Храмот на св. Георгиј Победоносец во Лида

На 16 ноември Црквата го празнува споменот на обновувањето на храмот на свети Георгиј во Лида (Георгиопол, Палестина – денешен Лод, Израел). Историски гледано, првото осветување на храмот се случило за време на царувањето на благочестивиот цар Константин, кога во овој ден во него биле положени и нетлените мошти на светиот великомаченик. Покрај нив, во храмот се наоѓаат и веригите во кои бил окован овој Христов воин. Настанот се случил токму на овој ден (3/16 ноември), а првите извори за чествување на денот се појавуваат во 1030-та година (минеј на Сириската црква). Храмот ја преживеал персиската наезда од 614 година, но бил разрушен од страна на Хаким Безумниот во 1009 година, за повторно да биде изграден во XI век од страна на византискиот цар Константин Мономах. Во 1442 година западниот дел од црквата бил претворен во џамија од страна на Муслиманите. Само источниот дел бил сочуван, останале единствено олтарот и кинотафот на великомаченикот, врз кој Христијаните продолжиле да богослужат.

Кон втората половина на XIX век, голем број на верни и православни Руси биле привлечени од ова светилиште, и со нивна заложба и финансиска жртва, а по молитвите на великиот победоносец Георгиј, храмот повторно бил благоустроен. Во 1872 година, во времето на Ерусалимскиот Патријарх Кирил II, повторно на истиот ден, храмот бил преосветен.

По молитвите на светиот и славен победоносен великомаченик Георгиј, Господи Исусе Христе помилуј нè.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz