принесат плодови на правдата, кои се значајни за животот вечен. И она добро кое може да се најде кај нив, всушност, само има изглед на добрина, а во суштина го нема својството на добрината. Шумското јаболко наизглед е убаво. Меѓутоа, ако го вкусиш, ќе видиш дека е кисело. И во надворешните, овоземни животни односи ова е опипливо: човекот се мачи, се труди, а нема успех. Но, кога ќе добие благослов Божји, одеднадеж сè поаѓа од рака. Оние кои внимаваат на себе и на патиштата на животот, искуствено ја знаат оваа вистина.

Свети Теофан Затворник
Мисли за секој ден во годината

Оставете коментар

2 Comments on "Оние кои внимаваат на себе…"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

……………

ce dodeka si ispolnet so sebeljubie nemozes da go steknes Boga i covekoljubieto vo svoeto stce
po molitvite na Presveta Bogorodica Gospodi pomilu ne

wpDiscuz