Од преполнето срце зборови

Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зошто од преполнето срце прикажува устата. Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо. И ви велам, дека за секој лош збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден, оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.

Матеј 12, 34-37

Добро утро, и нема многу филозофија во два збора исполнети со навика да служат како вообичаен поздрав од култура кој се повторува секое утро до определен час во денот, или пак зборови со соодветна тежина во која се вклучени многу благослови, после што овој поздрав навистина станува благодет. Слично на ова, анализата на секој збор што произлегува од човечката уста ќе покаже дека бил инициран од некоја поголема сила веќе создадена во неговото срце, подготвена да испукува или го контролира гранатирањето со говор. Ако слушнеме зборови налик на мед со ароматична густина и привлечна боја, значи биле изнесени од срце налик на памук кое ги потиснало црните раски. Ако слушнеме зборови налик на пелин со неиздржлива горчина и пори со непријатен мирис, значи биле изнесени од срце налик на отровна печурка кое е полно со бескрвни жилички. Да се помолиме да нашата совест има доволно знаење за цензурата која ќе го спречи изнесувањето на оние негодните.

Породи змиини! Како можеме да говориме добро кога сме лоши. Му завидувам на мојот ближен за неговата куќа, сопруга, автомобил, двор, боја на кошулата… Но, при секоја наша средба јас сум весел, љубезен, го восфалувам, му помагам и благословувам. Совеста ли ме проѕре и ги блокирала моите ужасни мисли точно пред да се одделат од моиве усни или моево лицемерие повторно одиграло толку умешно како за вечерта на Оскарите? Сакам да верувам во првото. Сакам да признаам дека можеби сокровиштето ми е лошо, или сепак повеќе збунето отколку навистина зло со онаа црнина вообичаена за насмевката на демоните. Тое е лошо бидејќи се наоѓа во тело, а телото, особено она непроменетото во нова бела облека е слабо, фрустрирачки климаво и на секој чекор нестабилно да падне. Молитвата ќе му донесе добри мисли и свежа крв да ја замени онаа затруената, но концентрацијата не треба да попушти ниту за миг. Да се проверува кој чука на портата, дали има доволно елеј во светилникот и кога облаците ќе го донесат Патникот, се основни работи на кои не смее да се заборави. Постот ќе биде привилегија за дополнителен спокој кога многу сомнителни вредности ќе бидат отстранети за почеток привремено, а подоцна кога ќе се увиди нивниот лажен сјај и целосно во неповрат.

Полека, полека метлата си го прави своето и сокровиштето изгледа чисто и подготвено Создателите да го посетат. Но, сè уште нападите не престануваат и многу лесно храмот изметен може да биде повторно освоен со седум пати полоша сила од претходната.

За секој лош збор изговорен, на Судниот ден ќе бидам суден. Кога кажав клетва, навреда, гнев, иронија, лага, дрскост, … ќе бидам суден. Кога ќе ме прашаат зошто сум го сторил тоа, ќе пелтечам, надевајќи се дека изговорите наликуваат на немизерно оправдување на моите одбрамбени сили тогаш. Нема да го издржам строгиот Поглед и ќе ги наведнам очите кон земјата недоволно каллива да ги впие сите мои недостојности кои често беа причина да се откажам. Ќе ја слушам пресудата без да се расплачам бидејќи тоа сум го сторил безброј пати после лажното покајание.

За секој добар збор изговорен, на Судниот ден ќе бидам оправдан. Кога кажав благослов, милост, добрина, вистина, благост, трпеливост, … ќе бидам оправдан. Кога ќе ме пофалат дека сум го сторил тоа, ќе разлетувам и без опремата на ангелите. Ќе бидам горд, за прв пат откако ја замразив гордоста на земјата, дека сум зборувал како сите оние околу Судиите и дека имаме слични сокровишта. Ќе ја слушам пресудата со непрестајно ридање поради годините исполнети со страв и несигурност дали ќе стојам на ова место без поглед сведнат кон земјата. Колку убави зборови ќе слушнам, какви што уво човечко дотогаш не слушнало.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz