„Окото на Фатима“ – талисман за нашето секојдневие?

Многу често во домовите, по возилата, на облеката на многумина гледам еден интересен симбол – т.н. „турско око“, „окото на Фатима“, или технички кажано, назар бонџук. Според исламското предание, ќерката на Мухамед, Фатима, на својот свршеник му подарила парче сино стакло, и благодарејќи на овој талисман тој успешно го завршил својот пат, при тоа совладувајќи ги сите можни и неможни препреки. Оваа едноставна приказна може да се прочита насекаде, од Википедија, до многу сајтови посветени на езотерија и окултизам.


Самиот талисман не потекнува од самиот ислам, иако е во широка употреба меѓу муслиманите, но и православните. Луѓето го прикачуваат по вратите од нивните домови и канцеларии, на детска облека, но и на облека на трудници. И сето тоа со единствена цел – да се борат против т.н. уроци и магии. На турски начин.

„Благодатен“ окултизам

Во околности на серуска* љубов кон сè што е окултно и паранормално, турските амајлии цврсто се вкоренети во Русија, која се покажа како благодатна почва за ваквите појави. Луѓето, изморени од долгогодишниот државен атеизам, започнаа да тежнеат кон верата. За жал, многумина ја достигнале единствено апстрактната „вера во душата“, која создава една каша од езотерични верувања.

Окото на Фатима

Неодамна осветував еден дом и видов зачудувачка слика. На полицата стоеја икони, фигури на куќни духови и што ли уште не! Притоа, знам дека домаќините се добри, искрени луѓе. Едноставно, во своето религиозно доживување на светот, кај нив во голема мера сè „свето“ е испомешано: имаме икони, и маскоти, и амајлии, и многу други нешта. Позборував со нив, им објаснив дека тоа се различни ствари, па сè друго исфрлија (освен иконите), а домот го осветивме.

Без авторитет

Зошто нашите современици толку лесно се „ловат“ на толку баналната езотерија? Едно од главните обележја на нашето време е недостатокот на авторитет. За повеќето луѓе, ориентир е она што самите тие го сметаат за вредно. Кога не постои авторитет, сè се помешува. Затоа, во еден стан може да се забележи „турско око“ кое има допирни точки со исламот, кинески жаби и годишни симболи, малку словенско паганство, и честопати, по некоја икона.

А втората причина е тоа што ретко размислуваме за смислата на животот, како и за смртта. Смртта е нешто апстрактно што можеби ќе се случи, но не сега. А сега треба да се заштитиме од сè лошо: од негативните енергии што ни доаѓаат преку прозорецот, од уроците и магиите. И, наместо човек сеопфатно да размислува за својот живот, тој донесува одлука да појде по најпростиот пат – да си прикачи амајлија.

Домашен ѓавол

„Но, што има тука лошо?“, честопати го слушам ова прашање. И морам секому одделно да му објаснувам, во зависност од неговата „вештина“ на слушање. Се случува да е доволно на човек да му речеш „Тоа не може да го прави еден православен христијанин. Или си православен, или си паганин“. Се случува, од друга страна, ова да е малку, и да мора да му објасниш дека тоа што тој го прави во суштина е поклонување на демони, и дека таа вам мила амајлија е мал ѓавол во вашиот дом. Секако, вие не сакате да имате такви нешта во вашиот дом.

И она што е најважно – Бог Своите добра ги дава бесплатно. Сите демони бараат плата за нивните „услуги“. И по правило, го бараат најскапоценото нешто што човек го има – неговата бесмртна душа. Затоа, доколку сакате во вашиот дом за чувате некаква амајлија, добро размислете со што ќе треба да ја платите нејзината „помош“.

Слава Му на Бога, после еден ваков разговор, луѓето најчесто ги исфрлаат ваквите ствари од нивните домови. Искрено се надевам дека сите ќе почнат да размислуваат за нивните верски ставови и дека конечно ќе станат свесни дека единствено Бог може вистински да нè заштити, и што е најважно – да нè води токму по патот што ни е потребен, па дури и ако на тој пат имаме потешкотии и проблеми.

Свештеник Александар Јермолин

* Авторот е руски свештеник, и пишува за приликите во руското општество. Бездруго, истото, во помала или поголема мера, важи и за македонското општество.

Оставете коментар

2 Comments on "„Окото на Фатима“ – талисман за нашето секојдневие?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Тони Коцаре

Одличен текст … незнам ни сам на колку сум пробал да им опишам дека знаков не смејт да го поседувет Христијани … .. ама белки еден ден ќе разберат! … и самото поседување е грев!

[…] 1. „Окото на Фатима“ – талисман за нашето секојдневие? […]

wpDiscuz