Од семе до дрво

И друга парабола им кажа кога рече: „Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја, тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“

Матеј 13, 31-32

Секој човек може да погреши, но многу добро би било тоа да не го направи при изборот на семињата во денот пред сеидбата. Тоа рано утро, можеби и пред изгрејсонцето, ќе треба да се донесе најважната одлука во животот, онаа од која ќе зависи подоцна мирот во себеси. Пред себе ќе има варијации од семиња по тип, големина, физичка допадливост и харизма или биолошки својства и имунитет. Треба да го зграпчи вистинското и посее на нивата своја, истовремено означувајќи го стартот на едно стравување за неговата судбина, за плодовите на една одлука за избор и можностите нешто да се корегира при неправилниот развој, па дури и решеноста да се започне од почеток со ништење на едно и засејување на сосема друго семе.

Окото човечко, кое обично мера не познава, можеби би избрало нешто друго, а не зрното синапово кое е најмало од сите семиња. Би се одлучило за семето на трговијата, примамливо не толку по својот изглед колку по сплетките кои ги нуди доколку стане домаќин на таа нива. Злоупотребувајќи ги брзо сончевите зраци за напреден раст, резултатите обично ќе ги покаже во најцрната ноќ кога за неговата дејност е потребно да знаат малцина. Кривулестите патишта по кои се движи се асфалтирани и јасни уште на прв поглед, па таквите карактеристики го прават и привлечно за расад. Дури и светот често се восхитува на првите негови ливчиња со арома на стил.

Ќе растат и синаповото и другите семиња и стануваат растенија. Тоа е фазата во која вистински се согледуваат предностите и недостатоците, камењата и потврденоста на изборот. Синаповото зрно веќе е поголемо од другите растенија, но окото лакоми, а раката посегнува по посјајни, понежни со лажна кршливост или ранливи со крокодилски солзи, со други зборови по похотливите. Како и договорот помеѓу Ева и змијата, верувам дека мнозина ќе се оддалечат од растението со навидум скромна надворешност, без да се доближат макар и да внесат здив од неговиот мирис со густа концентрација на надумна радост, и ќе продолжат кон кокетните, кон оние кои разигруваат околу вас без оглед на исушените цветови кои болно изгниени ги оставаат позади себе, без оглед на отровот кој крвта брзо ја совладува и при најмал допир до невидливото трнче. За подобро споменување одлична асоцијација е страшната сцена од обвитканиот замок на Трнорушка потонат во стогодишен сон и заробен во тешко раскинливи лијани.

sinapovo-zrno

На крајот растението од синаповото зрно станува дрво. Има многу други дрва со компаративна намера, такви кои се гордеат со сенката која би ја надвиле над вжештениот патник, такви со конструкција неопходна за цврста градба или луксузен инвентар, па дури и такви пофалнички за калоричната сила во загревањето на каминот во царски апартман. Синаповото нема многу да зборува или не повеќе од она што ќе го покаже долетувањето на птиците небесни на неговите гранки. Тоа се оние чија порака не смее да се занемари, а обично говори за гласот на Пастирот по планините, милоста која се чувствува во секој тон од Неговиот повик, искрената можност да се сопре со лудилото на страстите и покае стврднатото срце и да се стане дел од стадото кое чекори по трнливиот, но на крајот безбеден пат. Да не се заборави дека тие птици доаѓаат дирекно од Престолот, од местото каде најсилно ги слушнале зборовите на Таткото.

Така, Царството небесно во нас започнува како најмало семе во некој потиснат дел од душата дотогаш изнајмен за непромислено уживање. Со малку напор во почетокот за да се посвети доволно љубов, ќе ги зацврсне своите корења во почвата веќе заинтересирана за идниот живот. Благодатта ќе си работи и полевањето со солзи покајнички ќе го претвори во растение. Борбата и непокорноста кон демонските дошепнувања ќе му го даде обликот на дрво. И навистина која од птиците небесни не би посакала да направи седело во таквите гранки?

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz