Од со вера

Но на четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение“, и од страв извикаа. Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе по водата!“ И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за оди при Исуса, но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да потонува и извика: „Господи спаси ме!“ Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?”.

Матеј 14, 25-31

Цел свој живот, секако оној спознаениот, сум го посветил на подготовката и замислувањето на моментот кога ќе се удостојам и Исус ме посети. Мислената претстава за како сето тоа би изгледало ја доживував најпрво со страв од не толку нешто непознато колку повеќе од нешто дотогаш невидено, нешто најчесто дискутирано како случка во областа на магијата, од духовниот свет познат нам само како паралела во која облиците не можат да се допрат, а гласовите извираат од полупрозирни, маглообвиени суштества. И второ, потпирајќи се на оваа моја климава вера, ја доживував со радост, големо прелетнување на душата дека ќе го видам Оној за кого веќе долго време сум резервирал поголем простор во моево срце иако сѐ уште нерасчистено со себе си, и дека конечно ќе завршат сите сомневања дали ќе бидам слуга или син. И после четвртата стража Тој беше тука, се движеше по морето, на површината која вообичаено е непроодна.

Како и учениците, врз основа и на непознаниците од духовното, и јас ќе се уплашев од верното привидение кое сега, во една мирна атмосфера, би го нарекол и часот на спас и признавање. Иако до крајот на приказната ќе се утврди дека сето тоа бил еден од тестовите кои ќе треба да се положат за да се досегне Небото, беше неверојатно возбудливо да се биде дел од сето тоа, во правец на озарувањето говорено. Исус доаѓа волшебно, со моќ немонтирана во вештачки склоп на маркетинг порака која хипнотизерски ги преувеличува страстите и прави фатаморгана од пустите наши желби никогаш неотсонувани. Величествен е одот, исто како и Неговата појава која со надумно разбирање се упатила кон мене, кон тебе, кон нас грешните и дури и ни се обраќа, проговорува, се претставува, не утешува. Единствено што ми доаѓа на памет е во која дупка да се сокријам, каде да ги сместам сите тие лепрозни остатоци по мене, а да не го извалкам Неговиот поглед, и многу парадоксално во следната мисла, како да стигнам до Него, побрзо да му се фрлам пред нозете и го почувствувам откинувањето на бремето. Го прашав, во цела конфузија на прашања и одлуки растрчани да си се вратат во своето смирение, ако е Тој да ми дозволи да го стигнам по водата. Рече: „дојди“.

lorenzo-veneziano

Тоа и беше најважниот испит, резултат на сите молитви во сите денови од еден живот, цел циклус на убедувања и обидување да се премести дури и планина ако се има вера, макар и колку зрно синапово. На патот кон Него, околу тие неколку чекори се одвиваше цела една револуција во внатрешноста, борба на силите од доброто сокровиште против злите јазици на ветровите, виулиците, милните похотливи измамувања на демоните. Првите со крстот на челото ги бодреа нозете да не застануваат само поради навидум отворените усти на страшните бездни под нив, додека другите правеа неиздржлива бука за уште еднаш да го потпомогнат падот. И, верата моја помала дури и од зрно синапово не ми помогна да си расчистам околу потонувањето, па како и секогаш побарав помош од Господа.

Не се случило Исус да не ми ја подаде раката без оглед на повикот поради гревно покајување, страв од адот и смртта или обично благодарење. Секогаш отпосле си повторував дека е тоа поради милоста Негова и си ветував дека следното утро ќе бидам поподобен. Но, сега беше поинаку. Сознанието за сомнежот и колебањето и титулата маловерник ме ужаснуваа. Знам дека сето ќе помине и се надевам дека нема да останам надвор од портите. Но, се прашувам дали можев да се обидам да издржам на тие неколку чекори до средбата? Бидејќи ниту давењето во најдлабоки води не е потешко од изневерената доверба.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz