Образот на образованието

Плаошник

Неодамна го прославивме патронот на градот – светиот Климент Охридски. За него многумина не знаат дека всушност бил епископ Велички – област за која денес не се знае со сигурност каде точно се наоѓала, но сигурно не станува збор за Охрид. Веројатно е област на јужното крајбрежје на езерото. Но, каде и да епископствувал свети Климент, со сигурност овоземниот живот го завршил на Плаошник, во манастирот што сам го изградил надвор од својата епархија, на локација која ја добил како подарок од цар Борис Михаил. Поголемиот дел од неговите мошти почиваат таму до денес. Го прославивме со богослужби, со церемонии и манифестации од секаков карактер, како што и доликува достоинствено да биде прославена личноста со која градот се идентификува.

Поминаа прославувањата, а градот продолжи со својот живот во „летен ритам“. Мене, пак, ми остана една мисла која решив да ја споделам. Ако се идентификуваш со некого, значи дека го почитуваш и подражаваш неговиот живот и дело. Целосната негова личност, а не одредени сегменти. Можеби не знаеме каде се родил и каде епископствувал нашиов патрон, но со сигурност знаеме дека во неговото училиште за веронаука денес наречено Охридска книжевна школа поминале околу 3500 ученици. Некој ќе ми забележи што го нареков училиште за веронаука, а не „училиште за калемење“, но фактите говорат дека богословието било основната цел на дејноста на свети Климент – „духовна просвета на народите мизиски“, а останатите науки и вештини кои се изучувале биле „придружни членки на универзитетот“. Токму овие неколку илјади перспективни светиклиментови ученици се темел на културата со која Охрид се гордее.

Не знам кога започнувала и кога завршувала образовната година во светиклиментовото училиште, но наскоро ќе започне нова учебна година – и овој пат без ниту една паралелка во Охрид која ќе изучува Веронаука (т.н. Етика на религиите). Официјалните законски одредби велат дека за изборот одлучуваат родителите заедно со своите деца. Немам ништо против тоа уште еден социолог кој ќе предава „Историја на религиите“ да обезбеди гола егзистенција. Но, очигледно за црковните вредности на кои свети Климент ја засновал својата дејност, веќе нема место во образованието. Последиците од ваквата дезориентираност веќе се насетуваат. Но, за да не зборуваме пристрасно да видиме што велат светски познатите социолози за пропагирањето на ваквата палета на микс-вредности на синкретистичката „Историја на религиите“.

Образование значи „формирање на образот“, градење на личноста, а секако еден сегмент од образованието е и стекнување на знаење. Значи примарно во образованието е градењето на личноста преку стекнување на одредени вредности. Социолозите и психолозите велат дека од мигот на раѓањето, па сѐ до смртта човекот прифаќа одредени вредности, стекнува знаења, развива способности и на тој начин се интегрира во општеството – се социјализира. Еден од најстудиозните истражувачи кои се занимавале со феноменот на социјализацијата – Емил Диркем, како најголема пречка во овој процес го истакнува беззаконието. Во последно време беззаконијата се сѐ побројни, па да навлеземе малку во значењето на овој збор. Многумина мислат дека „беззаконие“ е недостаток на закон. Спротивно на тоа! Колку повеќе закони имаме, толку побројни се беззаконијата. Зошто? Според Диркем беззаконието е индикатор за недостиг на заеднички вредности, општествени норми, кои го одредуваат изборот и одот на поединецот, а со тоа и на општеството во целост. Кога едно општество нема систем на заеднички вредности, тогаш постои конфузија на идеи, збрка на вредности и токму од тука потекнува беззаконието. Така, луѓето кои немаат вакви заеднички вредности имаат потреба од закони според кои ќе се управуваат и кои со сила ќе им наложуваат што треба, а што не треба да прават.

Еден услов за да постојат вакви заеднички вредности кои ќе создадат здраво општество е развивањето на општествената и културна свест. Што е општествената свест? Секако таа е акумулација од личната свест на поединците, зашто надвор од човекот нема свест. Кога нема здрава општествена свест, честа е појава на душевни пореметувања, зашто внатрешниот живот на човекот нема здрав темел, нема сигурна котва. Ете зошто се потребни многу закони – за да се реши оваа конфузија на вредности. А, кога има многу закони – неизбежно е нивно непознавање и следствено прекршување на истите, што се изразува со зборот „беззаконие“.

Па како сакаме да имаме здрави личности ако го немаме „Архимедовиот лост“ на здрави вредности, кој ќе биде клучен општествен двигател од најраната возраст. Ако на едно дете му кажеме дека „Постои и Христос, постои и Конфучиј, постои и Буда и сите тие кажале по нешто убаво, и сето тоа е религија…“ – создаваме само конфузија во детската глава. Додека очекува да научи нешто, ние му даваме послужавник со сите овие нешта: „Повели, избери“. Врз основа на кои вредности да избере? Според кој критериум?! Ако личноста не почне да се гради од една здрава основа, да знае каде е и што е, како ќе може да застане и да дискутира и расудува, подоцна во пубертетот и во возраста на негирањето, критиката, сомнежот и преиспитувањето?

Како аргумент против изучувањето на верските вредности (Веронаука) е ставот дека тие „осудуваат и ограничуваат“, и дека во мултиетнички општества како нашево, лесно може да доведе до разгорување на страстите помеѓу различните вредности. Нема да одам предалеку. Ќе кажам само дека христијанството (на пример), другиот – различниот го нарекува „ближен“, а љубовта кон него ја истакнува како највозвишена добродетел. Зарем е штетно едно дете да го знае ова и да го негува? Но, за да го прифатиш различниот, и ти треба да знаеш каде си и што си. Во спротивно ќе бидеш отворена шуплина во која влегува и излегува сешто.

Така, апсурдно е верско образование кое едвај се изучува во една година од основното образование да биде компаративно, зашто ќе создаде психолошки проблеми, а утре овие личности нема да можат да создадат едно здраво општество, чии членови ќе го негуваат сегментот „ние“. Тоа е основата на здравиот идентитет. Различноста не значи непријателство. Теоријата на општествениот поредок вели дека не може да се одржи едно општество ако не ги одреди границите на вредностите според кои се резликува од другите општествени целини со кои доаѓа во контакт. Некој ќе рече: „Зарем предметот на синкретистичката ’Историја на религиите’ ќе ни го уништи општеството?“

Клучот е во тоа што религијата е основен елемент на заедницата. Верата е одговор на битовото прашање, според кое човекот си го уредува секојдневието, го гради животот и односот кон другите. Вредностите се градежни материјали на општеството. Кога не постојат овие материјали, постои ризик градбата да се сруши во секој миг. Ете каде е проблемот на микс-вредностите што ги дава предметот „Историја на религиите“. Дури и кога едно општество од политички причини ќе биде уништено, или расцепкано, клучот кој може да доведе до обединување е неговите чинители да се стремат кон исти вредности.

Во 2004 година во САД излезе од печат книга на познатиот социолог Самјуел Хантингтон со наслов „Who are we?“ (Кои сме ние?), која го анализира токму овој проблем на мешање и губење на вредностите на територијата на САД, а со тоа и на идентитетот. САД се изградени на основа на вредности поставени од Џорџ Вашингтон – „белиот англосаксонски протестант“. Со изместувањето на овие вредности се создаде проблемот кој го третира Хантингтон.

Еве што велат социолозите, дури и оние од релативно новите општества како што се САД. Па, зарем имаме потреба од други аргументи? Овие ќе бидат последиците од компаративното вероучение на возраст на која се градат основните вредности на човекот. Ќе се случи едно невешто оштетување на младите генерации. Затоа да се вратиме на коренот на светиклименотвото слово, кое декларативно сите го почитуваме и со кое се фалиме. Да го направиме тоа додека сѐ уште има време и да ги сочуваме вредностите врз кои со векови се градело нешето општество и кои станале генетски код на нашиот човек, зашто ако не го негуваме своето, ќе знаеме ли да го почитуваме и вреднуваме туѓото?!

Виктор Недески

Оставете коментар

1 Comment on "Образот на образованието"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Верица Костова
Почитуван чтец Виктор Недески! Со радост се сеќавам на богослужбите во чест на светиот наш отец Климент Охридски. Радоста ја надополнија заедничките молитви со Вас. Токму заради преблагодатните богослужби, „летниот ритам“ е оној аспект што го запоставувам кога го посетувам Охрид. Иако законски, предноста да го предаваат предметот „запознавање со религиите“ ја имаат дипломираните професори по философија… за голата егзистенција на философот – да не почнувам, и тоа не е тема на моето писмо. Дозволете да го искажам моето мислење дека веронауката започнува пред сè во семејството, и таму најдобро се негува. Оти, каква е ползата ако децата учат веронаука… Read more »
wpDiscuz