Објавена листата со грчки клирици кои биле масони

Масони

Уште поодамна можеше да се слушне една приказна, што наликуваше на урбана легенда: „Во Великата ложа на Грција постои список со клирици кои се масони“. Беа споменувани имиња на видни клирици, па дури и патријарси кои, наводно, биле масони и кои носеле одлуки под влијание на масонската идеологија. Од друга страна, на луѓето кои не веруваа во ваквите теории на заговор им беше тешко да ги негираат ваквите тврдења, од проста причина што масонските ложи и братства отсекогаш биле и се обвиени во таинствено и недостапно опкружување. И затоа, без доказ, оваа легенда се ширеше без ниту еден доказ или потврда. Исто така, и Грчката Црква никогаш не призна дека некои нејзини клирици се масони. Во март 2014 година Синодот усвои текст со кој слободното ѕидарство, односно масонство, беше осудено како спротивно и неспоиво со православната вера. Во истиот документ уште е наведено дека „клирици на Црквата во Грција ниту биле, ниту се членови на било која масонска ложа“.

Но, деновиве на официјалната веб-страна на „Великата ложа на Грција“ се појави список на „истакнати масони-Грци“ на кој, меѓу другите, можат да се забележат и следните имиња: Вселенските Патријарси Атинагора (+1972), Василиј III (+1929) и Јоаким III (+1912), Ерусалимскиот Патријарх Бенедикт (+1980), Александрискиот Патријарх Фотиј (+1925), Атинските Архиепископи Хрисант (+1949) и Мелетиј (подоцна и Вселенски Патријарх, +1935), како и Митрополитите Иринеј (+1963) и Херувим (+1952).

Скептиците сепак се сомневаат во вистинитоста на објавената листа. И со право, би додале, затоа што сите наведени клирици се одамна упокоени, и не можат да ги отфрлат ваквите тврдења, или клевети, објавени на официјалната веб-страница на „Великата Ложа на Грција“.

Извор: Orthodoxia.info

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz