Од себепознание кон богопознание

sveti-sava

Живееме во време на голема екстровертност, конзумеризам, многузборливост, лесномисленост и плиткост. Интровертноста се смета за болна состојба, самоконтролата за излишна, самокритиката за непотребна. Себепознанието е оставено како техника на маговите од Исток. Внатрешното истражување, самонабљудувањето, укорувањето на себе и сеќавањето на смртта се третираат како заблудни појави. Истражувањето на внатрешниот човек на самиот истражувач ќе му даде длабоко познавање на духовните нешта и на слабоста на нашата епоха.

Човекот денеска е тиранизиран од огромен стрес, голема несигурност и од трчање по времето и парите. Тој не сака да го чуе срцето, не сака да ги сподели своите маки со пријателите.

Осаменост, индивидуализам и страв владеат во метрополите.

Отсуството на Бога од животот на човекот ги создава сите овие огромни празнини, сите тие трагични пукнатини, кои порано или подоцна создаваат горчливи ќорсокаци. Непоходно е човекот да го најде единствениот, вистински, троичен Бог, да го спознае своето непознато јас, да го гледа со поголема љубов неговиот ближен. Неопходни се малку труд, трпение, упорност, стремење кон љубов, жртва и смирение. Човек ќе Го најде Бога внатре во себе си. Затоа е неопходно самовдлабочувањето. Божјата благодат ќе потпомогне на нашата смирена лична борба.

Тогаш ќе се осмисли животот и ќе се освети човечката личност. Умот ќе слезе во срцето. Човек нема да се однесува емоционално и нелогично, туку срдечно, разумно, човечки. Етосот се состои во скромноста и смиреноста, кои не се изразуваат преку немање сила, туку преку скапоцено украсување. Во денешната грозна глетка на мрак, гнилеж, изопачување, плутократија (владеење на богатите) и насилство, неопходно е нурнување внатре во себе си. Не треба човек да оди подалеку и да бара многу.

Човекот треба малку да успори, да потоне во себе си, да види по што постојано трча и каде се движи, да го спознае своето заборавено јас. Да увиди дека не се секогаш другите виновни, дека не е проблемот само во расипаното општество, туку во голема работите зависат од личната одговорност. Ако си се спознал себе си – си Го нашол Бога!. Си го видел твојот брат? – си созреал во Бога – се вели во прекрасниот Патерик. Неопходно е темелно себеспознание, кое води до сигурно богопознание, како и опитен и расудлив духовник, за да имаме сигурно раководство…

Архимандрит Мојсеј Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz