Ново чудо на св. Симеон Мироточив

Пренесуваме сведоштво за чудото што, по молитвите на св. Симеон Мироточив, им се случило на Георгиј и Вера од Москва, испратено до редакцијата на Православие.ру.


Почитувани уредници на Православие.ру,

Со благослов на игуменот Алексеј, би сакале да ви ја раскажеме нашата приказна, во слава на Бога, а за засилување на верата на сите оние што се молат да родат деца.

Сопругот и јас немавме деца многу години. На почетокот не обраќавме големо внимание на ова, помнејќи дека сè си има свое време, и верувајќи дека бременоста ќе си дојде самата, кога ќе треба. Но, со години не успевав да останам бремена… Ги посетивме најдобрите лекари, направивме десетици анализи, и заклучокот на лекарите беше: можноста да зачнеме бебе е речиси 0%. Но, и покрај ваквите статистики, ние не губевме надеж: подлегнавме на неколку медицински процедури, а мојот сопруг дури и се оперираше. Но, ете, сето ова не даде плод. Цели шест години се мачевме.

Во истиот овој период на борба, Георгиј започна да верува во Христа, се покрсти, а ние се венчавме в црква. Честопати заедно одевме на поклонички патувања, се молевме за пород, често се исповедавме и се причествувавме. Секоја сабота, цели две години, одевме на молебната служба на св. Симеон Мироточив, заедно со други мажи и жени кои не можеа да имаат деца; секој ден се молевме на Господа, на Мајката Божја, на преп. Симеон Мироточив, на блаж. Давид Гареџиски, и на светите богоотци Јоаким и Ана. Нашиот исповедник, игуменот Алексеј, благослови мојот сопруг да ја посети Света Гора, со напомена да оди во манастирот Хиландар, за да земе плод од лозата на св. Симеон, која расте и зрее од празникот гроб на преподобниот. Георгиј појде на Света Гора, и се врати дома со грозд од хиландарскиот лозов плод. Од 9 октомври до 16 ноември 2014 година постевме, и секој ден пиевме осветена водичка и парче од лозовиот плод на св. Симеон. Секојдневно го исполнувавме молитвеното правило. Кога заврши постот, се исповедавме и се причестивме. Две седмици подоцна, на празникот на Воведението на Пресвета Богородица во Храмот, тестот за бременост беше позитивен! Замислете, на славата на манастирот Хиландар на Света Гора!

Чудотворната лоза на св. Симеон Мироточив

Веднаш одлучувме нашето од Бога дарувано дете да го крстиме Симеон, во чест на преп. Симеон Мироточив. За време на мојата бременост, ја почувствувавме Божјата помош, заштитата на Пресветата и благословот на св. Симеон. Секој ден ги читав акатистите на Пресвета Богородица и преп. Симеон, и се молев. На почетокот сè беше радосно, удобно и мирно, но искушенија не недостигаа. Самиот Господ ни покажа колку сме слаби и кршливи, и дека во целост зависиме од Него.

Во 25. недела од бременоста се јави умерена прееклампсија, и бев пренесена во болничко одделение. До 28. недела лекарствата веќе не делуваа, и бев пренесена на интензивна нега, каде останав осум дена. Секој час, состојбата се повеќе ми се влошуваше. Мојот, и животот на бебето беа во опасност. Секој момент се молевме на Бога, на Богородица, и на св. Симеон и св. Давид. Истовремено, и сите наши познаници, верници, монаси, свештеници, сите се молеа за нас. На почетокот од 29. недела лекарскиот конзилиум одлучи да одиме на царски рез.

И замислете! Нашето бебе се роди токму на празникот на св. Давид Гареџиски, и веднаш ја започна својата борба за живот во инкубатор, на интензивна нега. Цели два месеци остана во болница, се научи да диши, да ја одржува телесната температура, да јаде, откако беше родено со само 990 грами!

Денес Симеон има осум месеци, и повеќе од 7 килограми! Како што велат докторите, веќе ќе ја достигне препорачаната тежина. Многу е радосен, жив и комуникативен; само по некој белег од катетерите на неговите мали рачиња нè потсетува на времето што го помина во болница.

Постојано Му благодариме на Бога, на Неговата Пречиста Мајка и на преподобниот Симеон.

Слава на Бога за сè!

Георгиј и Вера
февруари 2016 г.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz