О. Александар Шмеман: Солженицин, Русија, Црква…

Понеделник, 12 мај, 1975

И така, повторно, после минатогодишната планинска средба во Цирих – четири дена со Солженицин – двајцата насамо, далеку од луѓето. Овој излет би можел да се нарече езерска средба – поминавме покрај многу езера! [средбата се одржала во Канада, после Велигден, м.з.]

Малку по малку ми се средија мислите и впечатоците, па се прашувам – ако треба да изнајдам формула, каква би била? Мислам дека за време на овие денови што ги минавме заедно, силно и остро ја почувствував нашата темелна различност – различноста меѓу „богатството“ кое владее со нашите срца („Каде е вашето богатство, таму е и вашето срце“) [Мт 6,21]. Неговото богатство е Русија и само Русија – моето е Црквата. На неговото богатство тој е посветен на начин на кој никој од нас не е посветен на нашето. Неговата вера, ми се чини, ќе помести и гори, додека нашата – барем мојата, во секој случај – нема.

Каква слика останува од овие четири дена во кои секој час го поминавме заедно?

Голем човек! Опседнат од својот повик, мисија, целосно идентификуван со неа – несомнено голем човек. Навистина, од него излегува сила!

Кога човек ќе се сети што и колку пишувал, и во какви околности, одново и повторно бива поразен. Но, (овде почнува тоа „но“), она што мене ме погоди овие денови беше:

1. Утврдената проста (primitive) елементарна свест – без разлика дали се работи за луѓе, настани, погледи на природата итн. Суштински, тој нема осет за било каква нијанса на сложеност.
2. Недостатокот на разбирање за луѓето (како кај ретко кој друг), па можеби дури и неволност за размислување за нив, за запознавање со нив. Тој ги сместува во однапред готови категории; прилично утилитарен во неговиот суд за другите.
3. Му недостига благост, сожалување, трпеливост. Напротив – моментална недоверба, претпазливост, интерпретација in malem partem.
4. Неверојатна самодоверба; непогрешливост.
5. Неверојатно таинствен.

Би можел да продолжам, но нема. Прилично сум сигурен дека ниту една од овие маани, кои толку ми сметаат, на ниту еден начин не ѝ противречи на неговата големина, на неговиот книжевен дар. Убеден сум дека квалитетите што ги поседува еден уметник (токму оние, човечките) може да постојат во неговото творештво – а притоа самиот пистател во својот личен живот да не мора нужно да биде сообразен на писателот од неговите дела (види на пр. Достоевски et al).

Напротив, еден од мотивите, една од причините на неговата творечка сила е токму интензивната противречност меѓу животот и тоа што писателот го создава. Тоа што ме загрижува, вознемирува и плаши не е тежината на неговиот живот, не е неговата личност, туку основната шема на која целосно ѝ е предаден и на која ѝ служи без ограничување.

Сите овие денови кои ги поминав со него имав чувство дека сум постар брат што има работа со дете, тврдоглаво и дури размазено, кое нема „да разбере“ – и оттука, подобро би било да му попуштам („постар си, попушти му!“) за да има мир, слога, а во надеж дека „тој може да порасне и да разбере“. Јас сум студент на некакви високи студии кој има работа со помладо дете кому е потребно сè да му се упрости, со кое треба да се зборува „на негово ниво“.

Извадок од Дневниците на отец Александар Шмеман

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz