Мојата приказна: Од Ислам до Православие (трет дел)

Продолжение од првиот дел (линк) и вториот дел (линк)

Кевин Ален: Честопати слушаме за искуствата на преобраќање, при коишто човекот бива убеден во вистинитоста (на учењето) дека Христос е Син Божји. Дали нешто слично доживеа и ти, и како би го опишал тоа?

Aнтониј Алај: Да, така е. Тоа беше моментот кога дефинитино се случи моето преобраќање. Откако ги прочитав зборовите на Исус во кои се велеше „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татка си, и ќерка од мајка си. Ако сакате да ме следите, земете го својот крст, заборавете на светот, заборавете на сè, и тргнете по Мене“. Многу ме погоди тоа што Христос повикувал на 100% посветеност, а не ова нежно, лесно Христијанство што го гледав околу мене. И потоа го видов Неговиот пример, Неговиот совршен пат преку кој се искачил на Крстот.

Отсекогаш ме беа учеле дека лицето на Јуда Искариот било изменето така што кога луѓето дошле да Го земат Исуса тие го виделе Јуда, го затвориле Јуда, мислејќи дека тој е Исус. Но, како што ја читав Библијата, а ги читав Евангелијата, бев толку трогнат (оти) буква по буква, збор по збор, беше опишано како Исус бил распнат. Пред сè, Тој не побегнал од тоа. Ако се работело за Јуда, тој би избегал јавно говорејќи „Јас сум Јуда, вие сте измамени, не верувајте!“

Но, наместо тоа, јас го читав Светото Писмо, и во него се велеше дека Исус своеволно пророкувал „Ова ќе ми се случи“, и истото го очекувал. Во Матеевото Евангелие, кога Петар посегнал по нож за да ги спречи луѓето да Го земат Исуса, во истиот момент Исус го исцелил увото на човекот, а на Петра му рекол да го тргне ножот, дека Тој заминува според Неговата слободна волја, дека тоа не е нешто на што Тој е принуден.

Кога Го одвеле Исус пред Неговите непријатели, Тој молчел. Не одговарал на нивните клевети и лаги. Тие Го соблекле. Му облекле багреница. Исплеле трнов венец и Му го положиле на глава. Во десната рака Му ставиле трска. Се поклонувале пред Него, исмевајќи Го, велејќи Му „Радувај се, Царе Јудејски“. Го плукале, и Тој дозволил сето ова да се случи. Го биеле по главата.

Како што го дознавав сето ова, едноставно започнав да липтам и плачам, и Светиот Дух го придвижи моето срце, и започнав да доживувам нешто налик на филмот „Страданија“ (Passion of the Christ). Започнав да плачам како бебе. Не можев да се воздржам. Сфатив дека Исус бил распнат, и тоа дека волно бил распнат, за мене, и посакав да Го следам Исуса. Си реков: „Ќе Те следам, па што сака нека биде“, гледајќи што сè Тој сторил за мене.

КА: Зарем не беше научил, Антониј Алај, како Муслиман, дека пророк не може да умре или да биде понижен на начинот на кој ние, Христијаните, знаеме дека Христос пострадал?

AА: Да, бев научен на тоа. Не знам зошто, но како што го читав тоа поглавје, Светиот Дух го преобрази мојот ум. Подоцна, кога подобро размислив за тоа, (сфатив дека) се работи за противречност, затоа што секоја година, како Муслимани – Шиити, ние го славиме, или го спомнуваме, начинот на којшто пострадал Имамот Хусеин (Ал-Хусеин ибн Али ибн Аби Талиб, الحسين بن علي بن أبي طالب‎‎; син на Али и Фатима Захра, ќерката на пророкот Мухамед, заб. на прев.), при што правиме рани на телата на нашите деца и дозволуваме од нив да тече крв, потоа земаме ланци и се мачкаме со крв за да се потсетиме низ што сè минал Имамот Хусеин.

Приказната за Хусеин е страшна. Онака како што ми беше предадено, тој бил во борба, и штом му ја пресекле едната рака, тој го зграпчил мечот со другата рака; потоа му била пресечена и едната нога, а тој продолжил да се бори со другата. Па дури и кога и другата нога, и другата рака му биле пресечени, тој продолжил да се бори така што го зел мечот во устата. На крај му ја пресекле и главата. Ваква приказна ни раскажуваа. Ете пример на Исламски пророк кој е убиен на најстрашен начин. Оваа противречност едноставно нема смисла.

КА: Дали токму тогаш, откако го прочита Евангелието по Матеја, си рече на себеси „Ќе Го следам Христос“?

AА: Да, кога прочитав за Исус, и она што Тој го направил на Крстот, веднаш си реков: „Ќе Те следам без оглед на сè. Не разбирам сè, но она што го знам е дека Ти си умрел на Крст заради мене, и јас ќе Те следам“.

КА: Што повлече тоа со себе? Дали појде во црква? Дали се покрсти? Дали се приклучи кон некоја црква?

AА: Ја читав книгата „Се гледаме на врвот“ од Зиг Зиглер, и во неа ја имаше Молитвата на грешникот (иницијален, небогослужбен дел од преобратувањето во Христијанин, според Баптистите, со што се остварува однос со Бога преку прифаќање на Исус Христос како Негов Син) па ја кажував таа молитва. Потоа, неколку недели подоцна, појдов во една Јужно-Баптистичка црква, и тресејќи се, во ужас и страв, целиот во солзи, пристапив и јавно ја исповедав мојата желба да Го следам Христа. Се молев со проповедникот, со молитвите кои тие ги користат, да Го следам Христа.

КА: Какво влијание имаше ова на твоето семејство, и особено врз твојот татко, ревносен Муслиман, а и врз другите?

AА: Кога се одлучив да Го следам Христа, бев сигурен дека следното утро мојата глава ќе биде на земја и ќе бидам убиен за Исуса, па си реков: „Добро, така нека биде“. Очигледно, татко ми не беше доследен со оваа исламска пракса, и фала Му на Бога, жив сум. Но, тоа беше многу тешко за татко ми, и меѓу нас се појави голем расцеп. Многу се каравме, а јас дури се обидов и него да го преобратам. Се обидов да го приближам до Христа.

Бев толку упорен што во еден момент тој ми рече: „Види, ако не го следиш мојот пат, тогаш не можеш да живееш под мој покрив“. На крај, јас ја зедов мојата Библија и си реков: „Мојот Небесен Отец е сега мој татко, и сега заминувам во една шума полна со змии-звечарки, и Му ја доверувам на Бога грижата за мене“. И околу три месеци живеев во таа шума, нешто што никогаш претходно не бев го сторил.

КА: Колку години имаше тогаш?

AА: Околу осумнаесет.

КА: Како го прифати воскресението Христово? И накратко, како Исламот гледа на Христовото воскресение?

AА: За мене тоа беше среќен момент, гледајќи Ги Исуса распнат, доживувајќи Го во моето срце и ум, да Го видам воскреснат од мртвите. Бев многу среќен дека не е мртов, туку дека е жив. Муслиманите, бидејќи не го прифаќаат Крстот, не го прифаќаат ниту воскресението на некој начин. Сепак, за изненадување, вo Куранот има три пророштва направени од Исус во кои Тој пророкува дека ќе умре и ќе воскресне од мртвите. Но, Муслиманите велат дека тоа значи дека Тој умрел и дека ќе воскресне во идниот свет, затскривајќи ја стварноста посочена во Библијата, а обидувајќи се да најдат противречности меѓу Библијата и Исламот.

КА: Од моето ограничено познавање на Исламот, тие навистина веруваат дека концептот на Света Троица е тритеизам, богохулење. Како ти ја разбираше троичноста како млад осумнаесет-годишник, кој бил образуван како Муслиман?

AА: Како прво, во Библијата не го најдов она што во Куранот се означува како троична заблуда, според која Отецот на телесен начин со Марија Го зачнал неговиот Син, Исус, нешто што ни велат дека го исповедаат Христијаните, дека ова е Троица. Всушност, сите Христијани што ги запознав ова го сметаа за хула, подеднакво со Муслиманите, така што овој концепт за Троица не постои.

Како што станав Христијанин, си реков: „Не разбирам сè, но знам дека не постои ништо лошо во учењето за Троица, не онака како што учат Муслиманите. Разбирам дека за Христијаните, Троица е Отец, Син и Свет Дух. Не го сфаќам ова целосно, но знам дека Исус пострадал на Крстот, и знам дека морам да Го следам, а единствени луѓе што го прифаќаат ова се Христијаните, така што, ќе им се придружам нив, а другото ќе го сфатам подоцна“.

КА: Антониј, дали сметаш дека Исламот денес има подобар поглед на учењето за Троица? За мене има смисол на еден Муслиман да му речам: „Твоето предание од самиот почеток не ја сфатило догмата за Света Троица“. Мислам дека како исламски апологет, човек треба да има подобар одговор од тоа дека учењето за Троица подразбира создавање на Синот од страна на Отецот и Марија, затоа што е очигледно дека такво учење не постои. Дали денес имаат подобра претстава за ова учење, против кое проповедаат?

AА: Муслиманските проповедници на кои сум наишол, најчесто земаат од учењата на Јеховините сведоци и другите секти, и нивните грешки ги користат против Христијаните кои ја прифаќаат догмата за Троица. Ова е нешто што редовно го забележувам.

КА: Значи, тие користат неправославни учења за Света Троица за да ја побијат оваа догма, наместо да се навратат на вистинското, православно учење?

AА: Да. Всушност, муслиманските лидери ги цитираат писмата на нехристијанските секти кои себе се нарекуваат Христијани, и глумат дека се толку учени, што многу добро ја познаваат Библијата, а всушност ја цитираат надвор од секаков контекст. Ќе ја испревртат, и ќе направат нештата да изгледаат онакви какви што не се. А Муслиманите, пак, кои го слушат сето ова, си мислат: „Леле, нашите учители толку добро ја познаваат Библијата, што ја цитираат подобро од самите Христијани. Мора да се во право, а Христијаните мора да грешат“. Тие не сфаќаат дека изворот што учителите го користат најчесто доаѓа од некакви секти, и од оние кои самите ја извртуваат Библијата од она што таа го кажува. Кога самите тие би ја прочитале Библијата, нештата би им се разјасниле.

КА: Сакаш да кажеш дека голем процент од ревносните Муслимани никогаш не ја прочитале Библијата?

AА: Всушност, во многу случаи, ако некој се осуди да ја чита Библијата и биде откриен, најверојатно ќе биде убиен, или барем осуден. Тоа се прави тајно, скришно. Не можеш отворено да ја читаш. Ова е чудно, затоа што во изворното исламско учење, дури и на самиот Мухамед, Аллах му рекол, „Ако имаш прашања за ова што ти го кажувам, оди кај луѓето од Книгата, Христијаните, Евреите, луѓето кои го читаат Светото Писмо, и прашај ги, и тие ќе можат да ти го протолкуваат ова што ти го кажувам“.

Но, со текот на времето се создал овој страшен гнев и антипатија кон сè што е поврзано со Библијата, и човек може да биде гонет ако биде виден со Библија.

КА: Како што продолжи да ја проучуваш Христијанската вера, дали се појавија противречности со тоа што си бил учен за Исламот, и она што подоцна си го открил за Исламот, и дали можеш да споделиш некои од нив?

AА: Дефинитивно. Еден од нив е концептот кој штотуку го споменав, дека всушност, на Мухамед му било речено да оди кај луѓето од Книгата, да се смирува пред нив, за тие да му помогнат да го сфати она што му било откриено. Тоа е толку спротивно на она што се кажува денес, „Ние сме непријатели со Христијаните и Евреите“.

Друга работа е – кога Библијата била (наводно) изменета? Знаеме дека Мухамед го цитирал Светото Писмо. Кога и да биле изведени Христијани или Евреи пред него, тој велел: „Одете и донесете ги нивните Писма, да ги прочитаме. Што и да велат, ќе го исполниме“.

За време на животот на Мухамед, се сметало дека Светото Писмо е неизменето, инаку Мухамед не би велел да го читаат и да им се суди на луѓето според него.

Значи, ако речеме дека за времето на Мухамед Писмото било Свето и неизменето, веднаш знаеме дека има свитоци што датираат неколку века пред Мухамед, и кои ни покажуваат која Библија ја читал Мухамед. Меѓу тие свитоци и денешните преводи на Библија нема разлика. Тогаш, ги прашувам Муслиманите, кога била изменета Библијата? Велат дека тоа се случило подоцна, а јас повторно им велам дека ги имам автентичните свитоци, и тогаш како е можно Христијаните и Евреите, кои се спротивставени по прашањето за Христовата Личност, да седнале заедно, и заедно да го измениле Писмото за во него Христос да биде Оној Кој вели дека е? Едноставно, ова нема никаква логика. Нема начин такво нешто да се случило. И, како би можеле римските владетели да зборуваат за Христовото распнување, како можеле да го изведат, како може некои нерелигиски извори да посочуваат на веродостојноста на христијанската порака и историските документи?

Другиот дел на кој би сакал да се осврнам е фактот дека ние навистина мислевме дека Куранот е апсолутно совршен, дека не може да бил изменет. Во стварноста, пак, еден од нашите муслимански водачи бил запален затоа што тој запалил неколку верзии на Куранот, кои ги сметал за противречни, и кои предизвикувале поделби и шизми меѓу Муслиманите. И така, тие зеле една верзија, и рекле дека таа ќе биде верзијата што сите ќе ја следат. Тоа е чудно. Кој бил вистинскиот Куран? Добро прашање. Не знам дали некој има добар одговор на ова.

Друго нешто се однесува на она што Куранот навистина го вели за Христовото распнување. Имаше еден стих, се сеќавам, кој велеше нешто како „Тие ниту го убија, ниту го распнаа“. Кога ја читав Библијата, мислев дека ќе најдам стих кој вели дека тие Го убиле и распнале, и дека истиот ќе го пречкртам, и ќе имам вистинска Библија. Наместо тоа, најдов детално опишана случка. Некои апологети велат дека ако во тој стих, наместо „Тие“ напишеме „Евреите“, нештата ќе бидат појасни. Но, ако Евреите не Го убиле и распнале, тогаш кој го направил тоа? Исус ни кажува дека Тој доброволно пошол на крсна смрт.

Всушност, може да направиме една хармонизација, синхронизација на многу делови од Куранот и Библијата, и Муслиманите би можеле да Го следат Христа, верата Авраамова, а не да се откажуваат од верата Авраамова, а да тврдат дека го прават спротивното.

Како што разбирам, верзијата на Троица која Куранот ја дефинира како хула, се совпаѓа со мислењето на Христијаните за кои е хула дури и да се помисли дека Бог имал телесни односи со човечко битие за да се роди Исус. И во Библијата, и во Куранот, се учи дека Светиот Дух слегол врз Марија, и Исус бил зачнат.

Исто така, не би сакал премногу да навлегувам во учењето за Света Троица, затоа што тоа е учење кое се открива откако човекот ќе влезе во верата, ќе ја проучува и ќе созерцува, отворајќи го своето срце и ум пред Бога, за да навлезе во подлабоко разбирање. И ден денес јас учам каков благослов е што имаме заедница во љубовта на Отецот, Синот и Светиот Дух, тоа што јас можам да имам жив однос со Бога, да Го имам Бога во мене, и јас да сум во Него.

Во Исламот, учењето беше дека Бог е во Недојдија, и дека ќе дојде да нè казни ако сме згрешиле нешто. Не постоеше поимање за еден однос меѓу мене и Бога.

Ова се само неколку нешта што веднаш ми паднаа на ум.

КА: Значи, не постои сфаќање за благодат, така да се рече, како Муслиман, дека Бог би ги простил гревовите што си ги извршил, според Неговата љубов и милост?

AА: Секоја сура во Куранот започнува со Бисмилла Ал-Рахмаан Ал-Рахиим (Во името на Аллах, Милостивиот, Милосрдниот), и ова е израз на Божјата милост, но кога би го применил ова, тогаш останува еден страшен бог кој е спремен да те казни за сè што грешиш. Милоста не ја гледам никаде. Всушност, во исламското богословие се учи дека Куранот е факултетска книга; значи, Тората е книга за во основно училиште, Библијата за средно, а Куранот за на факултет.

И така, јас си помислив „супер, кога го читам Писмото, гледам дека Законот дошол преку Мојсеј, а благодатта и вистината дошле преку Исус Христос, што е следно ниво, за потоа да дојдеме до Куранот кој повторно нè враќа кон Законот, што значи значи дека станува збор за уназадување. Каде е вишата идеја? Нема ништо поголемо од благодатта и милоста Божја за која читаме во Светото Писмо“.

КА: И не постои однос, како таков, со Бога, со Аллах, во Исламот? Човекот е едноставно слуга? Нема заедница во љубовта со Бога? Бог не е наш Отец?

AА: Точно. Ние сме обични созданија. Ние сме само амеби, би можеле да речеме на некој начин. Ние сме созданија, а бог е бог, и Тој е целосно отстранет од нас. Идејата за однос со Бога звучи туѓо, богохулно за исламскиот ум. А всушност, во Христијанската вистина, и во учењата Христова, толку силно е нагласено дека Бог ни е Отец, и нè љуби, и сака да нè благослови, и сака да ни даде од Неговиот живот, и сакал да влезе во заедница на љубовта со нас, и да направи таа љубов да нè преобрази до таа мера што на крај ќе ги љубиме и нашите непријатели, и онака како што Исус пошол на Крст за Неговите непријатели, така и ние да појдеме до Крстот заради нашите непријатели, и ние да ги дадеме нашите животи во име на љубовта, не очекувајќи ништо за возврат.

КА: Нестрплив сум, а верувам и нашите слушатели, за понатамошните делови од интервјуто, кога ќе зборуваме за твоето патување од Протестантизам и Евангелизам до Православие, но за сега ќе го завршиме нашето интервју. Многу ти благодарам, Антониј Алај. Ова беше прекрасно. Ти благодарам. Ова е вистински благослов.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz